Нови прописи
   
ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА МЛАДИНСКИ ДОДАТОК
07.11.2019

Со членот 1 се предвидува дека со предложениот закон ќе се уреди висината, условите и постапката на исплата на младински додаток.

Членот 2 ја утврдува целта на законот, а тоа е поттикнување на младите лица да се вклучат на пазарот на труд во производна дејност, да ги задржат работните места во Република Северна Македонија, а преку финансиската поддршка да се обезбеди вработување на подолг временски период и подобрување на нивната економска положба.

Во членот 3 се дефинираат одделните поими кои се употребуваат во законот.

Членот 4 ги утврдува условите за стекнување со право на младински додаток, како и подзаконскиот акт кој треба да го донесе министерот надлежен за работите од областа на трудот. Младинскиот додаток согласно предложениот закон ќе се исплаќа на млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование и кои се во работен однос и се опфатени со задолжително социјално осигурување во производна дејност. Исто така, младински додаток ќе се исплаќа и на младите лица кои се отстапени кај работодавач- корисник од производна дејност од страна на приватна агенција за вработување. При тоа, е предвидено дека младинскиот додаток ќе се исплаќа најкaсно до 25-ти во месецот за претходниот месец, односно претходните месеци, за кои е исплатена плата од работодавачот, односно од самовработеното лице.

Во членот 5 е утврдена висината на младинскиот додаток, постапката и начинот на исплата на истиот. Имено, младинскиот додаток изнесува 3.000 денари месечно на кој износ се плаќа и данок на личен доход, а постапката се започнува врз основа на поднесено барање од младото лице во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Податоците за исполнетоста на условите, Агенцијата ги обезбедува по службена должност од Управата за јавни приходи и Централниот регистар на Република Северна Македонија. Образецот на барањето кое треба да го достави младото лице ќе го пропише министерот надлежен за работите од областа на трудот во согласност со министерот за информатичко општество и администрација.

Членот 6 го рокот за донесување на решение по поднесеното барање, како и рокот за поднесување на жалба по донесеното првостепено решение.

Со членот 7 се утврдува надлежноста за вршење на надзор врз примента на предложениот закон, а тоа е Министерството за труд и социјална политика.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје