ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЧЕТИРИТЕ „СЛОБОДИ“ НА ЕУ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

   

👁 Прочитано: 600


ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЧЕТИРИТЕ „СЛОБОДИ“ НА ЕУ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија
Заедничка Декларација за спроведување на четирите темелни „слободи“ на ЕУ во земјите од регионот на Западен Балкан беше донесена на состанокот што се одржа во Нови Сад, на 11 октомври 2019 година, меѓу премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија, Еди Рама.

Декларацијата претставува заложба за што побрзо и поефикасно формирање на Регионална економска област (РЕО) во Западен Балкан 6 како што е предвидено со повеќегодишниот Акциски план усвоен на Самитот на премиерите на Западен Балкан во Трст, во јули 2017 година, како дел од Берлинскиот процес, заснована на сеопфатност и на принципите на ЕУ за четирите „слободи“: слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Со Декларацијата, претседателите изразија подготвеност за зајакнување на регионалната соработка за генерирање економски развој, намалување на невработеноста, борба против илегалната миграција, борба против транснационалниот организиран криминал и подобрување на социјалната благосостојба на граѓаните, како и за зголемување на трговијата, инвестициите и вработувањето во регионот на ЗБ6.

Во очекување на членството во ЕУ, на регионот му е потребно значително зајакнување и раст, што може да се постигне само со заедничка заложба и имплементација на меѓународните договори во земјите од регионот. Потребна е посилна политичка посветеност за да се создадат соодветни услови за повисоки и поодржливи нивоа на економски раст. Целосното и слободно движење на стоки, услуги, капитал и работна сила низ целиот регион е најдобриот начин за мал регион како ЗБ 6  да генерира раст во брзо движечката, глобална економија. Овој подвиг ќе собере приближно 20 милиони луѓе на заеднички и обединет пазар, преку подобрување на животниот стандард низ целиот регион, обезбедување можности за граѓаните и подготовка на целиот регион за членство во ЕУ и за подобро утре.

Трите страни едногласно се обврзаа да работат на отстранување на граничните проверки и другите пречки за слободно движење во регионот што е можно поскоро, не подоцна од 2021 година. Луѓето да можат да патуваат низ регионот со валидна лична карта и да се овозможи да бидат во состојба да работат каде било во регионот, откако ќе бидат квалификувани на едно место, односно во една од земјите на ЗБ 6, а  дипломите да бидат признаени низ целиот регион. На политичко ниво, потребно е земјите од ЗБ 6 да ја интензивираат соработката против транснационалниот организиран криминал и да си помогнат едни на други во одговор на итни случаи, како што се, на пример, природните непогоди.

Тројцата претседатели ги повикаа своите колеги од останатите земји од Западен Балкан да ја прифатат и да се приклучат кон оваа суштински важна иницијатива за обединување на регионот и побрзо приклучување кон Европската унија. Со цел подетално разгледување на можностите за соработка и креирање видливи решенија за отворените прашања, претседателите најавија повторна средба во Охрид, на 10 ноември 2019 година.

 

Интегрален текст на Декларацијата:

„Свесни за одговорноста да ги обликуваме судбините на нашите земји, се обврзуваме да ги зајакнеме мирот, еднаквоста, владеењето на правото и просперитетот за сегашните и идните генерации во Југоисточна Европа.

ПРЕПОЗНАВАЈЌИ ја важноста на нашата заедничка перспектива за пристапување кон ЕУ и целосната посветеност на взаемна поддршка, почитување и помош кон европскиот пат, ги покануваме нашите колеги лидери на шесте земји од Западен Балкан да ни се придружат во овој обид.

ИЗРАЗУВАЈЌИ ПОДГОТВЕНОСТ за зајакнување на регионалната соработка за генерирање економски развој, намалување на невработеноста, борба против илегалната миграција, борба против транснационалниот организиран криминал и подобрување на социјалната благосостојба на нашите граѓани, како и за зголемување на трговијата, инвестициите и вработувањето во регионот на ЗБ6,

ЗЕМАЈЌИ ГО ПРЕДВИД процесот на формирање на Регионална економска област (РЕО) во Западен Балкан 6, како што е предвидено со повеќегодишниот Акциски план усвоен на Самитот на премиерите на Западен Балкан во Трст, во јули 2017 година, како дел од Берлинскиот процес,

РЕ-ИНИЦИРАЈЌИ ја заложбата за постигнување Регионална економска област во шесте земји од Западен Балкан заснована на сеопфатност и на принципите на ЕУ за „четири слободи“: слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, како и обврските преземени од државите во регионот, вклучувајќи ги и ЦЕФТА, Светската трговска организација (СТО), Договорот за олеснување на трговијата со СТО, MAP REA и други,

ПОТВРДУВАЈЌИ ја нашата заложба за повеќегодишниот Акциски план, го поздравуваме напредокот постигнат досега во четирите столба: трговија, инвестиции, мобилност и дигитална интеграција,

