НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
➢ Актуелно (14.03.2019)
👁 Прочитано: 1746



НАСОКИ ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија, на 14.3.2019 година, одржа седница на која беа разгледани идните насоки за унапредување на агросекторот во Република Северна Македонија.

Материјалот, кој беше изработен од страна на стручната служба на Комората, од страна на компаниите беше оценет како стратешки и визионерски за секторот, и како таков има силен развоен правец доколку истиот биде прифатен од страна на надлежните институции. Предлозите од претставниците од агросекторот беа поддржани, со сугестија истите да се надополнат во делот на географско потекло, етикетирање и промовирање на производите, за што словенечкиот модел беше посочен како успешен пример за решавање.

Создавањето на конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на Република Северна Македонија, бара доследно спроведување на сеопфатни мерки во низа области, вклучувајќи: ефективни земјишни политики, финансирање, преструктуирање на земјоделското производство во насока на производи со дефицит на високи примања и ефективен  пазар кој обезбедува соодветна средина за техничките и претприемачките вештини на домашните фармери. Целта е да се зајакне свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло, заштитени географски ознаки или загарантирани традиционални специјалности со цел да се зголеми нивната побарувачка, да се зголеми интересот на производителите за влез во производство на заштитени производи за да се постигне нивно подобро позиционирање и да се спречи злоупотреба на заштитени имиња на пазарот.

РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ

На Македонија и` недостасуваат економски одржливи рурални заедници кои ќе допринесат во развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари. Предлог-буџетот за оваа година за секторот земјоделство, предвидува мерки и политики кои се во насока на унапредување на земјоделството, преку зголемување на обработливите површини, создавање услови за модерно и конкурентно земјоделско производство. Најголемиот дел од предвидените средства се наменети за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како институција преку која што се исплаќа финансиската поддршка за земјоделството преку директните плаќања од Програмата за рурален развој и ИПАРД Програмата. Се планира инвестирање во модерно земјоделство, со конкурентни производи и цени на странските пазари. Овој тип на поддршка има за цел отворање /рестартирање на преработувачки капацитети во државата, пласман на финални производи со додадена вредност, подобрување на капацитетите во руралните средини и овозможување услови за развој на руралниот туризам, задржување на традиционалното селско семејство и негова поддршка за инвестирање во земјоделството, поддршка и поттикнување на земјоделско здружување и промоција на македонските земјоделски производи, инвестиции во примарното земјоделство и промоција на органска фарма. Еден дел од буџетските средства се наменети за развој на инфраструктурните капацитети за развој на земјоделството (инвестиции во системи за наводнување, во модерни мелиоративни системи насекаде низ државата, изградба на брани, регулирање на водни корита итн.). Неопходно е да се спроведат активности поврзани со промените во животната средина за да може во еден догледен период да се видат резултатите од добрата земјоделска пракса, подигнување на свеста на населението за значењето на можностите кои ги дава Македонија за производство на здравствено безбедна храна. При тоа, посебно внимание треба да се посвети на адаптација  кон климатските промени (како во растителното производство, така и во анималното), контролирано управување со водните ресурси, биоенергијата и биодиверзитетот во државата.

Земјоделството (вклучително лов, шумарство и рибарство) е третиот најголем сектор по услугите и индустријата. Учеството на земјоделскиот сектор во вкупниот БДП остана релативно стабилен со околу 10-12%, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 16-18%.

Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми од прикажаните, затоа што расположивите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови (220 сончеви денови во годината). Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти, наместо развојна нота тие беа искористени како социјално-политичка алатка

Но македонското земјоделство во изминатите 25 години се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, Спогодбата со ЕУ, членството во ЦЕФТА, ги прошири можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголеми домашната конкуренција.

При тоа, напуштањето на ценовната поддршка на земјоделските производи во 1997 година, за разлика од ЕУ и соседните земји, услови нелојална конкуренција од увозното субвенционирано производство. Отсуството на други мерки, како супституција на укинатите субвенции,  услови продлабочување на дефицитот од година во година. И покрај системската поддршка која беше вратена во 2006 година, производните резултати во земјоделскиот сектор не забележаа подинамичен пораст.

Васко Ристовски