Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
04.11.2019 👁 Прочитано: 328

ЈАСНА И КОНЗИСТЕНТНА ПОЛИТИКА НА КОМОРАТА ВО ГРАДЕЊЕ ЧОВЕЧКИ КАПАЦИТЕТИ ЗА СТОПАНСТВОТО


Михо Јаневски, претседател на УО, Градежен институт „Македонија“, член во Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите

Став од одржана седница на Здружението

Комората треба да продолжи со јасна и конзистентна политика и цел без оглед на тоа кој ја предводи Владата и треба активно да учествува во креирање на прописите кои го засегаат и влијаат на бизнисот.

Во таа насока, потребно е присуство и активна вклученост на Комората во креирање на прописите од областа на образованието, креирање на образовните програми според економските и технолошките потреби и имплементација на реформи во образованието со цел обезбедување кадри кои ќе поседуваат стручни знаења и вештини потребни на стопанството.

Промени и реформи, освен во стручното образование, потребни се и во делот на високото образование, имајќи предвид дека во моментот во државата има хиперпродукција на кадри со високо образование кои стекнале звање, а не се подготвени да се вклучат во процесот на работа што претставува сериозен проблем за компаниите. 

Во насока на обезбедување стручен кадар, Градежен институт Македонија вложува и во неформалното образование на 3 вида кадар кој се обучува и работи во компанијата. Во однос на кадрите со низок степен на образование, компанијата најнапред спроведува обуки за стекнување на компетенции и вештини потребни во процесот на работа, а истото се однесува и на кадрите со завршено средно стручно образование. Најголем проблем претставува кадарот со завршено високо образование со оглед дека овие лица имаат теоретско, но немаат доволно практично знаење и компетенции соодветни на потребите на работните процеси во компанијата.

Визијата на компанијата е  обучените и квалификувани кадри долгорочно да останат на работа во компанијата што ќе придонесе за поголема продуктивност во работењето. За таа цел, компанијата презема мерки за мотивирање на работниците преку обезбедување соодветни услови за работа, примена на систем на вреднување на работата, повисоки плати и слично.

ЈАСНА И КОНЗИСТЕНТНА ПОЛИТИКА НА КОМОРАТА ВО ГРАДЕЊЕ ЧОВЕЧКИ КАПАЦИТЕТИ ЗА СТОПАНСТВОТО