СУБВЕНЦИИ ЗА МЕЛНИЧАРИТЕ И ПОВИСОКА ЦЕНА ЗА ЧУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА ПЧЕНИЦА
➢ Актуелно (03.07.2019)
👁 Прочитано: 2364



СУБВЕНЦИИ ЗА МЕЛНИЧАРИТЕ И ПОВИСОКА ЦЕНА ЗА ЧУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА ПЧЕНИЦА

Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија ја разгледа актуелната состојба пред почеток на овогодишна жетва на пченица, како и барањето на Групацијата за зголемување на цената за чување пченица во Агенцијата за стоковни резерви.

Групацијата го покрена прашањето за цената на фитоанализата при транзит низ Србија, кое таа го наплаќа по многу повисока цена отколку што е истата кај нас (95 евра наспроти 45 евра). Компаниите бараат АХВ да воведе реципроцитет, односно да ја изедначи цената со српската.

СУБВЕНЦИИ ЗА МЕЛНИЧАРИТЕ И ПОВИСОКА ЦЕНА ЗА ЧУВАЊЕ НА ДРЖАВНАТА ПЧЕНИЦАВо земјата моментално работат 24 мелници, од кои десетина се во подобра ситуација, додека останатите се на граница на рентабилност. Жетвата е веќе започната. Квалитетот на домашната пченица до скоро беше добар, но со последните дождови се очекува да биде намален. Слична е ситуацијата и во соседството, што ќе резултира со проблем во набавката на пченица и повисоки цени. Актуелната цена на пченицата се движи околу 150 евра/тон на берза, односно 135-140 евра од земјоделец.

Домашното земјоделие од година во година е во се` полоша состојба. Потребно е земјоделците да се стимулираат, за да бидат задоволни. Понуда на пченица нема, потребно е долгорочно решение, особено за поголемите компании, како и окрупнување на производството. Заменикот на претседателот на Владата на РСМ, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, им вети на мелничарите 1 ден/кг за откуп на домашна пченица минатата година, но истата се` уште не е исплатена.

Мелничарството е под Министерството за економија и за пченицата не се предвидени субвенции кои ги дава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Само оваа индустрија не се субвенционира, а мелничарите веќе подолго време бараат да бидат под ресорното Министерство, како и производителите на пченица. Во 2017 година се покрена проект за давање семе на производителите од страна на мелничарите, но проблем беше цената и тоа не се реализира.

Потребно е да се вклучи и науката. Пред дваесетина година домашната пченица беше добра, а во периодот кој следуваше производството на пченица опадна, и со квалитет и со произведени количини. Од друга страна, при увоз на брашно не се почитува Правилникот, односно истото се транспортира директно до трговците наместо во магацин до добивање на анализата.

Минатата година беше ветена повисока цена од страна на Агенцијата за стоковни резерви за чување на домашна пченица. На состанокот минатата година во МЗШВ, на којшто присуствуваше и сегашниот министер Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за стоковни резерви се заложи за зголемување на цената за складирање на пченицата во приватни складови, во висина со истата онаа што Агенцијата за стоковни резерви ја плаќа на ЈП „Агроберза“ - Прилеп (40 ден/нето тон наспроти 20 ден/нето тон која се плаќа на домашните компании). Компаниите бараат да се исполни ветеното и да се зголеми цената која не е променета долги години наназад, со цел да се избегнат сегашните загуби. Цената на електричната енергија последните 20 години е зголемена за 300%.

На седницата, што се реализираше во Стопанската комора на Македонија, присуствуваше и претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Домашните мелничари се согласија да се побара и од МЗШВ и од Владата на СРМ субвенционирање во висина од 2 ден/кг откупена меркантилна пченица за преработка согласно Правилникот за квалитет, а мелничко-пекарската индустрија да влезе во надлежност на МЗШВ, како и производството на пченица.

Васко Ристовски