ФИНСКА ЗЕМЈА НА ЗНАЕЊЕТО

   

ОБРАЗОВАНИЕ / 24.10.2019
👁 Прочитано: 872


ФИНСКА ЗЕМЈА НА ЗНАЕЊЕТО
Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Европската недела на вештини , што се одржа минатата недела во Финска, само уште еднаш (по којзнае кој пат), потврди дека во оваа земја се функционира беспрекорно. Луѓето се љубезни и учтиви. Земја која има многу малку природни суровини, сконцентрирана на знаењето како единствен ресурс кој ја извадил од економската сиромаштија. Одвојува 5,7% од БДП за образование, истражувања и научен развој. За споредба, тоа е 35% повеќе од одвојувањето што го прави нашата земја во однос на БДП. Земја со стратегија за постигнување еднаквост и квалитет во образованието. Земја во која образованието е бесплатно (трошоците поврзани со училиштето, исхраната, екскурзиите, превозот, како и сите потребни училишни помагала се покриени од страна на државата) и се заснова на резултати, ефикасност и ефективност. Образовниот систем не ги стимулира децата да учат механички и да го повторуваат наученото, туку да истражуваат, мечтаат и да иновираат. Затоа резултатите на меѓународното ПИСА тестирање покажуваат дека децата од Финска се на самиот врв или блиску до него на сите тестирања спроведени до сега.

 

Дали сето ова се должни на развиената свест на луѓето или на можноста за приспособување на образованието на реалните потреби? Која е целта на образовниот систем во Финска?

· Првенствено да обезбеди еднаков пристап до квалитетно образование за сите деца. Секое дете да добие бесплатно образование и квалитетен наставник.

· Да ја поттикне можноста децата да се развијат како уникатни личности преку изработка на индивидуален план за секое дете. Тоа значи развивање на компетенции, социјални и интерактивни вештини, грижа за потребите и интересите на другите луѓе и позитивен став кон другите култури и различните средини.

· Да ја поттикне љубопитноста, самоиницијативноста, имагинативноста, креативноста, иновативноста и претприемачкиот дух кај учениците.

· Да ја развие способноста кај учениците за разбирање на прочитаното и примена на истото во секојдневниот живот. Тоа значи наместо изучување поединечни предмети, учениците ги проучуваат настаните и феномените во интердисциплинарен формат.

· Да се стекнат со натпреварувачки вештини и да им се всади идејата за успех. Наставникот ги стимулира учениците да истражуваат, откриваат и да создаваат свои информации за да бидат подготвени за предизвиците на животот.

· Да се поттикнат учениците за самостојно продлабочување на знаењето преку истражување.

· Да им помогне на учениците да го развиваат другарството помеѓу себе, а тоа поттикнува развивање на трансверзалните вештини.

· Да ја подигне свеста кај учениците и возрасните за позитивен однос кон работата. Во финскиот вредносен систем нема работа која е „под нечие ниво“.

· Да се подготват сите деца за работа, да се едуцираат вешти работници, за придонес кон заедничкото добро и активно граѓанство. Учениците имаат доволно знаења за да најдат работа веднаш по матурирањето и не им треба дополнително практично искуство.

· Да ги поттикне учениците да ги развиваат стручните вештини преку практична обука во компаниите. Тоа значи, покрај теоријата се реализира и обука на работно место. Стопанската комора на Финска е вклучена во стручното образование и обука и ги охрабрува компаниите да земат се` поголем број ученици на пракса, иако свеста за овој процес кај работодавачите е многу голема. Со тоа се овозможува врската помеѓу задачите на работното место и барањето на квалификации.

· Да овозможи развивање на чувство за одговорност кај ученикот за да ги постигне работните задачи потребни за работното место.Тоа значи градење на вештини кај ученикот, разбирање на вештините од страна на работодавачот и користење на вештините за вработување. Стручното образование и обука нуди силна стручна компетентност и обезбедува вештини за живот и за работа.

· Да овозможи право на вработување и унапредување преку можноста за доквалификација и преквалификација. Тоа значи идентификување на вештините и унапредување на истите. Системот за финансирање на стручно образование и обука ги наградува давателите на образование за нивните резултати, ефикасност и ефективност на нивните активности. Фокусот на финансирање е на завршените квалификации, вработување на носителите на квалификации или уписи на понатамошни студии по образованието.

 

Клучната улога за успех во образовниот процес ја има наставникот. Во Финска мора да има завршено магистерски студии и лиценца за наставник за да може да предава. Професијата наставник е ценета професија во ранг со професијата лекар или адвокат. За да се биде наставник потребни се високи оценки, а само најдобрите од оние кои имаат високи оценки можат да станат наставници, односно работници со знаење (Knowledge workers). Поминуваат строги приемни испити за упис на факултет и само 10% од пријавените успеваат да се запишат на факултетот кој трае пет години - три години додипломски и две години мастер студии. Наставникот има обврска постојано да ги усовршува своите вештини.

Finska

Но веднаш се наметнува прашањето: зошто вака не функционира образовниот систем и во нашата земја? Прашањето би го разложила на неколку работи што треба да ги направиме:

1. да се обезбеди стабилен и одржлив систем на финансирање;

2. хармонизирана законска регулатива;

3. реформа на факултетите за стекнување квалификација наставник;

4. промена на пристапот во наставата, на пристапот на подучување и учење за видливост на вештините и компетенциите;

5. квалитетна практична обука во компаниите;

6. професионална ориентација и кариерно советување на учениците;

7. следење на учениците по нивното завршување и процентот на вработување на учениците по нивното завршување;

8. поттикнување на процесот на доквалификација и преквалификација кај младите и возрасните;

9. јакнење на системот на образованието на возрасните и неформалното образование;

10. вработување и напредување во кариера според системот на вредности.

Само ако доследно се пристапи кон реализација на активностите и започнат реални структурни реформи со партнерски однос помеѓу Владата, образовните институции, Комората и работодавачите може да се има надеж за квалитетно образование кое приближно би наликувало на финското образование. Дотогаш, мора да сите да работиме на исполнување на целта.