Здруженијата на хемиската индустрија и на трговијата расправаа за обврските на одговорните лица во маркетите согласно Законот за хемикалии - ДОПОЛНИТЕЛЕН ТРАНЗИЦИОНЕН ПЕРИОД ОД ЕДНА ГОДИНА ЗА ЦЕЛОСНА ПРИМЕНА НА CLP/GHS-РЕГУЛАТИВАТА
➤ Актуелно (05.05.2015)
👁 Прочитано: 987



Здруженијата  на хемиската индустрија и на трговијата расправаа за  обврските на одговорните лица во маркетите согласно Законот за хемикалии - ДОПОЛНИТЕЛЕН ТРАНЗИЦИОНЕН ПЕРИОД ОД ЕДНА ГОДИНА  ЗА  ЦЕЛОСНА  ПРИМЕНА НА CLP/GHS-РЕГУЛАТИВАТА

На 5 мај 2015 година во Стопанската комора на Македонија се одржа заеднички состанок на Здружението на хемиската индустрија и Здружението на трговијата, на тема: Обврските на одговорните лица во маркетите согласно Законот за хемикалии и влегувањето во сила на CLP/GHS-регулативата.

На состанокот, со кој раководеа претседателите на здруженијата, Соња Тасевска и Зоран Костовски, учествуваа компании-проиводители на хемиски производи и компании што тргуваат со хемиски производи, увозници, диструбутери и маркети.

Се укажа дека од 1 јуни 2015 година во Република Македонија стапува на сила новиот систем на одбележување на хемикалиите кои во делокругот на работење на малопродажните објекти се препознатливи како куќна хемија, во која спаѓаат предметите за општа употреба, детергентите, средствата за омекнување, производите за белење, производите или артиклите кои содржат хемикалии, средства за одржување хигиена и средствата за дезинфекција.

Состанокот се организираше во соработка со Агенцијата за лекови при Министерството за здравство. Раководителот на Секторот за хемикалии во рамките на Агенцијата за лекови, м-р Лидија Савиќ ги запозна стопанските субјекти со обврските и потребната документација, кои треба да ги исполнат при ставање во промет на споменатите производи, согласно Законот за хемикалии (,,Службен весник на РМ“ бр. 145/10, 53/11, 164/13) и согласно  CLP/GHS-регулативите.

Присутните, во своето активно учество во расправата, поставија прашања поврзани со предметната проблематика и укажаа на потребата од рационализација на трошоците при примената на обврските од законските одредби во оваа област во делот на регистрацијата на секој производ одделно.

Присутните на состанокот, претставниците на двете здруженија и на Агенцијата за лекови, заеднички ја оценија потребата за интензивирање на започнатите активности за регистрација на правни субјекти за ставање во промет на хемикалиите, но заради комплексноста на процедурите, бројноста  на фирмите и на производите, беше договорено да се даде дополнителен транзиционен период од една година за комплетно завршување на процесот.

Беше дадена и можноста до 1 јули 2016 година да може да се ставаат во промет проиозводите на залиха кои ја носат ознаката за опасни хемикалии согласно старата класификација на хемикалиите.

Двете здруженија ќе реализираат идни активности за натамошно информирање и едуцирање на стопанските субјекти до целосно завршување на процесот на регистрација на фирмите и хемиските производи согласно Законот за хемикалии.

Лазо Ангелески
Зорица Мешкова