ЧАДЕЖ: КИФ ФОРМИРА ДЕЛОВЕН СОВЕТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА РАБОТЕЊЕТО
👁 Прочитано: 4078



ЧАДЕЖ: КИФ ФОРМИРА ДЕЛОВЕН СОВЕТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА РАБОТЕЊЕТО

Претседателот на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, Марко Чадеж, најави дека заедничката асоцијација која ги соединува сите шест национални комори од земјите од Западен Балкан и претставува над 400.000 претпријатија од регионот, ќе формира Деловен совет на Западен Балкан. Овој Деловен Совет ќе го следи напредокот во процесот на елиминирање на препреките за поуспешно водење на бизнис во регионот и за своите активности редовно ќе ги информираат владите од регионот, предложувајќи им мерки кои на стопанствениците ќе им го олеснат работењето и ќе им ги намалат трошоците.

Советот, како што наведува Чадеж, ќе го сочинуваат сопственици и менаџери на 12-те најголеми компании од целиот регион, кои на оперативно ниво ќе ги следат постигнатите резултати од отстранувањето на бариерите и унапредувањето на деловната соработка. Преку овој Деловен совет, информациите од теренот редовно ќе бидат проследувани до министерствата и владите од регионот, како и до Секретаријатот на ЦЕФТА.

„Ние сами, во регионот мораме да превземеме одговорност, а не да чекаме на сигнали од Берлин и Вашингтон“, порача Чадеж на панелот одржан во рамки на видео Самитот на лидерите од Западен Балкан посветен на економската соработка, во организација на Атланскиот совет.

Во своето обраќање Чадеж додаде дека јакнењето на деловните врски и отстранувањето на бариерите за успешна регионална, но и меѓународна соработка е во интерес на бизнис заедницата, која напредокот на тоа поле ќе го мери со успехот во совладување на препреките со кои моментално бизнис заедницата се соочува, како што е на пример, скратување на времето кое камионите го губат чекајќи на границите, а со самото тоа и намалување на трошоците за работење.

Деловната заедница, како што истакна Чадеж, не е задоволна од брзината со која се одвиваат процесите и подготвена е активно да учествува во решавањето на овие проблеми. Чадеж укажа и на важноста од политичката поддршка за силна регионална интеграција.

„Регионалната соработка е меѓу приоритетите и агендите на лидерите од регионот. Тоа е добро за регионот, за економијата, но и за самите лидери, бидејќи доколку остваруваат резултати на национално ниво, доколку нивната економија добро функционира и граѓаните живеат подобро, тогаш повторно ќе бидат избрани“, изјави Чадеж.

 

Служба за информирање при Комората