Аеродромот „Фјумичино" во Рим доби пет ѕвезди за преземените мерки за заштита од КОВИД-19
➢ Актуелно (16.09.2020)
👁 Прочитано: 250



Аеродромот „Фјумичино" во Рим доби пет ѕвезди за преземените мерки  за заштита од КОВИД-19

За мерките воведени против ширењето на корона вирусот, римскиот аеродром „Фјумичино“ доби специјално признание од меѓународната организација „Скајтракс“, организација која секоја година објавува ранг-листа на најдобри аеродроми во светот.

„Скајтракс“ чие седиште е во Велика Британија, поради мерките за КОВИД-19, оваа година воведе посебна категорија и на италијанскиот аеродром му додели максимални пет ѕвезди. Аеродромот познат и под називот „Леонардо да Винчи“ на 1 септември го отвори Центарот за тестирање на корона вирус, со кој управува во соработка со Црвениот крст на Италија. Признанието од „Скајтракс“ го доби и поради лесно читливите повеќејазични упатства за патниците, строгото инсистирање на носење на заштитни маски, видно присуство на хигиенски персонал и ефикасност, односно насочување на патниците на летовите за поаѓање и летовите за пристигнување на еден терминал со што полесно се врши следење на евентуални заразени патници со КОВИД-19. Во категорија на мерки против КОВИД-19, „Скајтракс“ беше во можност да ги рангира само аеродромите во европските земји, а колку за споредба, со три ѕвезди, што се смета за просечна оценка, добија аеродромите во Малага и Ница и лондонскиот „Хитроу“. Најниска оценка е две ѕвезди кои означуваат дека е потребна дополнителна работа на протоколите против пандемијата.

Служба за информирање при Комората