РИЗИЦИ ПОВРЗАНИ СО НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА НА ЕУ ЗА ПРЕГОВОРИ

   

ПОРАКА ОД ... / 21.02.2020
👁 Прочитано: 295


РИЗИЦИ ПОВРЗАНИ СО НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА НА ЕУ ЗА ПРЕГОВОРИ
м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Новата, ревидирана методологија на ЕУ за преговори со земјите-кандидати има свои предности, за кои пишувавме претходната седмица, но носи и одредени ризици за земјите.

Прво, почеток на преговорите не значи и нивно завршување. Порано, кога една земја ќе го почнеше процесот, со исклучок на Турција, перцепцијата беше дека земјата влегува на патека на движење која сигурно завршува со влез во ЕУ. Преговорите се одвиваа со одредена помалку или повеќе извесна динамика и времетраење, но добиваа своевидна изразена административно-бирократска нота. Сепак, земјите-кандидати за влез во ЕУ знаеја дека е прашање на време кога целиот процес ќе заврши. Сега, во новите околности, ако земјата нема цврста волја и решеност да се зафати сериозно со потребните реформи и вградување на европската регулатива во националното законодавство, тогаш влезот во ЕУ може да остане само сон и покрај тоа што почнале и се одвивале преговори.

Второ,  како манифестација на првиот ризик, може поглавјето во некој од кластерите да се смета за затворено, по успешно реализираните преговори, но може повторно да биде отворено доколку се покаже дека прогресот кај потребните реформи не е доволен или работите се влошиле дополнително. Со еден збор, сега процесот на преговори со ЕУ во даден момент може да стане и реверзибилен, а не само да запре како што е случајот со Турција. Сето тоа може да биде придружено со запирање на финансирањето од ЕУ-фондовите. Притоа, особено е важно дека т.н. „фундаментални реформи“ ќе бидат први отворени и последни затворени. Во групата „фундаментални реформи“ влегуваат владеење на правото, економијата, борба против корупцијата и постоење на демократски институции што функционираат соодветно.  

Трето, во процесот на преговори, новата методологија на ЕУ им дава поголема моќ на поединечните земји-членки на ЕУ. Тие можат да испраќаат свои експерти, заедно со оние од Европската комисија, во земјите-кандидати за да го следат нивниот прогрес. Притоа, поединечните земји-членки на ЕУ можат и да предложат запирање на преговорите со земјата-кандидат. Имајќи ја предвид историјата на односите на нашата земја со „одредени“ земји-членки на ЕУ, постои ризик нашиот прогрес во преговорите да биде под „посебна лупа“.

Се разбира, сите овие ризици ќе останат само ризици доколку по добивањето на датумот, во преговорите со ЕУ влеземе организирано и бескомпромисно за реализација на предвиденото.