КРИЗАТА ПОКАЖА КОЛКУ Е ВАЖНО ДА СЕ ИМА ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО ВО СТРАТЕШКИ ДЕЈНОСТИ

   

👁 Прочитано: 3178


КРИЗАТА ПОКАЖА КОЛКУ Е ВАЖНО ДА СЕ ИМА ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО ВО СТРАТЕШКИ ДЕЈНОСТИ

Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид АД Скопје со дел од изнесените ставови во интервју на 24 Вести во Отворено студио

„Кога ќе дојде една ваква криза тогаш сите сфаќаме колку е важно да се има домашно производство и тоа производство во стратешки важни дејности. Компании како Алкалоид во фармација, како Квасара Битола во делот на производство на квасци и алкохол, како Млекара Битола, Витаминка пред се во делот на производство на зејтин. Да постоеше денеска и еден Охис заедно ќе можевме многу полесно да го носиме товарот. Актуелната состојба покажува дека долгорочно е важно да имаме што повеќе вакви компании. Бидејќи и во услови на криза како актуелната, домашните стратешки компании може да го носат елементарниот дел на снабдување на основните потреби на македонските граѓани“, вели Живко Мукаетов, директор на Алкалоид АД Скопје, во интервју во Отворено студио на 24 вести.

За економскиот тежок период кој следува, Мукаетов од позиција на бизнисмен порачува – “и самите партии треба да седнат и да се изгради колку што е можно заеднички пристап“.

За владините мерки кои се најавуваат Мукаетов вели – “по секоја цена мора да се најде форма да им се помогне на оние мали и средни компании, кои речиси невозможно е да функционираат во оваа криза, за нивните вработени да останат на работа. Факт е дека од аспект на буџетот тоа ќе чини, но треба да им се даде тој ветер во грб на компаниите. Што се однесува до ликвидноста, Владата мора што побргу да ги донесе мерките, за да може што побргу да побара средства од потенцијалните извори. Во моментов парите во светот се сеуште евтини од аспект на каматни стапки, но факт е дека побарувачката за свежи пари нагло ќе расте и таа веќе расте од ден на ден. Сметам дека секој ден доцнење од аспект на аплицирање за финасирање кај разни меѓународни извори, дали се тоа корпоративни банки или други извори, може да доведе до ситуација да не може така лесно да се соберат тие средства од надвор“.

Живко Мукаетов посочува - “во целиот свет следи турбулентен период, а има цели дејности кои во моментов не се во состојба да функционираат. Покрај угостителството, туризмот, за нашата земја е од особено значење автоиндустријта, од која ние сме зависни, бидејќи имаме доста производство на разни делови за таа индустрија во компании во државата. Треба да се искаже доза на мобилизирање и солидарност меѓу економските ентитети и да се изгради здрава стратегија како да се преброди овој период, бидејќи факт е дека е голема непознаница оваа состојба“.

Вели - „Добро е што се направи Економскиот совет во Владата и треба да му се даде шанса на ова тело да го даде својот придонес. Има интересна компилација на луѓе во Советот. Дали ќе се бават со конкретни дејности, дали ќе се поделат во субгрупи, битно е брзо да се стартува со мерките и да се аплицира на евтини кредити“.

Мукаетов порачува -  “за сето ова да се преброди од бизнис аспект гледано треба тимски да се работи затоа што ако уште плус на сето ова имаме ситуации каде разни структури влечат на разни страни ќе биде уште потешко сето тоа да се синхронизира и да создаде база за развој на домашната економија во периодот што следи“.

Од аспект на работењето на Алкалоид, Мукаетов информира дека компанијата само во месец март годинава произвела дезинфециенси колку во 2017, 2018 и 2019 година заедно.

Поради Корона вирусот околу 250 вработени во Алкалоид се оправдано отсутни од своите работни места но менаџментот има направено реорганизација и реобука на вработени за чии работни позиции во моментов нема доволно работа. Направена е и пренамена на капацитетите за производство на шампони и најавени се и нови 40 вработувања

„И во однос на снабденоста со лекови граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи компанијата има сериозни залихи. Ќе ги има четирите групи производи кои ги произведуваме, лекови, дезинфециенси, раствори за дијализа и инфузиони раствори. Ние сме домаќинска компанија и имаме доволно залихи, затоа и апел до граѓаните да не трупаат непотребни залихи“, порачува Мукаетов.

На новинарско прашање за неизвесноста и ефектот на кризата врз домашната економија, Мукаетов вели оваа економска криза сигурно ќе биде потешка од онаа во 2008 и 2009 година, но никој не знае кога би дошло до економско закрепнување, бидејќи никој не знае ни колку сето ова ќе трае, па затоа е неблагодарно да се предвиди.

Целото излагање на генерaлниот директор на Алкалоид Ад Скопје, на следниот линк - https://www.youtube.com/watch?v=AFNDiydlG-w