Здружение на трговијата - РАСПРАВА ОКОЛУ ПРАКТИЧНАТА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА УКАЖУВАЧИ
➢ Актуелно (12.04.2016)
👁 Прочитано: 546



Здружение  на трговијата - РАСПРАВА ОКОЛУ ПРАКТИЧНАТА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА УКАЖУВАЧИ

На 12.4.2016 година, Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија одржа редовна седница и расправаше за практичната примена на Законот за заштита на укажувачи. На седницата се укажа дека со овој закон се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите. Присутните бараа дефинирање на поимот „Заштитено пријавување“. Со овој закон тоа е прецизирано дека е пријавување со кое се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконско или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

 

Членките на Здружението дискутираа за сите спорни прашања поврзани со новодонесениот Закон за заштита на укажувачи, кои ќе им бидат од корист на сите страни што се директно засегнати од неговата примена. Стана збор за начинот на кој треба да бидат формирани документите со кои ќе се регулира заштитата на укажувачите; за интерните процедури кои ги предвидува Законот, како и начинот на кој ќе се определува кое лице ќе може да се јави како овластено лице за прием на пријави од страна на укажувачот и  дефинирање и заштита на укажувачите.

Посебен интерес присутните пројавија за практични примери за изработка на правилници, кои според нив треба да бидат унифицирани, како и за запазување со роковите предвидени со Законот.

Законот за заштита на укажувачите се однесува и на јавниот сектор и на приватниот. Пријавувањето може да биде внатрешно, во самите институции, но и надворешно преку четирите институции - Народниот правобранител, Јавното обвинителство, МВР и Државната комисија за спречување корупција.

Заштитеното внатрешно пријавување во приватниот сектор се уредува со внатрешен акт на правното лице со најмалку 10 вработени лица.

Лазо Ангелевски