Интервју Ерсој: Годинава ќе ги прошириме капацитетите на двата македонски аеродроми
➢ ОД КОМПАНИИТЕ (13.01.2020)
👁 Прочитано: 1363



Интервју Ерсој: Годинава ќе ги прошириме капацитетите на двата македонски аеродроми

Преземено од Фактор.мк

Годината што измина беше исклучително успешна за ТАВ Македонија. Бројката на патници континуирано се зголемува, беа воведени неколку нови дестинации од Скопје и Охрид до европските земји, а не изостанаа ниту светските признанија за скопскиот аеродром, вели во интервју за Фактор првиот човек на ТАВ Македонија, генералниот директор Алпер Ерсој. Дециден е дека членството во НАТО ќе биде дополнителен поттик за домашнaта економија, но и за компанијата, па се очекува раст на бројот на патниците. На истекот на десеттата година откако ТАВ работи во земјава, годинава, Ерсој очекува на Меѓународниот аеродром во Скопје да се пречека тримилионитиот патник.

Со какви впечатоци ја заокруживте 2019 година, задоволни ли сте од постигнатото?

Ерсој: Минатата 2019 година беше многу успешна година за ТАВ Македонија, во однос на порастот на бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром, кој изнесува 14 проценти или од 1. јануари заклучно со 31. декември преку двата македонски аеродрома - Меѓународниот Аеродром Скопје и  аеродром Свети Апостол Павле во Охрид, патуваа вкупно 2,7 милиони патници или точно 2.677.618 патници. Оваа стапка на пораст ја постигнавме како резултат на постојаниот развој на мрежата на дестинации на аеродромите во Скопје и во Охрид.

Во 2019 година, ТАВ Македонија додаде четири нови дестинации од скопскиот аеродром - Бремен, Баден-Баден, Турку и Ларнака и осум нови дестинации од охридскиот аеродром - Меминген, Дортмунд, Милано и Малме кои се редовни авиолинии преку целата година, како и Штутгарт, Дизелдорф, Мастрихт и Адана кои пак се сезонски авиолинии.

Скопскиот аеродром моментно има 44 дестинации, со 13 авиокомпании, додека Охридскиот аеродром има 22 дестинации, од кои осум се редовни во текот на целата година и 14 сезонски, опслужувани исто така од 13 авиокомпании. Многу сме задоволни со бројките на воздушниот сообраќај кои се резултат на добрата соработка што ја имаме со Владата, како и со сите засегнати страни во авијацијата – Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, Полицијата, Царината и сите авиокомпании како наши клиенти. Ќе продолжиме да работиме заеднички за проширување на мрежата на дестинации, како и на подобрување на нашите услуги.

Во однос на наградата ASQ (Квалитет на аеродромски услуги) што ја освоивме во 2019 година, ова е 4.пат Меѓународниот Аеродром Скопје да е рангиран како еден од најдобрите аеродроми во Европа од страна на реномираната организација - Airports Council International (Меѓународниот совет на аеродроми). Претходно, ја освоивме истата награда за 2012, 2013 и 2015 година. Таа го признава аеродромот во Скопје како еден од најдобрите аеродроми во Европа за 2018 година, во својата категорија, во однос на квалитетот на услугите што им се нудат на патниците додека тие се на аеродромот. Airports Council International ги рангира аеродромите врз основа на резултатите од ASQ-анкетата, која ги одразува мислењата на нашите патници. Оваа награда е најдобар доказ за посветеноста на ТАВ Македонија за постојан раст и подобрување на квалитетот на  услугите. Всушност, со помош на ASQ-анкетата, ги идентификуваме областите каде што има потреба да го подигнеме квалитетот на нашите услуги. Практично го слушаме гласот на нашите патници и работиме за подобро да ги задоволиме нивните потреби и очекувања.   

Интервју Ерсој: Годинава ќе ги прошириме капацитетите на двата македонски аеродроми

Кон крајот на 2018 година на скопскиот аеродром го пречекавте 2 милионитиот патник. Кој беше таргетот за 2019 година, има ли нов рекорд?

Ерсој: Една од најголемите пресвртници за ТАВ Македонија што се случи во декември 2019 година е постигнатиот број од 300.000 патници на аеродромот Свети Апостол Павле во Охрид. Тоа е извонреден пораст од 8 пати или точно 815 проценти на патничкиот сообраќај на аеродромот во Охрид, за 10 години, откако ТАВ влезе на македонскиот пазар. Во 2009 година, на аеродромот во Охрид имаше само 36.652 патници. Анализирајќи ја целата 2019 година, само на охридскиот аеродром имаме пораст од 72 отсто, што е резултат на големиот број нови дестинации кои ги воведовме во последните две години, како редовни така и сезонски, така што засиленото проширување и развојот на мрежата на дестинации ја направи својата работа. Луѓето ја прифатија новата понуда и почесто патуваат.

 


 

За скопскиот аеродром, а и за двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, како еден пазар, секоја година имаме повеќе патници во однос на претходната година, така што од оваа перспектива, секоја година поставуваме повисок рекорд во бројот на патници. 

Во 2019 година ставивте посебен акцент врз регионалната промоција на двата аеродрома во земјава со цел да привлечете повеќе патници и од земјите од најблиското опкружување на Македонија. Сметате ли дека овој регионален пристап ќе даде забележителни резултати?

Ерсој: Овие активности веќе даваат резултати. Имаме повеќе патници од соседните земји. Охрид, исто така, стана атрактивен аеродром во својата гравитациска зона, бидејќи опслужува повеќе нови директни дестинации.

