ДОСТАПНИТЕ ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА И ИНОВАТИВНОСТА НА КОМПАНИИТЕ И НИВНАТА ИСКОРИСТЕНОСТ
👁 Прочитано: 2564



ДОСТАПНИТЕ ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА И ИНОВАТИВНОСТА НА  КОМПАНИИТЕ И НИВНАТА ИСКОРИСТЕНОСТ

Европските фондови во разни облици се средства кои треба да придонесат пред се` за поддршка на целите кои ги има поставено Европската унија во насока на реализација на приоритетите за развој, беше истакнато на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија (11.3.2019 година).  

-Република Северна Македонија во континуитет има пристап до одредени европски фондови. Од 2007 година на располагање се претпристапните фондови кои имаа за цел да ја подготват државата, институциите но и граѓанското општество за достигнување на нивото на развој приближно еднакво со земјите-членки на Европската унија За приватниот сектор и за градење на конкурентноста на компаниите кои за нас како Стопанска комора на Македонија е од исклучително значење, во рамките на ИПА -  фондовите не се определени значителни средства, освен Програмата за рурален развој позната како ИПАРД-Програма која нуди директна финансиска поддршка за компаниите од областа на земјоделството, прехранбената индустрија, развој на руралниот туризам и развој на економијата во руралните области истакна Јадранка Аризанковска, виш советник при Стопанската комора на Македонија.

Искористеноста на овие фондови е се` уште многу мала (околу 20%) пред се заради огромната документација, сложеноста на апликативниот процес, но и покрај тоа неопходно е компаниите да се охрабрат и да влезат во процес на аплицирање пред се` затоа што тоа значи нивна подготовка за искористување на многу поголеми фондови кои ќе бидат достапни со отпочнување на самите преговори но и по влезот во Европската унија кога на располагање ќе ги имаме кохезионите и структурните фондови

-Од аспект на развој и јакнење на конкурентноста на приватниот сектор за нас како Стопанска комора на Македонија од посебно значење се европските фондови кои се наменети за развој на иновативноста, истражувањето, технолошки напредок и создавање  производи со додадена вредност. Од 1 јули 2014 година во континуитет на Македонија на располагање и` се фондовите во рамки на Програмата „Хоризонт 2020“, која е отворена за учество на широк спектар на бизнис организации и индивидуални истражувачи, универзитети, истражувачки центри, лаборатории, мултинационални компании, мали и средни претпријатија посочи Аризанковска.

Програмата „Хоризонт 2020“ претставува финансиски инструмент на ЕУ со кој се поддржуваат истражувањето и иновациите, со крајна цел за економски раст,  креирање на нови работни места и конкурентност. Располага со буџет од над 80 милијарди евра за период од  2014 до 2020 година. За овој двегодишен период ( 2018-2020) на располагање се 30 милијарди евра. 

ДОСТАПНИТЕ ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА И ИНОВАТИВНОСТА НА  КОМПАНИИТЕ И НИВНАТА ИСКОРИСТЕНОСТ

Програмата поддржува финансирање на проекти за истражување и иновации,  мобилност на истражувачи во рамки на компаниите и универзитетите, зајакнување на меѓународните мрежи и размена на добри практики и искуства, стекнување на нови знаења и експертиза, како и зајакнување на соработката помеѓу академските институции и индустријата, во насока на постигнување конкретни резултати, а тоа се воведување на одредени иновативни решенија во самите компании. 

Користењето на овој финансиски инструмент е врз основа на аплицирање на предлог-проект на претходно објавен повик и изграден конзорциум – партнерство со субјекти од минимум 3 земји-членки на ЕУ или асоцијативни земји кон Програмата.

Како дел од оваа програма е и Инструментот за мали и средни компании, кој е наменет исклучиво за приватниот сектор и каде не е потребно партнерство, туку компаниите можат сами да аплицираат за средства од оваа програма. Овој инструмент од страна на македонските компании не е воопшто искористен, иако имаше обиди на неколку македонски компании да поднесат апликации. Клучен приоритет во овој инструмент за МСП е воведување на иновации и иновативни решенија и производи во самите компании. 

Искористеноста на средствата наменети за проекти во целина на Програмата „Хоризонт 2020“ за период од 2014 година покажува зголемени капацитети на искористување и последните податоци покажуваат дека Македонија има искористено повеќе од 7 милиони евра преку проекти кои значат реализација на одредени проекти за јакнење на конкурентноста на македонската економија. Меѓу овие 7 милиони евра е и Проектот „ТРАИНЕЕ“ кој го реализира и координира Стопанската комора на Македонија, а е наменет за јакнење на конкурентните способности на градежниот сектор за имплементирање на принципите на енергетска ефикасност во градби. 

Европската унија веќе интензивно работи на креирање на новите програми за конкурентност и иновации во приватниот сектор и веќе од мај 2018 година определени се постулатите на новата Програма за истражување и развој „ХОРИЗОНТ ЕВРОПА“ која е предвидена да започне на 1 јануари 2021  година. Расположливи средства во рамките на седумгодишниот период на оваа Програма „Хоризонт Европа“ ќе бидат повеќе од 100 милијарди евра. Новина во оваа програма е огромната финансиска поддршка за компаниите пред се` во интензивирање на соработката со универзитетите и истражувачките центри во насока на конкретна примена на самите иновации и иновативни решенија во  компаниите. Ова значи дека секое истражување мора да има конкретна примена во индустријата во насока на создавање иновативни производи и решенија кои ќе значат и јакнење на европската економија во целина.

Јадранка Аризанковска

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија