Здружението на трговијата и Македонската музичка индустрија се договорија - ГОЛЕМ ПОПУСТ ЗА ЈАВНО СООПШТУВАЊЕ НА ФОНОГРАМИ И ИЗВЕДБИ
➤ Актуелно (14.10.2014)
👁 Прочитано: 559



Здружението на трговијата и Македонската музичка индустрија се договорија  -  ГОЛЕМ ПОПУСТ ЗА ЈАВНО СООПШТУВАЊЕ НА ФОНОГРАМИ И ИЗВЕДБИ

      Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија и Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „ММИ“ - Скопје, одржаа работен состанок на 14.10.2014 година. На состанокот се расправаше за висината на надоместоците за јавно соопштување на фонограмите и изведбите согласно важечкиот Правилник на ММИ и Одлуката на ММИ со која се намалуваат износите за членките на Здружението на трговијата во однос на важечкиот Правилник.

      Претседателката на Здружението, Соња Тасевска, соопшти дека се дава поддршка на овој проект, и дека според Законот за авторското и сродните права носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон, а во договор со корисниците.

        

 

      Директорот на ММИ, Бодан Арсовски ги прифати образложенијата на членките на Здружението на трговијата за големото оптоварување на компаниите и токму поради таа причина, предложи голем попуст и намалување на максималниот износ на вредноста на бодот и бројот на бодовите наведен во Предлог-тарифникот, наменет за членките на Здружението.

     На работниот состанок се договори веднаш да се изготви Општ договор за утврдување на висината на надоместокот за јавно соопштување на фонограми и изведби во продажните места на стопанските субјекти од областа на трговијата, кој ќе важи за членките на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија.
                                                                                 Лазо Ангелевски