МЕДЕНА ЗЕМЈА ИЛИ ЗЕМЈАТА НА МЕДОТ

МЕДЕНА ЗЕМЈА ИЛИ ЗЕМЈАТА НА МЕДОТ

Помина доделувањето на Оскарите, а со тоа и очекувањата дека приказната за медената земја на Тамара и Љубо (и на останатите од тимот, на кои им честитаме за успехот), може да се закити со најпрестижната светска награда во филмската дејност. Во периодот на еуфоријата по номинациите тргнаа и дебатите во нашата јавност како поволниот ветер произведен од македонскиот „Honeyland“ во светски рамки треба да се искористи за промовирање на македонскиот мед во светот.

Тоа е убаво, но доколку навистина поседуваме квалитетен производ во соодветни количини за извоз.

Пчеларството кај нас има долга традиција што се должи на релативно поволната клима за одгледување и разновидната вегетација која, во зависност од временските прилики е добар извор на нектар и полен за медоносните пчели. Државната поддршка на пчеларството се состои од 800 денари по пчелно семејство, а пчеларите со 10 пчелни семејства можат да се регистрираат и да аплицираат за добивање субвенции. Овој систем на поддршка директно е на штета на пчеларството, бидејќи наместо пчеларите да настојуваат да произведат поголеми количини квалитетен мед, тие ги „ројат“ пчелните семејства, за да имаат повеќе на број без разлика каков продукт ќе произведат. Ако на ова се додаде увозот на фалсификуван и на неквалитетен увозен мед од кој најголем дел е кинески, како и недостигот на систем за проверка на квалитетот на медот кој се произведува во домашни услови кај нас, ќе дојдеме до објаснувањето на тоа зошто на пазарите и по патиштата низ државата се продава 80% супстанца која е фалсификат на мед.

Ако состојбата е ваква, што ние всушност би промовирале пред светот?!

Низ претходните пасуси и примерот со медот, може да се дојде до суштинските проблеми во секторот земјоделие кај нас.

Земјоделството учествува со околу 8% во БДП, а ако на ова се додаде и агро-преработувачкиот сектор, учеството е не повеќе од 13% од БДП, а директно вработува над 116.000 лица или околу 15% од вкупните вработени. Според податоците на Државниот завод за статистика, извозот на храна и живи животни, пијалаци и тутун, како и животински и растителни масла во 2019 година изнесува 599 милиони евра, а увозот близу 700 милиони евра.

Согласно овие бројки, излегува дека ние ниту сме земјоделска земја, епитет кој го носиме со децении, без да помислиме дека не сме тоа, ниту нашето земјоделство може да нé прехрани.

Истото мора првенствено да се припише на погрешните политики во областа на земјоделството, вклучително и во областа на земјишната политика децении наназад.

За да се подобрат состојбите во областа неопходно е:

1. Субвенциите да бидат мерка за јакнење на конкурентноста, а не социјална мерка.

Потребно е да се промени политиката за поддршка на земјоделството, во насока на субвенционирање на култури кај кои имаме конкурентска предност и за кои постои потенцијал за извоз или на такви култури за кои постои побарувачка од домашната преработувачка индустрија. Потребно е да се разгледа прашањето зошто кај нас исчезна производството на индустриски култури и како истите повторно да се произведуваат. Субвенциите ќе дадат ефект ако доведуваат до тоа паралелно со примарното земјоделство да се развива и преработувачката индустрија.

2. Земјишна политика која ќе овозможи конкурентно производство.

Ефикасното користење на земјоделското земјиште во Македонија е попречено со делење на парцели и фрагментирање, како резултат на претходните ограничувања на површините за користење, обичаите за наследство, како и традицијата на неформални релации на пазарот на земјиште. Неопходни се мерки за окрупнување на земјоделското земјиште.

3. Антиципирање на можните последици од климатските промени и градење капацитет за приспособување кон нив.

Еден од клучните предизвици со кои ќе се соочуваме во иднина се климатските промени. Според Студијата на Светска банка, која се однесува на влијанието на климатските промени врз економиите во светот, Македонија е во групата на земји кои меѓу првите ќе ги почувствуваат негативните ефекти од истите, поради зголемени температури, поголеми суши и поплави, дефицит на влага, особено во текот на летото, што ќе придонесе и за зголемена изложеност на нови штетници и болести. Без мерки за адаптирање на климатските промени се очекуваат намалени приноси на пченица од 21% помеѓу 2000 и 2025 година и 25% помеѓу 2040 и 2050 година, како и намалување на приносите кај пченката од 56% во 2025 година и 86% во 2050 година. За сточарството, повисоките температури значат намалена репродукција.

Без сериозни мерки во земјоделството кај нас, истото може само и понатаму да служи како инспирација за некоја наредна приказна документирана во филм.

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија