Одржана тркалезна маса на тема - „ВНАТРЕШНАТА РЕВИЗИЈА ВО МАКЕДОНИЈА – ТЕКОВНИ ПРЕДИЗВИЦИ СО ИДНИ ТРЕНДОВИ“
➤ Актуелно (20.11.2015)
👁 Прочитано: 592



Одржана тркалезна маса на тема - „ВНАТРЕШНАТА РЕВИЗИЈА ВО МАКЕДОНИЈА – ТЕКОВНИ ПРЕДИЗВИЦИ СО ИДНИ ТРЕНДОВИ“

Во Стопанската комора на Македонија, во организација на Здружението на внатрешни ревизори, се одржа тркалезна маса на тема: „Внатрешната ревизија во Македонија – тековни предизвици со идни трендови“. На настанот присуствуваа внатрешните ревизори од приватниот сектор (трговијата, банкарскиот и осигурителниот сектор), како и од јавниот сектор.

 

На тркалезната маса, во име на Здружението на трговијата пред присутните се обрати м-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор во Стопанската комора на Македонија и координатор на активностите на здружението, на тема: „Барањата и потребите на трговците, поврзани со законската регулатива во рамки на член 415 од Законот за трговските друштва”. Присутните беа информирани дека членките на Здружението на трговијата, кои согласно законот имаат задолжителна обврска за воспоставување служба за внатрешна ревизија, доследно ги почитуваат законските прописи и оценуваат дека од работата на овие служби имаат и значајни придобивки што вклучуваат и постојана и целосна ревизија на законитоста, правилноста и ажурноста на работењето на друштвата. Од друга страна, беше посочено дека компаниите кои немаат законска обврска за воспоставување на служба за внатрешна ревизија, доброволно немаат воспоставено ваква служба.

Во излагањето, беа истакнати и определени прашања за дискусија, меѓу кои можноста за пофлексибилни законски решенија поврзани со ограничувањето на внатрешните ревизори да бидат ангажирани и на други работи, доколку тоа го дозволуваат меѓународните стандарди за внатрешна ревизија, недоволната регулираност на прашањето за потребните квалификации, искуство и други услови што треба да ги исполнува еден внатрешен ревизор за да биде ангажиран во едно трговско друштво, како и прашањето за објективност, независност и непристрасност на внатрешните ревизори во вршењето на нивната работа.

Од дискусијата на учесниците на оваа тема, се воочи и потребата од почести информативни и промотивни средби и настани на Здружението за улогата и значењето на внатрешната ревизија пред менаџерите и сопствениците на компаниите, со цел утврдување на заеднички заклучоци за наматамошно унапредување на внатрешната ревизија во Република Македонија.

На средбата свое обраќање повразано со регулативата во Европската унија во делот на внатрешната ревизија и начинот на контрола на работата на акционерските друштва од страна на членовите на акционерските собрание имаше проф. д-р Димитар Гелев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

За начинот на организација и работа на службата за внатрешна ревизија во Народна банка на Република Македонија зборуваше Снежана Черепналовска Дуковска од НБРМ, а за внатрешната ревизија во осигурителниот сектор пред присутните се обрати г-ѓа Билјана Јаневска Неделковска. За внатрешната ревизија во јавниот сектор се обрати г-дин Трајко спасовски од Министерството за финансии на Република Македонија.

Од средбата произлегоа низа препораки и заклучоци, меѓу кои, како најзначано беше прашањето за потребата од законско нормирање на внатрешната ревизија во посебен закон, во кој ќе бидат подетално уредени целите, активностите, надлежностите и начинот на работа на внатрешните ревизори како во приватниот сектор, така и во јавниот сектор, усогласени со признатите стандарди за вршење на оваа професија.

М-р Елена Милевска Штрбевска