ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Неделен коментар
   
Неделен коментар
04.10.2019 👁 Прочитано: 552

ГОЛЕМИ РИБИ ВО МАЛ АКВАРИУМ


М-р Зоран Јовановски
Биографија
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор
на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања

Ако ја погледнеме добивката на целиот банкарски сектор заедно, остварена само во првите шест месеци од секоја година, податоците покажуваат дека во 2017 година вкупната добивка изнесувала 50,1 милион евра, во 2018 година 90,6 милиони евра и во 2019 година 58 милиони евра. Значи, добивката во првото полугодие од годинава е пониска од минатогодишната за 32,6 милиони евра или за значителни 36%. Но, „проблемот“ не е во годинава, туку во она што се случувало лани. Добивката остварена во првата половина од минатата година е таа што отскокнува, а годинава работите генерално се враќаат на своите вообичаени, редовни патеки. Зошто е тоа така?

Народна банка, во една своја анализа на првиот квартал од годинава, ова го објаснува како последица на „настани од нередовен карактер“, односно „ефект на еднократни фактори“. Причината е едноставна, минатогодишната продажба на „Фени“. „Фени“ не ги враќал редовно кредитите земени од банките и тие морале побарувањето од „Фени“ после извесно време да го класифицираат како нефункционално побарување. Согласно регулативата, банките во такви околности издвојуваат т.н „резервации“, исправка на вредноста, за покривање на потенцијалните загуби од неможноста да го наплатат побарувањето од „Фени“. Кога се продаде „Фени“ и новиот сопственик истовремено ги отплати кредитите кон банките, одеднаш се ослободи исправката на вредноста на побарувањето, акумулирана низ годините. Тоа беше вонреден приход за банките и нивната добивка доживеа своевидна ерупција. Ова се случи во првиот квартал од минатата година и ја подигна високо основата за споредба за оваа година. Затоа годинава добивката на банките е значително пониска од минатогодишната. Тоа не е единствената причина, но е најважната. 

Да се префрлиме сега на секторот индустрија. Изненадувачки делуваше објавениот податок за растот на вкупното индустриско производство во земјава од цели 9,8%, во август годинава споредено со истиот месец минатата година. Да се потсетиме. После високиот раст на вкупното индустриско производство од 12% во јануари годинава, започна тренд на забавување на растот, низ месеците тој забавуваше на нешто над 7%, па на 5,5%, па на само 1,2% и во јуни годинава премина во зоната на негативен раст (пад) од 2,7%. И, тогаш, изненадувачки, трендот ја смени својата насока и од опаѓачки повторно доби нагорна линија. Во јули годишниот раст на вкупното индустриско производство, во споредба со ланскиот јули се зголеми за 5,8%, а во август, како што веќе рековме, растот достигна 9,8%. На што се должи ова?

Податоците покажуваат дека во август, на пример, производството во рударството и вадењето на камен се намалило за 1,4%. Зголемено е производството во вкупната преработувачка индустрија за 4,5%, а таа има доминантно учество од 77,1% во вкупното индустриско производство. Во рамки на преработувачката индустрија, од гранките што имаат позначајно учество во неа, од една страна се зголеми производството на моторни возила, приколки и полуприколки за 39,5%, на електрична опрема за 28,3%, на пијалаци за 13,1%. Но, од друга страна се намали производството на прехранбени производи за 10%, на метали за 6,8% и на текстил за 1,4%. Сепак, во овие движења нема спектакуларни стапки на промена.

