МЕСНАТА ИНДУСТРИЈА БЕЛЕЖИ ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ КАКО РЕЗУЛТАТ НА ВЛАДИНАТА МЕРКА
➢ Актуелно (20.02.2019)
👁 Прочитано: 1222



МЕСНАТА ИНДУСТРИЈА БЕЛЕЖИ ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ КАКО РЕЗУЛТАТ НА ВЛАДИНАТА МЕРКА

Зголемен извоз на сувомесни производи, намалување на увозот, поголема искористеност на домашните капацитети, како и пад на цената на дел од домашните сувомесни производи е резултатот од воведената мерка минатата година за намалување на царината на смрзнато месо за преработка, истакна заменикот на претседателот на Владата за економски прашања и за координација на економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и министерот за економија, м-р Крешник Бектеши, на прес-конференцијата во Стопанската комора на Македонија, на којашто присуствуваа и претставници на Групацијата за преработувачи на месо и месни производи при Комората (20.02.2019 година).

-Мерката како таква беше повеќе од потребна. Извозот на сувомесни производи е зголемен за 41,7 проценти, вкупното производство на сувомесни производи е зголемено за 6,64 проценти по нејзиното воведување од 1 јули 2018 година. Во 2018 година се извезени 2.936.495 килограми сувомесни производи, а во 2017 година 2.070.904  килограми, додека увозот лани изнесувал 6.039.749 килограми, додека во 2017 година бил 13.442.740 килограми. Од земја увозник станавме земја извозник и Северна Македонија нема друга шанса освен брза индустријализација, беше потенцирано од страна на вицепремиерот задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев.

Мерката беше воведена со цел да се помогне на преработувачката месна индустрија која имаше проблем и не беше конкурентна бидејќи суровината што ја користеше имаше царина, а сувомесните производи од странство се увезуваа без царина.

Царината, како што рече претседателот на Групацијата, Гоце Трајчев, пред воведување на Мерката бише помеѓу 19 и 35 проценти. Намалувањето даде резултати и се очекува позитивниот тренд да продолжи.

Заклучокот од страна на Групацијата од досегашната примена на Мерката е дека целта за  изедначување (не субвенционирање) со европските и производители и месопреработувачи од соседните земји се` уште не е постигната, но насоките и трендовите по кои се движиме се секако позитивни и за поздравување.

Имајќи ги предвид досегашните резултати и состојби, Групацијата работи на предлози за потрајни решенија до целосно ослободување на увозот на замрзнато свинско месо за преработка и проширување на тарифните броеви кои ќе соодветствуваат директно на потребите на месните индустрии, без никакви последици и влијанија на останатите состојби во стопанството.

Предлозите набргу ќе бидат доставени до надлежните (во смисла да има континуитет и подолгорочно планирање на компаниите) и мерките наместо периодични да прераснат и да се преточат во законска процедура за стоки за крајна употреба, слично како и останати преработувачи од други дејности во земјава.

Васко Ристовски