Проширената мрежа на дестинации на скопскиот и на охридскиот аеродром, направена во изминатите години, ги привлекува сите патници, не само оние од Македонија, туку сите луѓе кои живеат во радиус од 300 километри околу аеродромите, или на оддалеченост од 2 до 3 часа возење со автомобил. Работиме да ги убедиме авиокомпаниите да отворат нови дестинации од македонските аеродроми, како и да привлечеме нови авиокомпании и тур-оператори на пазарот. Самите авиокомпании пак си ја сработуваат „домашната задача“ – тие ги промовираат новите дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид, до целните патници од околините на скопскиот и охридскиот аеродром, или како што во авијацијата тоа го нарекуваме – во рамки на гравитациските зони на аеродромите. 

Во различни прилики менаџментот на компанијата ТАВ нагласува дека овој пазар има огромен потенцијал за развој. Во која насока го гледате тој развој?

Ерсој: Постигнавме два милиони патници во 2018 година, имаме двоцифрено зголемување на бројот на патниците во 2019 година од 14 отсто и очекуваме 6 проценти до 7 проценти зголемување на бројот на патниците во 2020 година. Членството во НАТО дефинитивно ќе има позитивно влијание врз порастот  на патничкиот сообраќај. Очекуваме дека ќе достигнеме три милиони патници годишно само на аеродромот во Скопје, во наредните три до четири години.

Охридскиот аеродром има добар тренд во однос на порастот на воздушниот сообраќај и овој тренд треба да се следи со нови хотелски инвестиции на брегот на Охридското Езеро, со цел да се овозможи сместување за повеќе туристи, кои ние како ТАВ Аеродроми, заедно со поддршката од државните власти, практично ги носиме во Македонија, преку новите летови што ги воведуваме.

 

Првиот човек на холдингот ТАВ, Сани Шенер, пред неколку месеци најави нови инвестиции во аеродромите во Скопје и Охрид. За какви инвестиции конкретно станува збор и кога се очекува нивната реализација? 

Ерсој: ТАВ во соработка со Владата е подготвен за реализација на овие инфраструктурни проекти, но во следниот период треба да се финализираат административните процедури.

Ако сите процедури се завршат, во 2020 година ќе работиме на проширување на капацитетите на двата македонски аеродроми. ТАВ Аеродроми отсекогаш ги исполнува своите обврски кон македонските власти и ние работиме во хармонија со македонската Влада, сè со цел да бидеме сигурни дека сите наши обврски се исполнуваат.

ТАВ Македонија е дел од глобална групација од аеродромскиот бизнис. Колку овој факт ви овозможува комотна позиција во авиобизнисот?

Ерсој: Како глобална компанија, ТАВ Аеродроми управува со 14 аеродроми, а заедно со Aéroports de Paris (ADP), нашиот француски партнер, со вкупно 29 аеродроми ширум светот. Фактот дека ТАВ Македонија е дел од меѓународна групација носи многу предности за развојот на македонските аеродроми, во смисла на градежната експертиза за аеродроми, управувањето и нивниот развој, но и сеопфатно знаење како на целата авиоиндустрија, така и на меѓународните прописи за воздухопловство, како клучни работи за секој пазар, особено за растечки пазар како што е македонскиот.

Исто така, предност е што нашите маркетинг-активности се водат во рамки на групациските маркетинг активности, што во пракса значи дека додека промовираме еден од македонските аеродроми, истовремено промовираме и други аеродроми од ТАВ групацијата. Ваквото промовирање на неколку аеродроми во пакет, го нарекуваме вкрстен маркетинг. 

Опслужуваме повеќе од 200 авиокомпании на 29 аеродроми и имаме добри деловни односи со овие авиокомпании и тур-оператори, што ни ја олеснува комуникацијата со нив.

Последно, но не и најмалку важно, факт е дека авијацијата е високо регулирана сфера, а аеродромите се основани од државите. Бидејќи ние ги управуваме, имаме стекнато огромно искуство во комуникација со владините тела, кои практично се наши партнери насекаде каде што работиме. Тоа искуство ги проширува нашите хоризонти кога влегуваме на нови пазари. 

Во 2020 година ТАВ ќе прослави 10 години присуство на пазарот во Македонија. Доколку направите ретроспектива на изминатата декада, што би издвоиле како најголемо достигнување, а што сметате дека можело да се направи поинаку?

Ерсој: По завршувањето на градежните работи, се фокусиравме на развојот на мрежата на дестинации на двата аеродрома, со цел да ги зголемиме можностите за патување. Овие напори генерираа четири пати поголем патнички сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид, како резултат на големиот број нови директни дестинации кои ги имаме отворено. Од 638.000 патници во 2010 година, 2019 година ја завршивме со 2,7 милиони патници. 

Покрај интензивниот пораст на воздушниот сообраќај, воведовме нови услуги, како што се – автобуски превоз за патници од скопскиот аеродром до градот Скопје, со цел да овозможиме автобуска линија меѓу аеродромот и градот која претходно не постоеше, потоа бесплатен Wi-Fi, автоматизирана наплата на паркинг, киоск за само-регистрација на патници, а најновата услуга воведена деновиве се е-портите инсталирани во зоната на претпристапна контрола, кои им овозможуваат на патниците со рачен багаж кои се пријавиле онлајн директно да се упатат кон пасошката контрола освен за случаите на некои граѓани кои не се од земји членки на ЕУ и кои задолжително треба да се пријават на шалтерите за регистрација кога патуваат во земјите на ЕУ, заради ЕУ-регулативите.

Сега, со новите инвестиции за проширување на аеродромите во Скопје и во Охрид, нашиот следна цел ќе биде да се пречека 3-милионитиот патник на Меѓународниот Аеродром Скопје.