Она што привлекува внимание се стапките на раст кај гранката „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“, којашто е индустриска гранка со најголемо индивидуално учество од 12,1% во вкупното индустриско производство. Во јули 2019 година годишната стапка на раст во оваа гранка изнесувала 51,8%, а во август 47,9%. Ова се исклучително високи стапки на раст во летните месеци, во година во која нема некакво невообичаено подобрување на хидролошката состојба за да има зголемено производство на електрична енергија. Причина за вака високото производство во оваа индустриска гранка во летните месеци е работењето на централата „ТЕ-ТО“. Таа по правило работи само во периодот на грејната сезона. Но, летово, со регулаторна мерка, променета е соодветната методологија за пресметка на цените. Ваквата промена резултира со намалување на цената за пренос на природен гас и се создаваат поволни услови за работа на централата „ТЕ-ТО“. Активирањето на централата и увозот на природен гас значи приход за „ГА-МА“, значи зголемено домашно производство на енергија, значи поголеми приходи за „ТЕ-ТО“, но и поголеми приходи за буџетот на државата. Класична win-win ситуација.

Од аспект на целата економија, кога годинава имате производство во некоја индустрија во одреден период, а сте го немале во претходната година и затоа имате ниска споредбена основа, логично е дека и податоците за индустриското производство, набљудувано во целина, ќе се подобрат годинава. Се разбира, доколку наредната година постојниот концепт се промени и со регулаторна мерка работите се вратат на старата позиција, ќе го имаме обратниот ефект.

Поентата на овој текст е дека македонската економија е мала и дека изградбата на само еден нов голем производствен капацитет или активирањето на некој таков капацитет што заради одредена причина не работел во одреден период или воопшто, има значително влијание за остварувањата на домашната економија и целокупната перцепција за неа. Очигледно е дека за големите индустриски капацитети во земјава е потребно посебно внимание од страна на носителите на економските политики, треба да се согледаат нивните потреби и да се отстранат сите пречки за нивно уште поуспешно работење. Во мал аквариум, една голема риба може да направи бранови.

СВЕТСКА БАНКА, ПРОДУКТИВНОСТА, МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА, ГЛОБАЛНИТЕ ТРГОВСКИ ВОЈНИ

ПРВАТА ГОЛЕМА ГЛОБАЛНА ЛЕКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ

ВАЖЕН МОМЕНТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА

БУРА ВО СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА, КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ?

56ТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО НЕ Е САМО ЗА СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ

ЛУД, ЗБУНЕТ, НОРМАЛЕН...

ДОАЃААТ ПОТЕШКИ ВРЕМИЊА ЗА НЕЕКОЛОШКИ БИЗНИСИ

ДА СЕ ЧЕКА ВО ЧЕКАЛНАТА ИЛИ НЕШТО ДА СЕ ПРАВИ?

РАЗУМНОСТ ВО ПРАКСА

ШТО НЕ Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ЗАПРЕ?

ШТО Е ДОБРО И ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ?

КАКО ГЛЕДА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА НА ЕКОНОМИИТЕ ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН?

ИМА УШТЕ МНОГУ РАБОТА КАЈ ПОЛИТИКИТЕ ЗА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО ЗАПАДНИОТ БАЛКАН

ДА СИ ПОВТОРИМЕ

МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – ПРАШАЊА ШТО БАРААТ ОДГОВОРИ

НИШТО НЕ Е НЕВОЗМОЖНО

ПРАЗНИЦИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА

ВАЖНИ ПОРАКИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ОД „САРАЕВО БИЗНИС ФОРУМ 2019“

КОЈ КОЛКУ РАСТЕ ЕКОНОМСКИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН?

БИЗНИС СЕКТОРОТ И НАСЕЛЕНИЕТО СЕКОГАШ ГО НАОЃААТ РАЦИОНАЛНИОТ ПАТ

ЧЕТИРИ СТРАТЕШКИ ОДЛУКИ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

СИРОМАШНА ДРЖАВА СО НЕИСКОРИСТЕНИ РЕСУРСИ

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЕКОНОМИЈАТА

ПОПИСОТ КАКО ОСНОВА ЗА ВАЖНИ ЕКОНОМСКИ ОДЛУКИ

НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС ОКОЛУ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

ЕКОНОМСКА ФИЛОЗОФИЈА ШТО МОТИВИРА ИЛИ ДЕМОТИВИРА

Што е, всушност, Коморскиот инвестициски форум?

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР