ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ И НЕЛЕГАЛНАТА ТРГОВИЈА ВО МАКЕДОНИЈА - тема на состанокот на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија
➤ Актуелно (10.11.2016)
👁 Прочитано: 550



ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ И НЕЛЕГАЛНАТА ТРГОВИЈА ВО МАКЕДОНИЈА - тема на состанокот на Здружението на  трговијата при Стопанската комора на Македонија

Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, на  седницата одржана на 10.11.2016 година,  расправаше за Предлог-измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите и за состојбата со нелегалната трговија во Република Македонија.

Предлогот за измена и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите е на иницијатива на членките на Здружението на трговијата при Стопанската  комора на Македонија, кои што сметаат дека треба да се регулираат правата и обврските на овластените сервисери за начинот и квалитетот на сервисирање на производите, да се дефинираат термините кои дозволуваат различно толкување кај членките на Здружението и институциите, да се обезбеди потранспарентна комуникација на релација трговец - потрошувач, сервис - потрошувач, трговец - сервис и обратно. Членките на Здружението на трговијата сметаат дека многу често неосновано и беспредметно потрошувачите даваат претставки за сервисирање на производот. Ова беше дел од дискусијата на денешната седница.

На состанокот на Здружението, што се одржа во Стопанската комора на Македонија,  присуствуваа претставници на Министерството за економија и на  Здружението за заштита на потрошувачите.

Во дискусијата беше потенцирано дека Предлогот за измени и дополнувања на Законот е со цел да се постигне поголем степен на одговорност над субјектите кои вршат сервисирање на производите, а истовремено и заштита на потрошувачите во делот на квалитетна и навремена услуга. При тоа, од правните субјекти беше побарано да се преземат активности на ниво на целата дејност за обука на трговците. Во случај на дефект на продаден производ купувачите првично да го предадат во продавницата од каде што истиот е купен, а не самите да го носат на сервис и покрај тоа што поседуваат документ за овластен сервисер. Во таа насока се предлага и организирање работилници на кои ќе се дефинира како и во која форма ќе се обучуваат сите инволвирани страни, дефектните производи да стигаат првично во продавниците од каде што се купени, а потоа да се дистрибуираат кај сервисерите. Целата постапка да биде евидентирана во книга,  а обврска да ја пополнуваат ќе имаат и трговците и сервисерите. Трговците исто така сметаат дека е потребно да постои опција за избор на овластен сервисер од неколку понудени сервиси, а не само од еден. Како опција беше предложено да се изработи и Кодекс за однесување на сервисерите како форма на почитување на непишаните правила во бизнисот.

Претставниците од надлежните институции на состанокот ја потврдија подготвеноста за соработка за сите отворени прашања во насока на регулирање на овој дел од трговијата во која се вклучени голем број правни субјекти, но и потрошувачи.

По прашањето за нелегалната трговија во Република Македонија, членките на Здружението при Комората разговараа за нелегалната продажба на брендирани производи. Согласно нивните укажувања, паралелно со легалниот увоз се случува увоз на истите производи и по нелегален пат, што претставува директна закана за легалната трговија, што оди и на штета на вкупната домашна економија, пред се` изразено преку помали даночни приходи во буџетот на државата. За таа цел, се бара преку Здружението во иднина средбите со надлежните државни институции да бидат почести, но да биде поактивна и контролата на пазарот од соодветните инспекциски служби.

Игор Тасевски