Здружение на трговијата - Донесувањето пропис за утврдување на нормативи за дозволена висина на кало и растур во трговијата - РЕАЛНА ПОТРЕБА ШТО ТРЕБА ШТО ПОСКОРО ДА СЕ РЕАЛИЗИРА
➤ Актуелно (19.06.2013)
👁 Прочитано: 501



Здружение на трговијата - Донесувањето пропис за утврдување на нормативи за дозволена висина на кало и растур во трговијата - РЕАЛНА ПОТРЕБА ШТО ТРЕБА ШТО ПОСКОРО ДА СЕ РЕАЛИЗИРА

Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, на седницата одржана на 19.6.2013 година, во присуство на претставници на Министерството за економија, Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи, водеше расправа по текстот на Предлог-нормативите за дозволена висина на кало и растур во трговијата на големо и на мало, што како работен материјал беше изготвен врз база на мислењата и предлозите на компаниите од трговската дејност и доставен до членките на ова Здружение на разгледување.

 

Беше истакнато дека основата за донесување на еден ваков, за компаниите, значаен документ произлегува од Законот за дополнување на Законот за данок на добивка, каде што се предвидува донесување подзаконски пропис за нормирање на износите на кало, растур, крш и расипување на стоки и одделни производи утврдени за секоја соодветна гранка за даночни цели.

При изготвувањето на текстот на Предлог-нормативите земени се  предвид: спецификата на производите коишто се предмет на секојдневна работа на трговците, од аспект на нивните физички и хемиски карактеристики и својства, периодот на нивна манипулација во текот на годината, спецификите на односите на македонскиот пазар, примената на прописите за безбедност на производите и сл.

Непосредната размена на мислења на присутните претставници на министерствата со компаниите беше во функција на изготвување и донесување на што поквалитетен и, до праксата поблизок пропис од оваа проблематика со кој ќе бидат остварени целите за неговото донесување, а од којшто ќе имаат бенефит и стопанствениците.

 

Поддршката што трговците ја даваат за што поитно донесување на ваков пропис, тргнува, пред се’, од фактот дека истиот е реална потреба и   недостасува во македонската правна регулатива, како што истиот го има во соседните земји.
 Врз основа на обемната расправа беше упатена препорака до надлежните институции, предложениот текст од страна на Здружението на трговијата да претставува основа во донесувањето на конечниот текст на истиот, при што да се земат предвид сите специфики коишто ги карактеризираат односите на македонската национална економија.

Во таа насока, трговците ја нагласија својата безрезервна подготвеност за соодветно вклучување и помош во  сите фази од донесувањето. 
 
Митко Митевски