„ВАРДАР ДОЛОМИТ“: КВАЛИТЕТ ПРЕПОЗНАЕН ВО СВЕТОТ НА ЦРНАТА И ОБОЕНАТА МЕТАЛУРГИЈА
➢ Актуелно (15.10.2020)
👁 Прочитано: 875



„ВАРДАР ДОЛОМИТ“: КВАЛИТЕТ ПРЕПОЗНАЕН ВО СВЕТОТ НА ЦРНАТА И ОБОЕНАТА МЕТАЛУРГИЈА

Стопанската комора на Македонија како партнер во рамки на Проектот за изготвување на стартегија за смарт специјализација реализира работна средба со Ремзи Абдулаи, директор на „Вардар Доломит“ од Гостивар, една од водечките европски компании во производство на огноотпорни материјали за потребите на црната и обоената металургија. 

„Вардар Доломит“ извезува на речиси сите континенти, а главната стратешка предност на компанијата е квалитетот и препознатливоста на производите како изграден бренд. Квалитетот на производите е резултат на висококвалитетната суровинска база, континуираниот процес на инвестиции во нова технологија и големата посветеност на образованието на инженерскиот и техничкиот кадар. За таа цел, компанијата остварува континуирана соработка со научните и образовните институции во насока на аплицирање на практично знаење, но и генерирање на перспективни стручни кадри. 

Сепак, институциите на државата треба и понатаму да работат на подобрување на научно-истражувачките и образовните капацитети со цел подобрување на конкурентноста на економијата. Дополнително, во тој контекст, треба да продолжат и инвестициите во инфраструктурата, особено во делот на обезбедување достапни и евтини енергенси преку изградба на секундарната гасификациона мрежа, беше истакнато на средбата.

„Вардар Доломит“ е европски производител на синтер доломит, доломитни опеки и маси со седиште во Гостивар и во сопственост на Групацијата „ХАЗНЕДАР РЕФРАКТОРИС“. Компанијата посветува посебно внимание на одржувањето на квалитетот на своите производи кои се препознатливи во индустријата за челик.

Употребата на доломитот во индустријата за челик е значително зголемена во последните децении, а високиот степен на огноотпорност, инертноста кон челикот, одличните перформанси, како и ниската цена го истакнуваат доломитот како разумен избор за производителите на челик во дваесет и првиот век, велат од компанијата.
 

Служба за информирање при Комората