„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
30.04.2025
Со донација од 180.000 денари за потребите на Одделот за хематологија и онкологија при Клиниката за детски болести во Скопје, финансиското друштво „М Кеш“ ја започна општествено одговорната иницијатива „Од срце, за срце“, со која го одбележа десетгодишното присуство на македонскиот финансиски пазар.
Средствата се собрани од страна на компанијата и нејзините вработени, и ќе бидат наменети за набавка на неопходна медицинска опрема. Оваа активност претставува симбол на хуманост и солидарност – вредности кои, како што истакнаа од компанијата, треба да бидат темелот на секое современо општество.
„Ќе ги поврземе нашите ресурси, човечките капацитети и хуманоста и ќе помогнеме на различни групи на граѓани, институции и организации, се со цел да изградиме посреќна и похумана заедница. Ќе продолжиме да помагаме и да донираме – од срце“, изјави Силвија Александрова, маркетинг директорка (Easy Asset Management JSC), под чија лиценца работи М Кеш во Македонија.
Компанијата најави дека ова е само почеток на поширока хуманитарна мисија, која ќе се реализира во наредниот период како дел од иницијативата „Од срце, за срце“, фокусирана на поддршка на ранливите категории граѓани.
М Кеш денес брои повеќе од 220 вработени, со 56 теренски канцеларии низ цела држава. Освен што обезбедува финансиски услуги, компанијата посветува посебно внимание на заштитата на личните податоци на своите клиенти, нудејќи транспарентна и безбедна услуга.
На корпоративниот настан по овој повод, Бјанка Катру, директорката на човечки ресурси, финансии и администрација на „М Кеш“ им се заблагодари на сите присутни, на сите граѓани за доделената доверба, како и на вработените кои се моторот и силата на компанијата сите овие години.