МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ „БИСЕР“ ВО ПОХОД НА РЕГИОНОТ

   

👁 Прочитано: 4416


МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ „БИСЕР“ ВО ПОХОД НА РЕГИОНОТ

Компанијата „АЛ-МАКС“ од Струмица е производител на маслото за јадење „Бисер“. Во разговорот со Атанас Пишев слушнавме убави работи за компанијата. Таа работи со полн капацитет и го одржува квалитетот на маслото на зацртаното ниво. Разговорот за процесот на производство неизбежно ја допре и темата за нова хала и нови машини и ориентацијата на компанијата континуирано да вложува во модернизација на своите производствени капацитети.

Компанијата има 75 вработени. Успева да ја одржи стабилноста кај овој многу чувствителен аспект на тековното работење на македонската индустрија, кога многу компании се соочуваат со недостиг на квалификувана работна рака.

„АЛ-МАКС“ има разработена стратегија за пласман на сопственото производство. На домашниот пазар се фокусира на одредени региони во кои доминира кај пазарниот удел во продажбата на масло за јадење. Компанијата има и свој дефиниран пристап во однос на селекцијата и профилот на синџири за дистрибуција преку кои го пласира „Бисер“.

Во поглед на пласманот на маслото за јадење на странските пазари, под сопствен бренд или за потребите на тамошен локален увозник, компанијата „АЛ-МАКС“ е фокусирана на нашиот регион, првенствено Албанија и Косово. Но, радува тоа што во поново време се отвораат перспективи и за влез на нови пазари како што е пазарот на соседна Грција.

МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ „БИСЕР“ ВО ПОХОД НА РЕГИОНОТФактот дека „АЛ-МАКС“ е извозно ориентирана компанија упатува на тоа дека таа мора да се бори со жестока конкуренција. Притоа, сосема разбирливо е очекувањето на компанијата дека тој натпревар мора да биде фер натпревар, без оглед дали во странство или во земјава. Во овој контекст, важно е укажувањето од компанијата дека понекогаш постои перцепцијата дека таа се соочува со нелојална конкуренција од други земји. На пример, се поставува прашањето како е можно странско масло за јадење во нашава земја да се продава по пониска цена од цената по која се продава во земјата од која доаѓа? Дали се работи за скриени државни субвенции? Од компанијата истакнуваат дека нашата држава мора да биде свесна за ваквите ситуации, тие имаат свој одраз на работењето на македонските компании и затоа треба да се наоѓаат соодветни решенија. 

Друг предизвик со кој компанијата се соочила во поново време е наплатата на побарување од продажба на еден странски пазар. Но, тоа е составен дел од бизнисот и решение секако ќе има и за ова прашање.

Зоран Јовановски