ВЕБИНАР ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛИЈАНИЕТО НА КОВИД-19 ВРЗ ОСИГУРИТЕЛНИОТ БИЗНИС

ВЕБИНАР ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛИЈАНИЕТО НА КОВИД-19 ВРЗ ОСИГУРИТЕЛНИОТ БИЗНИС

Стопанската комора на Македонија на 15 мај 2020 година, користејќи ја најновата опрема за видео-конференциски врски, организираше вебинар на тема: „Влијанието на Ковид-19 врз осигурителната индустрија, тековни трендови и изгледи за иднината“.

Во услови на активни мерки за борбата против пандемијата и со отежнати услови на нормално функционирање и работење, целта на еден ваков значаен семинар со учество на еминентни странски говорници е запознавање на субјектите со моменталните последици и идните предизвици од влијанието на Ковид-19 врз осигурителниот сектор.

Како што беше истакнато на настанот, брзото и глобално ширење на Ковид-19 и преземените чекори за намалување на последиците од пандемијата, имаат значително влијание врз глобалната економија и врз финансиските системи. Осигурувањето има значајна улога за време на пандемијата, обезбедувајќи заштита на поединци, домаќинства и деловни субјекти.

Друштвата за осигурување се изложени на ризици од двете страни на нивните биланси: на страната на обврските поради поголемата фреквенција и обем на настанати штети, како и поради промената на каматните стапки, додека активата е под силно влијание на волатилноста на финансиските пазари. При тоа, регулаторните тела кои спроведуваат супервизија над субјектите на осигурување треба да бидат будни во однос на финансиското здравје и оперативната ефикасност и издржливост на истите, со цел да обезбедат соодветна заштита на осигурениците и одржување на стабилност на целокупниот финансиски систем.

Според излагањето на експертите-учесници на вебинарот, главните ризици по работењето на осигурителните друштва произлегуваат од намалувањето на продажбата на полиси за осигурување и опасноста за загрозување на ликвидноста во работењето, со едновремено отежнување на оперативното функционирање на друштвата за осигурување во услови на работа со редуциран персонал.

На овој важен „онлајн“-настан за сите субјекти од  осигурителната дејност,  како говорници се јавија познати имиња од светот на осигурувањето од Европа и САД, директори на Супервизорското тело на осигурувањето од Словенија и на Бирото за осигурување од Хрватска, како и претседавачот на Европската асоцијација на посредници во осигурувањето.

Вебинарот е инициран и на него имаше воведно обраќање д-р Климе Попоски, поранешниот претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во нашата земја, а сегашен член на Собранието на Стопанската комора на Македонија.

Учеството на вебинарот беше потврдено од страна на голем број  осигурителните компании од земјава, посредници во осигурувањето, како што се брокерските друштва и банките, државни институции, како и на високи претставници на агенциите и телата за супервизија на осигурувањето од повеќе земји од непосредното, но и поширокото опкружување на земјава.  

Влатко Стојановски

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Македонија