Прес-конференција во Стопанската комора на Македонија за најновите измени во Законот за трговија и за добивање лиценци за алкохол - НОВИТЕ ДАВАЧКИ ЌЕ ГО „ИСПИЈАТ“ ЌАРОТ НА МАРКЕТИТЕ
➢ Актуелно (21.02.2011)
👁 Прочитано: 515



Прес-конференција во Стопанската комора на Македонија за  најновите измени во  Законот за трговија и за добивање лиценци за алкохол - НОВИТЕ ДАВАЧКИ ЌЕ ГО „ИСПИЈАТ“  ЌАРОТ НА МАРКЕТИТЕ

     Лиценците за продажба на алкохол да се вадат само еднаш, не секои две години, да чинат 5000 денари наместо 15.000 и да се укине обврската за плаќање 0,05 отсто од вкупниот годишен промет, бара Здружението за трговија при Стопанската комора на Македонија.


    - Последните измени на Законот за трговија кои предвидуваат трговците со повеќе од три маркети во кои се продава алкохол да плаќаат 0,05 проценти од вкупниот годишен промет, ќе предизвикаат дополнителен финансиски товар, а тоа индиректно, преку зголемување на цените, најмногу ќе го почувствуваат потрошувачите, истакна Елизабета Ицева, член на Управниот одбор на Здружението на трговијата на редовната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија (21.2.2011 година).
      Според проценките, поголемите маркети, годишно, по основ на оваа законска обврска ќе треба да исплаќаат 40.000 до 50.000 евра.
    - Тоа ќе не` натера да размислиме дали да продолжиме со продажба на алкохол. Воедно сме обесправени и со цената за лиценците од 15.000 денари која помалите трговци ја плаќаат 5000 денари, додаде Ицева.


     Членките на Здружението сметаат дека е нелогично  да се издаваат лиценци секоја втора година зашто ако трговецот еднаш ги исполнил потребните технички услови, нема потреба повторно тоа да го докажува.
     Како што беше речено на прес-конференцијата, трговците не отстапуваат од барањето продажбата на алкохол и во зимските месеци да се пролонгира до 21 часот.
     Инаку, анализите на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија покажуваат дека учеството на прометот во трговијата на големо и мало во БДП во земјава е 10,1%, а додека учеството на вработените во оваа стопанска дејност во бројот на вработените во стопанството е 13,6%.
     Вкупниот промет на трговијата на мало за 9 месеци од 2010 година изнесува 68.435 милиони денари, што е пораст од 3,6% во однос на истиот период од 2009 година, каде што прометот на мало изнесуваше 60.060 милиони денари. Додека кај трговијата на големо зголемувањето на прометот за 9 месеци од 2010 година е поголемо, каде изнесува околу 8,5% во однос наистиот период 2009 година, односно прометот на трговијата на големо за првото полугодие во 2010 година изнесува 100.704 милиони денари, додека во 2009 година е 92.770 милиони денари.
    Од вкупниот промет во трговита на мало за 9 месеци од 2010 година од 68.435 милиони денари, најголем дел од прометот во трговијата на мало, според начинот на плаќање и  остварен во готови пари од 91,8%, а 1,2% отпаѓа на потрошувачки кредит, а по други основи 7,0%.
     Од вкупниот износ на готови пари најголем дел се трошат за прехрана 96,2%, а додека со потрошувачки кредит најмогу се продаваат моторни возила и тоа од 18,4%.
    Според главната дејност на претпријатијата во трговијата на мало, од вкупниот број на продавници за 9 месеци од 2010 година, на трговијата на мало отпаѓаат 80,8% или 77,5% од вкупниот број на вработени во таа дејност, а на трговијата на големо 2,9% или 3,8% од вкупниот број на вработени во оваа дејност, а остатокот од продавници и вработени отпаѓа на другите дејности (промет, поправка и одржување на моторни возила, земјоделство, шумарство, преработувачка индустрија и останати дејности).
     Според главната дејност на претпријатијата во трговијата на големо, за 9  месеци од 2010 година, од вкупниот промет на трговијата на големо отпаѓа 37,2% или 37,9% од бројот на вработените во таа дејност, а на трговијата на мало 19,2%, или 34,1% од бројот на вработени, а останатите проценти опраѓаат на останатите дејности (промет, поправка и одржување на моторни возила, земјоделство, шумарство, преработувачка индустрија и останати дејности).
      Во оваа анализа, Здружението ги нотира и следните актуелни проблеми во овој секор:
    -да се изнајде инструмент за плаќање во домашниот платен промет како би се намалила внатрешната задолженост меѓу компаниите, односно би се зголемила ликвидноста меѓу истите;
   -активно вклучување на банките во работењето на компаниите каде што  компаниите ќе ги истакнат своите проблеми со кои се соочуваат во работењето;
    -навремено враќање на данокот на додадена вредност од страна на државата, како и компаниите да не плаќаат ДДВ на ненаплатени побарување од страна на нивните должници;
     -побарувањата кои се застарени повеќе од 3 години да се ослободат од плаќање на данок на добивка;
    -компензација на вредноста на акцизата што ја плаќаат фирмите со износот на  побарувањата кои ги имаат од страна на државата по основ на повраток на ДДВ.