НЕОПХОДНА ПОДДРШКА ОД ДРЖАВАТА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ КОЛАПС НА ВИНСКАТА ИНДУСТРИЈА ВО ДРЖАВАТА
➢ Актуелно (14.09.2020)
👁 Прочитано: 424



НЕОПХОДНА ПОДДРШКА ОД ДРЖАВАТА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ КОЛАПС НА ВИНСКАТА ИНДУСТРИЈА ВО ДРЖАВАТА

Економската криза предизвикана од Ковид-19 пандемијата предизвика сериозни пореметувања на глобалниот вински пазар, истовремено нанесувајќи огромни штети врз македонската винска индустрија.

Домашните винарии бележат пад на продажбата на вино на домашен пазар и до 80%, пред сѐ поради намалениот промет во угостителскиот и туристичкиот сектор каде се остварува најголем дел од потрошувачката на флаширано вино. Дополнително, обидите на големите производители на вино од ЕУ (Италија, Шпанија и Франција) да се ослободат од големите залихи, предизвикаа намалување на цените на виното на клучните извозни пазари, особено на наливното, за повеќе од 25%, што креираше дополнителен притисок за намалување на цената на македонското вино кое се пласира на странските пазари и намалување на вкупниот девизен прилив од извозот на вино.

Ваквото сигнификантно намалување на продажбата на вино на домашниот пазар и намалувањето на цените на виното на главните извозни пазари, сериозно ја влошија финансиската стабилност и ликвидност на македонските винарници, што го доведоа во прашање редовното производството на вино и реализацијата на годинешниот откуп на грозје и претставува потенцијален проблем и за лозарите и за државата.

Во вакви крајно отежнати околности, македонските производители и извозници на вино се приморани да ги прилагодат своите деловни планови, вклучувајќи ја и ценовната политика за откуп на грозјето спрема условите што ги диктира пазарот и ситуацијата предизвикана од Ковид-19 кризата. Производителите на вино, а особено извозниците на наливно вино се соочуваат со големи ценовни притисоци на светско ниво, што ја прави откупната цена нереална и невозможна без интервенција од државата.

Ставот на домашните винарии е дека за да може да се откупи целокупната количина на грозје од годинешната берба, по дефинирани цени, ќе биде неопходна директна финансиска поддршка од државата.

Мора да се интервенира рационално и да се дејствува брзо и одлучно, во спротивно постои реална опасност за целосен колапс на македонската винска индустрија која обезбедува годишен извоз од околу 50 милиони евра и обезбедува работа и социјална сигурност за околу 30.000 индивидуални земјоделски стопанства, 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74 регистрирани домашни винарски визби.

Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија