Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
25.09.2019 👁 Прочитано: 382

ВКЛУЧУВАЊЕ НА МАЛИТЕ И СРЕДНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА


Улогата на малите и средни претпријатија во образовниот процес за стекнување  практики, стручни и меки вештини кај учениците на работно место, беше тема на 4.  Регионална конференција за земјите - кандидати за членство во ЕУ, што се реализираше во присуство на претставници од образовните институции, стопанските комори и работодавачи од земјите од Западен Балкан и Турција, поддржана од Европската фондација за обука при Европската комисија.

Акцентот на Конференцијата насловена „Вклучување на малите и средни претпријатија во учењето преку работа“, што се одржува во Скопје, е ставен на дискусии  но и размена на искуства за учењето преку работа во земјите од Западен Балкан, имајќи го предвид фактот дека малите и средни претпријатија се столб на развојот на секое општество за што говори и статистиката дека во ЕУ ваквиот профил на компании  создаваат околу 85% од новите работни места и обезбедуваат две третини од вкупното вработување на приватниот сектор во Унијата.

Стопанската комора на Македонија како стратешки партнер е активно вклучена во напорите на општеството во целина за подигањето на квалитетот на образовниот систем, а Европската комисија ја препозна улогата на Стопанската комора на Македонија како сериозен и релевантен партнер во воведувањето на дуалното образование со фокус на учењето преку работа. Во бројните средби со стопанственици и спроведени анкети меѓу компаниите, идентификувано е дека недостасува практично искуство, релевантни стручни вештини и компетентност кај учениците кои бараат да влезат во работниот процес. Фактот дека околу 80% од невработените се долгорочно невработени, како одраз на неусогласеност на вештините и компетенциите, ја наметна потребата од реализација на практична обука кај работодавач и поседување дополнителни стручни вештини кои им се значајни пред сè на работодавачите.

-Затоа, како Комора, правиме напори да му помогнеме и да го подобриме образованието да развива и да испорачува релевантни вештини за вработување и придонесуваме за зголемување на компетенциите кај учениците за работното место што овозможува да бидат прифатени на пазарот на труд и да се олесни процесот на трансфер од училишната во работната средина, - истакна д-р Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора на Македонија.

-Активно сме вклучени во сите образовни активности кои даваат додадена вредност на учењето преку работа, бидејќи сме свесни дека учењето преку работа претставува договор помеѓу: работодавачите - кои ги поставуваат сегашните и идни потреби од работна сила, коморите - кои треба да изнајдат начин како да излезат во пресрет на работодавачите и образовните институции - да оспособуваат квалитетни и стручни кадри, - потенцираше Милевска Штрбевска.

Учењето преку работа во тригодишно и четиригодишно стручно образование се реализира во околу 1000 мали, средни и големи компании на територијата на РСМ, со тенденција оваа бројка да се зголеми, имајќи предвид дека ќе треба да бидат опфатени сите ученици од сите години од стручното образование и обука.

Настанот кој има регионален карактер, наменет за земјите од Западен Балкан и Турција, во кои е присутна истата проблематика, само потврдува дека и активностите на коморите од 6-те земји од Западен Балкан преку Коморскиот инвестициски форум се во иста насока – да се креираат политики на воведување на дуалниот систем на образование, во насока на обезбедување квалификуван кадар согласно потребите на компаниите и обезбедување услови за регионална мобилност со фокус на практичната обука на работно место што ќе овозможи придвижување на земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Тоа ќе придонесе да се подобрува конкурентноста на економиите, не само во нашата земја, туку во рамките на земјите од Западен Балкан, како и да се намалува стапката на невработеност.

-Министерството за образование и наука ја препозна потребата од поврзување на пазарот на труд со образованието и започна со конкретни чекори во реформирање на стручното образование. Од годинава во сите училишта се започна со реализација на новите образовни програми за техничко образование. Мораме да им овозможиме олеснет пристап на младите од училиштето во работната средина, - истакна министерот Адеми.

Претставникот на Делегацијата на Европската унија во Македонија ја нагласи важноста на поврзувањето на праксата и образованието, но истакна дека нејзината одржливост можеме да ја видиме преку практичната обука на работно место. Бизнис заедницата смета дека младите немаат соодветни практични вештини, како резултат на недостаток на практична обука, а малите и средни претпријатија кои сочинуваат 97% од економијата во ЕУ имаат капацитет да ги примат учениците на пракса.

Претставникот од Финска, која е претседавач со Европската унија, ја презентираше визијата на земјата во насока на подобрување на и онака квалитетното стручно образование и обука. Целта на стручното образование и обука на Финска е обезбедување  стручно образование и обука за сите без разлика на возраста и проодност низ системот на образование во секое време. Фокусот беше ставен на квалитетот на наставниот кадар.

Знаејќи го значењето за стекнување практични вештини на работно место, на што  посветено работи, изминатиот период Стопанската комора на Македонија стана членка на Европската алијанса за практикантство, а Конференцијата беше можност за промоција на нејзиното членство.

М- р Наташа Јаневска