ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
17.04.2019 👁 Прочитано: 3104

„СЕАВУС“ НАГРАДЕН ЗА РАБОТОДАВАЧ НА МЛАДИ ВО РЕГИОНОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН


Во организација на „Bosna Bank International“ (BBI) и во соработка со Islamic Development Bank Group (IDB Group), а под покровителство на Претседателството на Босна и Херцеговина, почна 10. „Сараево бизнис форум 2019“, како еден од најистакнатите и најголеми бизнис конференции во Југоисточна Европа.

Во рамките на активностите на Форумот, кој започна денеска како тридневна меѓународна манифестација, беше одржана конференцијата, на која се разговараше за можностите за надминување на предизвиците со кои се соочуваат претприемачите во Југоисточна Европа, со посебен акцент на темата: „Одржлив развој, интересот за соработка и инвестициите во регионот“.

Како дел од активностите на Форумот се и организираните презентации, сесии, деловни средби, при што фокусот е како да се изнајдат решенија за искористување на потенцијалите од областа на енергетиката, образованието, 4-та индустриска револуција - дигитална револуција, улогата на лидерството и одржливиот развој. Беше презентирана и инвестициската клима во регионот, природните и човечките ресурси со кои располага, како и можностите со кои располагаат компании како би добиле пристап до меѓународните пазари. Една од панел-дискусиите беше посветена конкретно на економските потенцијали на земјата домаќин, Босна и Херцеговина.

На Форумот учествува и делегација од Стопанската комора на Македонија, предводена од еминентни македонски компании, каде истите остварија контакти и средби за потенцијални трговски партнерства со голем број претставници од земјите од Западен Балкан и Европа.

Годинава беа доделени голем број награди и признанија на успешни компании и поединци, а меѓу наградените е и нашата долгогодишна членка, компанија „Сеавус“, номинирана во категоријата „Youth Employer of the Year“ – работодавач на годината.

„Сеавус“ е компанија за развој на софтверски и консултантски решенија и со докажано искуство во обезбедување успешни бизнис-решенија. Компанијата има над 900 ИТ-експерти ширум светот и нуди разновидни производи и услуги, успешно покривајќи го европскиот и американскиот пазар од неколку канцеларии во светот. Портфолиото на „Сеавус“ вклучува повеќе од 3.500 клиенти, меѓу кои и водечки светски производители на телекомуникации и мобилни телефони, организации од банкарската и финансиската индустрија, електроника, технологија, едукација, влади, здравство и др. Нивните поголеми развојни центри се во Македонија и Србија, каде што просечната возраст на вработените е 31 година каде го ценат знаењето, што подразбира посветеност на голем број можности за обука, што резултира со континуирано проширување на знаењето и развој на компетентност. За новодојденците обезбедуваат основни и напредни програми за патување, вклучително обуки за меки вештини за теми од интерес, како тековен процес на интеграција и сместување на новите вработени, обезбедувајќи им алатки, ресурси и знаење, со цел да станат успешни и продуктивни на нивното работно место, во најкус рок.

-Инвестираме во личен и професионален напредок и совршеност на нашите вработени и од таа причина дефинираме стандардизирана линија на активности кои треба да ги преземе менаџментот и кадрите за човечки ресурси на компанијата со цел систематски да се изгради, да се поддржи и да се унапреди знаењето и професионалната експертиза на нашиот персонал, - истакна Мирослав Поповиќ, претставник на „Сеавус“ задолжен за Босна и Херцеговина,

Инаку, „Сараево бизнис Форум“ претставува меѓународна платформа за бизнис средби, размена на нови идеи, искуства и можности за соработка, за вмрежување и истражување на можностите за инвестирање во регионот на Западен Балкан со цел поттикнување на развојот.

Сашо Деспотоски