Влијание од примената на законските решенија за финансиска дисциплина врз работата на компаниите од трговијата - ВНИМАТЕЛНО СЛЕДЕЊЕ НА ПАЗАРОТ И ПРЕТПАЗЛИВОСТ ВО НАРАЧКИТЕ
➤ Актуелно (23.04.2014)
👁 Прочитано: 534



Влијание од примената на законските решенија за финансиска дисциплина врз работата на компаниите од трговијата - ВНИМАТЕЛНО СЛЕДЕЊЕ НА ПАЗАРОТ И  ПРЕТПАЗЛИВОСТ ВО НАРАЧКИТЕ

          Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија на редовната седница, одржана на 23.4.2014 година, расправаше за тековната состојба на трговијата во Република Македонија и за очекуваните ефекти од примената на законските решенија врз работата на компаниите од трговијата: Закон за финансиска дисциплина и Закон за задолжница; Закон за вонсудско спогодување и Закон за заштита на потрошувачите.

Негативните состојби се рефлектираат во сите малопродажни објекти од поголемите трговски субјекти во Република Македонија, а во иста мерка негативно влијаат и врз работењето на главните снабдувачи: трговците на големо и македонските производители (ова особено се однесува на прехранбените производи).

На седницата беше истакнато дека во услови на намален промет во трговијата, се намалува и работата кај домашните преработувачи кои  производствените капацитети не ги искористиле во доволен процент.

Позитивен момент во трговијата во Република Македонија е отворањето на големи трговски центри, како од странски инвеститори, така и од веќе постојните домашни трговски синџири. Тие имаат пошироко значење во општеството и воопшто во стопанството: отворање на нови работни места, исплата на плати и придонеси од платите, подигнување на општото ниво на стандардот на населението и постојана куповна моќ со поголем број редовно вработени со редовни лични примања.

Со ова се поттикнуваат и домашното производство и трговијата на македонски производи во поголемите трговски центри во Република Македонија, каде се забележуваат купувачи и од странство, посебно од соседните земји. Евидентна е и помалата посетеност на  соседните земји за шопинг од страна на македонските граѓани, бидејќи со донесувањето на познати светски модни и други брендови, престана потребата од трошење девизи во странство за оваа намена.

Се забележува дека поголемата конкуренција ги натера трговците на воведување современи начини на работење, менаџирање и позитивен однос кон потрошувачите. Интензивно се работи на поголема посетеност и атрактивност на трговските центри, со воведување на постојани и привлечни промоции и промотивни кампањи. 

Посебен предизвик за македонските трговски субјекти ќе биде нивното преструктуирање во работата со поголемата присутност на електронското тргување, со кое сме во зачеток во однос на развиените земји.

Во почетокот на 2014 година не се забележаа позначителни промени во резултатите од работењето во трговијата. Но, потребно е секојдневно реагирање на однесувањето на пазарот и донесување на соодветни мерки за успешно работење. Ова посебно се однесува на очекуваните ефекти од примената на новите законските решенија врз работата на компаниите од трговијата.

                                                                                                Лазо Ангелевски