ПРОМОВИРАН НОВИОТ ПРАВИЛНИК ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА БАРАЊАТА ВО ОДНОС НА КВАЛИТЕТОТ НА МЕЛЕНО МЕСО, ПОДГОТОВКИ ОД МЕСО И ПРОИЗВОДИ ОД МЕСО
➢ Актуелно (18.03.2019)
👁 Прочитано: 4168



ПРОМОВИРАН НОВИОТ ПРАВИЛНИК ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ  НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА БАРАЊАТА ВО ОДНОС НА КВАЛИТЕТОТ НА МЕЛЕНО МЕСО, ПОДГОТОВКИ ОД МЕСО И ПРОИЗВОДИ ОД МЕСО

Агенцијата за храна и ветеринарство им излезе во пресрет на операторите со храна - преработувачи на месо и  во соработка со Групацијата за производство  на месо и преработки од месо при Стопанската комора на Македонија, донесе нов подзаконски акт - ПРАВИЛНИК ЗА БАРАЊАТА ВО ОДНОС НА КВАЛИТЕТОТ НА МЕЛЕНОТО МЕСО, ПОДГОТОВКИ ОД МЕСО И ПРОИЗВОДИ ОД МЕСО. Во соработка со експерти од областа на технологијата на преработка на месо, со невладиниот сектор и со бизнис заедницата, во новиот Правилник, се допрецизираа одредени прашања кои се однесуваат на квалитетот на месото, со што беше создадена основа за подобрување на деловната клима во овој дел од стопанството, односно за еднаквата поставеност на сите субјекти на пазарот. Новите одредби се и во насока на унапредување на правата за заштита на потрошувачите, поточно нивното право да бидат навремено, соодветно и детално информирани за тоа каква храна купуваат и консумираат.

Во Правилникот се направени измени кои се однесуваат на деталното уредување на тоа кои категории месо може да се користат за производство на  одредени производи. Унапредената заштита на потрошувачките права е во насока на обезбедување нивна подобра информираност за тоа што купуваат и тоа со воведување на задолжително декларирање на потеклото на месото и давање  информации во декларацијата дали производот е добиен од свежо или замрзнато месо, дефинирање на содржината на вкупни протеини и содржината на вода во производите. Ваквите новини се основа за гарантирање не само на подобра информираност на потрошувачот, туку претставуваат и основа  за спречување на евентуална можност за нивна измама.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во рамките на годишните планови и програми за работа вршат контроли на операторите со храна, дали го имаат усогласено работењето со општите и посебните барања за безбедност на храната, а од аспект на квалитетот на оваа категорија производи регулиран со подзаконските акти за барањата по однос на квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производите од месо. - Кај оваа категорија оператори, по имплементацијата на новите одредби од Правилникот, планирано е спроведување и на засилени инспекциски контроли со кои ќе се утврдува дали се почитуваат допрецизираните стандарди кои треба да ги исполнат операторите, а се во насока на гарантирање на повисок квалитетот на овој тип производи, - истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.

Од аспект на подобрување на деловната клима, во периодот што следи, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе пристапи и кон поедноставување на документацијата која задолжително треба да ја следи пратката. Комерцијалниот документ за храна од животинско потекло кој ја следи пратката ќе се интегрира и ќе се поврзе со слични типови на документи кои се потребни при транспортот на пратката, односно ќе се изврши редуцирање на можноста од удвојување на документацијата, а ќе се воведе и можност за електронско водење на таквата евиденција.

Васко Ристовски