Стопанска делегација на Бугарија во посета на Стопанската комора на Македонија - ВО СЕПТЕМВРИ ГОДИНАВА МЕЃУНАРОДЕН ТРГОВСКИ-БИЗНИС ФОРУМ ВО СОФИЈА
➤ Актуелно (09.07.2013)
👁 Прочитано: 539



Стопанска делегација на Бугарија во посета на Стопанската комора на Македонија - ВО СЕПТЕМВРИ ГОДИНАВА  МЕЃУНАРОДЕН ТРГОВСКИ-БИЗНИС ФОРУМ ВО СОФИЈА

          Стопанска делегација од Бугарија, составена од шест трговски компании од кои поголемиот дел се од типот „се' за домаќинството“, со посредство на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извоз на Република Македонија, на 9.7.2013 година оствари работна посета на Стопанската комора на Македонија.

            Во рамките на посетата, делегацијата од Бугарија, предводена од претседателите на Трговската комора на Бугарија и на Асоцијацијата на индустрискиот капитал на Бугарија и претставници на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, предводени од претседателот на Здружението, Соња Тасевска, одржаа работен состанок на кој беа разменети мислења за можноста за организирање на меѓународен трговски бизнис-форум во Софија, за поширок круг на компании од двете земји. Форумот би бил наменет за трговија на големо и на мало претежно за увоз на стоки од Република Македонија во Република Бугарија.


 

             Македонската делегација, покрај претседателот на Здружението на трговијата, ја сочинуваа и претставници на трговските компании: „Тедико супер“ - Скопје, „Веро“ - Скопје, „КАМ“ - Скопје и „Рептил маркети“ - Скопје.
 Стопанската делегација од Бугарија беше составена од претставници на  компаниите: „Кооптрговија” АД и „Градски кооперативен сојуз”, РПК „Наркоп”, „Искра” АД, „Елби Булгарикум” АД, Национална организација на слепите и Трговскиот синџир “Наш дом“, сите од Софија.

              Нагласувајќи ја добрата и успешна досегашна меѓусебна стопанска соработката меѓу Република Македонија и Република Бугарија, која има реални потенцијали за натамошно унапредување, претставниците на Комората преку бројки ја презентираа остварената меѓусебна трговска размена во изминатата година која се карактеризира со следното:

            - стопанската размена меѓу Република Македонија и Република Бугарија се одвива согласно Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ;
            - вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Бугарија во 2012 година достигна вредност од 818,6 милиони САД долари. Извозот изнесува 285,4 милиони САД долари, а увозното салдо изнесува 407,7  милиони САД долари. Трговскиот дефицит изнесува 122,3 милиони САД долари; 

             - Р. Бугарија е четврти најголем трговски партнер на Р. Македонија во 2012 година; 

            - во структурата на извозот на Република Македонија најмногу се застапени: руди на бакар, олово и цинк и концентрати, валани производи од цинк и жици од железо и челик, потоа прехранбени производи,  тутун неизжилен, готови текстилни производи и облека и др.;
             - во увозното салдо, редоследно, најголемо учество имаат: нафтени масла, битумен и парафин, отпадоци од железо и челик, топло и ладно валани и други производи од железо и челик, сурово масло од сончоглед, електрична енергија, прехранбени производи, сурово дрво и др.


                На состанокот беше истакнато дека како резултат на традиционално добрите партнерски односи на Стопанската комора на Македонија со Бугарската трговска и индустриска комора, во април 1999 година, двете комори потпиша Протокол за формирање на Македонско-бугарска стопанска комора. Истата комора беше иницијатор за основање на Асоцијацијата на балканските комори (АБК). Билатералната соработка се одвива и преку партнерскиот проектот АБК - ДИХК којшто има седиште во Бугарската трговска и индустриска комора.
 Членовите на бугарската делегација поединечно ја презентираа состојбата со нивните продажни капацитети и арсеналот на нивните стоки за продажба, истакнувајќи дека се заинтересирани за проширување на соработката со што поширок круг на македонски компании за купување и продажба на трговски стоки.

                Во функција на проширување на соработката, беа разменети и идеи и предлози за реализација на целта на посетата, врз основа на што беше договорено во втората половина на септември или во почетокот на октомври годинава да се одржи трговски бизнис-форум во Софија, на кој би зеле учество широк круг на стопанственици од двете земји за разни видови стоки од меѓусебната трговска размена.
 

                За време на престојот во Република Македонија, бугарската делегација ќе има можност да воспостави контакти и соработка со поширок круг на стопанственици од нашата земја, а ќе реализира и работни средби со одредени државни институции и други асоцијации од областа на трговијата. 
 

 

                                                                                               Митко Митевски