ПРИДОБИВКИ ОД ПРАКТИЧНАТА ОБУКА ЗА КОМПАНИИТЕ ОД СЕКТОРИТЕ ЕЛЕКТРОТЕХНИКА И МАШИНСТВО

ПРИДОБИВКИ ОД ПРАКТИЧНАТА ОБУКА ЗА КОМПАНИИТЕ ОД СЕКТОРИТЕ ЕЛЕКТРОТЕХНИКА И МАШИНСТВО

Компаниите од секторите за електротехника и машинство ја препознаа придобивката од реализацијата на практичната обука на учениците како можност за обезбедување на сегашниот и иден кадар за своите потреби. Тоа го истакнаа директорите на средните стручни училишта СЕТУГС „Михајло Пупин“, СУГС „Владо Тасевски“ и СУГС „8 Септември“ од Скопје на работната средба со м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија, кои потенцираа дека компаниите им излегуваат во пресрет кога станува збор за реализација на практичната обука на учениците.Тие изразија благодарност до Комората која организира вакви средби со цел вмрежување на училиштата и компаниите.

Директорот на СУГС „8 Септември“, Кенан Асани истакна дека вратите на компаниите за соработка се отворени, а поголем дел од нив, како Завар компани, Раде Кончар, Факом, Алкалоид, членки на Комората, на негова иницијатива обезбедиле и стипендии за подобрите ученици со можност за нивно вработување по завршување на образованието.

Компаниите се свесни за недостатокот од стручен кадар, посебно за специфичните квалификации и затоа преку соработката со стручните училишта и поддршката на реализацијата на практичната обука на учениците изнашле начин како да го обезбедуваат својот кадар. Но сепак за изведување квалитетна пракса потребно е да изработаат програма за пракса во компанијата, потенцираше Александар Сибиноски, директор на СУГС „Владо Тасевски“.

Директорот на СЕТУГС „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев нагласи дека соработката со компаниите од секторот електротехника е на завидно ниво. Покрај обезбедување кадар за своите работни процеси, компаниите се свесни колку се потребни стручните вештини на учениците. Затоа компанијата ЕВН Македонија, инвестираше во училиштето во опремување на училница и друга опрема каде учениците ќе се запознаат со опремата и алатот пред да започнат со реализација на практичната обука во нивната компанија.

Останува ваквите успешни приказни за квалитетна реализација на практичната обука да ги препознаат и другите компании од останатите сектори на квалификации и практично да ги применат за ублажување на проблемот со недостаток на стручен и квалификуван кадар.

Служба за информирање

Служба за информирање при Комората