Здружение на хемиската индустрија - СУГЕСТИИТЕ ЗА ГРАЃАНСКИОТ ЗАКОНИК КОМПАНИИТЕ ДА ГИ ИСПРАТАТ ДО КОМОРАТА ДО 25 МАРТ
➤ Актуелно (11.03.2014)
👁 Прочитано: 924



Здружение на хемиската индустрија - СУГЕСТИИТЕ  ЗА ГРАЃАНСКИОТ ЗАКОНИК КОМПАНИИТЕ ДА ГИ ИСПРАТАТ ДО КОМОРАТА ДО 25 МАРТ

     Здружението на хемиската индустрија (на заедничка седница со Здружението на трговијата), на 11 март 2014 година, во Стопанската комора на Македонија,  расправаше по финалната работна верзија на Кодификацијата на граѓанското право –книга трета - Облигациони односи.
     На заедничката дебата, која имаше за цел да ги вклучи членките на здруженијата во јавната расправа по оваа особено значајна правна регулатива, претседателот на Комисијата за кодификација на граѓанскиот законик, проф. д-р Гале Галев ги запозна присутните со текот на неговото изготвување, инволвираноста на компетентни институции, како и со деловите од законикот кои на кој било начин имаат импликации врз работењето на компаниите и за делот за трговските договори.

     
    

       Станува збор за обемен законик кој во својата работна верзија, ставена на расправа пред коморските здруженија, ги содржи постојните и сите нови, алтернативни решенија. Во рамките на јавната расправа, стопанските субјекти своите забелешки по текстот на законот за облигационите односи би можеле да ги доставуваат амандмански, со  предлог-текст за измена на постојни решенија, односно со додавање на нови решенија. Сите доставени амандмански предлози ќе бидат разгледани и одговорени од страна на Комисијата  за изготвување на кодификацијата на Граѓанскиот законик, - истакна проф. Галев.
      Значењето на кодификацијата на граѓанскиот законик беше илустрирано и со новата законска регулатива за финансиска дисциплина, во однос на потенцирањето на општествениот интерес во однос на диспозицијата на волјата на страните во трговските договори.
      Оценувајќи ја расправата како корисна за претставниците на бизнис-секторот, претседателот на Здружението на хемиската индустрија, Зоран Костовски, ги повика правните субјекти, најдоцна до 25 март 2014 година до стручните служби при Комората да ги достават своите сугестии  за  одредени проблеми и прашања од нивното работење, поврзани со граѓанскиот законик во делот на облигационите односи.

                                                                                                              З. Мешкова