ФОРМИРАНО ЗДРУЖЕНИЕ НА ФИНАНСИСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ВО КОМОРАТА
➢ Актуелно (27.06.2019)
👁 Прочитано: 2246



ФОРМИРАНО ЗДРУЖЕНИЕ НА ФИНАНСИСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ВО КОМОРАТА

Главни приоритети ќе бидат унапредување на работењето на финансиските организации и развој на финансискиот пазар во земјата.

Иницијативата за формирање Здружение на финансиски организации е поттикната од се` поголемата интегрираност и комплементарност на домашниот финансиски систем и од растечката појава на финансиските друштва што пак е резултат на обезбедување софистицирани услуги во согласност со потребите на граѓаните и приватниот сектор.

Како што напомена претседателот на новоформираното Здружение, Ѓорѓе Војновиќ од „Триглав осигурување“ АД - Скопје, една од главните цели ќе биде идентификување на предизвиците кои се однесуваат на целиот финансиски сектор со цел изнаоѓање сеопфатни решенија што резултираат со создавање основа за поуспешно работење на компаниите од овој сектор, но ќе се обидеме да воведеме и некои нови програми и проекти кои ќе придонесат за зајакнување на финансискиот систем, негово унапредување и доближување кон сите засегнати страни.

Ова Здружение е единствен облик на здружување коешто ги обединува сите чинители во финансискиот сектор, почнувајќи од банкарските организации, осигурителните друштва, друштвата за управување со пензиски фондови, небанкарските финансиски друштва, лизинг компаниите и штедилниците поттикнувајќи ги на заеднички ангажман и долгорочна соработка преку олеснување на реализирањето на интерсекторски форми на соработка помеѓу  разните видови финансиски институции.

ФОРМИРАНО ЗДРУЖЕНИЕ НА ФИНАНСИСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ВО КОМОРАТА-Финансискиот сектор во Македонија е многу важен за целокупната економија и оттука сметаме дека преку Здружението на финансиски организации, кое ќе функционира во рамките на Стопанската комора на Македонија, ќе можеме да дадеме многу поголем придонес за развој на регулативата и на многу подобар начин ќе можат да се артикулираат интересите и барањата на финансискиот сектор, – потенцираше Војновиќ.

 

Предвидените активности и Програмата за работа Здружението ќе ги спроведува преку своите органи, при што на конститутивната седница одржана на 27.6.2019 година беше избран Управен одбор составен од компании од различни финансиски дејности. 

Заради ефикасно остварување на специфичните интереси на членките, во рамките на Здружението се формираа следните групации:

- Групација на осигурителни друштва;
- Групација на небанкарски финансиски друштва.

На седниците на овие групации ќе се разгледуваат сите прашања во врска со унапредувањето на работењето и решавањето на сите тековни прашања и проблеми во дејноста, ќе се разгледуваат предлози на закони и други прописи и ќе се покренуваат иницијативи за донесување и за измени и дополнувања на соодветните закони и прописи, ќе се работи на унапредување на бизнис климата во земјата и на унапредување на меѓународната соработка.

На крајот на настанот, проф. д-р Владимир Филиповски, од Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, одржа предавање на тема: „Предизвиците за финансискиот сектор и перспективите за негов развој“.

Влатко Стојановски

Служба за информирање при Комората