ВЛЕЗИ - ВКЛУЧИ, ИЗЛЕЗИ - ИСКЛУЧИ

ВЛЕЗИ - ВКЛУЧИ, ИЗЛЕЗИ - ИСКЛУЧИ

Во врска со енергетската ефикасност, на веб-страната на нашата Агенција за енергетика има совети кои на прв поглед делуваат познато. На пример, некои од советите се:

„Кога ќе излезете од просторијата задолжително исклучете го светлото“ или „Не ја држете предолго отворена вратата на ладилникот. Така трошите енергија и пари безпотребно“, „Во тек на денот тргнете ги завесите од прозорците, особено оние на јужната страна, како што повеќе енергија по природен пат би навлегла во домот“...

Советите треба да влијаат на зголемување на енергетската ефикасност.

Под енергетска ефикасност се подразбира соодносот помеѓу остварениот корисен учинок и внесот на енергија за остварување на тој корисен учинок, или намалување на потребите за енергија без нарушување на економскиот и општествениот развој, но и без нарушување на животната средина. Всушност, енергетска ефикасност која е современ тренд во светски рамки значи да се намалат потребите за енергија без негативни последици врз работата и живеењето.

Во претходниот контекст, прашање е колку советите можат значително да ја подобрат состојбата со заштеда на енергија, во отсуство на системски мерки кои ќе ги спроведува државата, а кои ќе се однесуваат на други сектори, освен на домаќинствата, како градежништвото, транспортот, комерцијалниот сектор и индустријата.

Според податоците на Државниот завод за статистика, потрошувачката на финалната енергија во 2018 година главно е сконцентрирана во четири сектори: сообраќај (38,2%), домаќинства (25,4%), индустрија (21,6%) и комерцијален и услужен сектор, други сектори (11%), додека земјоделството учествува со само со околу 1% во финалната потрошувачка на енергија.

Вкупниот енергетски биланс за 2018 година покажува дека финалната потрошувачка на енергија изнесувала 1903,5 ktoe (кило тони нафтен еквивалент), а за нејзино обезбедување биле потрошени 2598,9 ktoe. Согласно овие податоци, најголем потрошувач на енергија е сообраќајот, а потоа следуваат домаќинствата, што значи дека мерките за зголемување на енергетската ефикасност првенствено треба да се насочени кон овие два секторa.

Од аспект на регулативата, на почетокoт на месец февруари оваа година се донесе Закон за енергетска ефикасност кој претставува солидна основа за технолошки промени, промени во однесувањето на субјектите и економски промени кои можат да доведат до заштеда на енергија, но за да се операционализира истиот во пракса, неопходно е да се донесат подзаконските акти. Подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор е повеќе од неопходна, но и во приватниот сектор неопходно е промовирање и практикување на енергетска ефикасност при греење и климатизација, при изградба на згради, како и означување на потрошувачката на енергија и еко-дизајн на производи.

Бидејќи, финансирањето секогаш претставува пречка за реализација на целите, за зголемување на енергетската ефикасност треба да се основа Фонд за енергетска ефикасност, преку кој би се финансирале одредени проекти.

Покрај законската регулатива, неопходен е и соодветно обучен кадар. Европската унија го помага процесот за градење на капацитетите и подобрување на вештините во оваа област во насока на создавање на квалификуван кадар подготвен да се справи со предизвиците за одржливо енергетски ефикасно градење. Така, во рамките на Проектот „Build Up Skills BEET - Обука на градежните работници 2014-2016“, 967 градежни работници се сертифицирани со вештини за примена на мерки за енергетски ефикасно градење, а актуелен е јавен повик кој се спроведува преку Стопанската комора на Македонија за занимања од повисоко ниво на квалификации, како што се инженерите.

Практикувањето на штедење на енергија значи низа придобивките кои се значајни за домаќинствата, компаниите и институциите, односно во поширок контекст за државата како целина, од аспект на заштеда на средства, но и заради намалување на загадувањето и зачувување на необновливите извори на енергија.

Затоа, покрај системските мерки за чие спроведување најодговорни се институциите, како поединци најмалку што може да направиме е да се придржуваме на правилото: „Влези - вклучи, излези- исклучи!“

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија