Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ВО ПОСЕТА НА КОМПАНИИТЕ
08.11.2019 👁 Прочитано: 479

ТРАНСПАРЕНТНОТО РАБОТЕЊЕ НА СИТЕ ЧИНИТЕЛИ КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА УСПЕШНИ ДЕЛОВНИ РЕЗУЛТАТИ


Деловното работење на Империал Тобако ТКС а.д., актуелните состојби во тутунската индустрија и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат производителите на тутун и производи од тутун, беа дел од темите за кои се дискутираше на работната посета која ја реализираа д-р Јелисавета Георгиева – Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и м-р Нена Николовска, во улога на секретар на Постојаниот избран суд-Арбитража при Стопанската комора на Македонија со Кирил Величковски директор на пазарите за Јужен Балкан и Петар Рибарски менаџер за корпоративни прашања за Јужен Балкан во Империал Тобако.

Империал Тобако ТКС е докажан и долгорочен партнер на македонската економија. Kомпанијата е најголем производител на пазарот, при што извезува 43% од производството на 4 пазари во регионот, додека на групациско ниво, традиционално откупува македонски квалитетен тутун.

Истовремено, Империал Тобако ТКС е активно вклучена во сите релевантни асоцијации на деловни субјекти и соработува со сите чинители, вклучувајќи соработка со јавните институции со цел да се осигураат мерки и законски решенија со кои се обезбедуваат услови за понатамошен развој на индустријата.

На работната посета на компанијата се дискутираше и за нелегалната продажба на режан тутун на пазари и другите места за продажба во земјата кој зема се поголем замав. Проблемот со нелегалната трговија со „режан“ тутун нанесува сериозни штети на целата индустрија, не само на еден деловен субјект. Пресметките на Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора на Македонија, во која членуваат сите домашни производители, како и увозниците на цигари, покажуваат дека вкупниот домашен пазар на тутунски производи во земјата минатата година се намалил за 11%, што е драстично намалување во однос на очекуваното, кое би требало да се движи помеѓу 2% и 4% годишно и кое би требало да биде резултат на постепеното зголемување на цените на цигарите, предизвикано во најголем дел од зголемувањето на акцизата. Во таа насока, компанијата заедно со останатите производители на цигари делуваат во областа на сузбивање на недозволената трговија, што е од интерес и за стопанството и за државата, особено ако се земе предвид дека прометот со тутун и тутунски производи годишно има значајно учество во приходите на државниот буџет по основ на акциза, ДДВ и други давачки на компаниите кои се вклучени во легална продажба.

На состанокот беше истакнато дека од особена важност за предвидливо деловно опкружување и остварување успешни деловни резултати е и транспарентното институционално работење, навремената информираност на бизнисот за донесувањето и измените на законите, како и вклученост на бизнис заедницата во подготовката на прописите кои го засегаат работењето на компаниите.

Империал Тобако ТКС а.д. останува долгорочен партнер на македонската економија и на нејзиниот развој.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
м-р Нена Николовска