ИМАЈЌИ ЈА ПРЕДВИД И БАРАЈЌИ ДА СЕ ЗАБРЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу европските заедници и нивните земји-членки и Република Србија, Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу европските заедници и нивните земји-членки и Република Албанија и Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу европските заедници и нивните земји-членки и Република Северна Македонија, како и нашите заложби што се рефлектираат во Стратегијата на ЕУ: „Веродостојна перспектива за проширување и засилен ангажман на Европската унија кон Западен Балкан“, донесена во февруари 2018 година,

Имајќи ги предвид горенаведените факти, ја објавуваме нашата намера да ја продлабочиме соработката за креирање Регионална економска област (РЕО).

Од Самитот во Солун (2003 година), на процесот за регионална соработка се гледаше како на инструмент на проширување на ЕУ во Западен Балкан. Со почетокот на Берлинскиот процес (2014 година) и Самитот во Трст (2017 година), концептот на регионална соработка се подигна на друго ниво со воведување конкретни мерки во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, мобилноста, дигитализацијата и др. Проектот за изградба на заеднички пазар и интегриран регион, исто така, се рефлектираше подоцна во Стратегијата на ЕУ од февруари 2018 година - „Веродостојна перспектива за проширување и засилен ангажман на ЕУ кон Западен Балкан“. Овој напор се смета за суштински со цел создавање нови можности за развој и зголемување на капацитетите за генерирање повисоки нивоа на раст во регионот.

ЕУ се смета за клучен двигател на трансформацијата на целиот регион, барем од моментот откако беше изнесено ветувањето за проширување на „фамилијата“. Во очекување на членството во ЕУ, на регионот му е потребно значително зајакнување и раст. Водени од потребите, лидерите на шесте земји од Западен Балкан треба да бидат посуштински ангажирани со цел да се ослободи потенцијалот за развој кој сè уште е неискористен на Балканот. Потребно е да се примени поактивен и креативен пристап кон размената на стоки и капитал, движењето на луѓето и прекуграничната соработка, интеграцијата на услугите и работната сила. Лидерите во регионот потребно е да ја преземат одговорноста, да ја обликуваат иднината на регионот и да воведат политики кои имаат за цел да обезбедат слободно движење на човечки и материјален капитал. Ова е од клучно значење, не само за да се интегрира регионот полесно, туку и да се поттикне целокупниот развој низ Западен Балкан како целина. Процесот на европска интеграција минува низ процесот на регионална соработка.

Сите шест земји од Западен Балкан бараат членство во Европската унија. И покрај ова, структурните празнини меѓу ЕУ и Западен Балкан остануваат значителни. БДП по пазарни цени во ЕУ-28 е повеќе од 100 пати поголем од оној на ЗБ 6, кој во 2018 година изнесуваше околу 108 милијарди евра, додека просечната стапка на невработеност во ЕУ, за истата година, е скоро три пати пониска од онаа во земјите од ЗБ 6. Ова покажува дека лидерите на Западен Балкан се соочуваат со итна потреба да се справат со ваквата структурна неурамнотеженост, што може многу лесно да се претвори во пречка за влез во ЕУ на долг рок. Покрај тоа, нерешените прашања во рамките на ЗБ 6 дополнително го попречуваат економскиот развој и го намалуваат квалитетот на животот на нивните граѓани.

До денес, процесот на регионална соработка покажа конкретни придобивки за граѓаните на Западен Балкан. Од 2010 година, повеќе од 600.000 работни места беа креирани во економиите од Западен Балкан и повеќе од 500.000 лица, високо образован кадар, се препознаени како нова работна сила. Ова значително придонесе за посилни извозни перформанси и поголема конкурентност и присуство на поголем број меѓународни пазари. Процесот на регионална соработка, предвиден во рамките на повеќегодишниот Акциски план за регионална економска област, дополнително ќе ги зајакне овие позитивни трендови.

Лидерите на Западен Балкан потребно е да дејствуваат според новото политичко и економско опкружување во регионот. Поголемото мнозинство граѓани од Западен Балкан веруваат дека регионалната соработка може позитивно да придонесе за раст на нивните економии. Деловните структури изразуваат загриженост за бирократските ограничувања што го попречуваат проширувањето на регионалните пазари. Потребна е посилна политичка посветеност за да се создадат соодветни услови за повисоки и поодржливи нивоа на економски раст.

Целосното и слободно движење на стоки, услуги, капитал и работна сила низ целиот регион е најдобриот начин за мал регион како ЗБ 6 да генерира раст во брзодвижечката, глобална економија. Овој подвиг ќе собере приближно 20 милиони луѓе на заеднички и обединет пазар, преку подобрување на животниот стандард низ целиот регион, обезбедување можности за граѓаните и подготовка на целиот регион за членство во ЕУ и за подобро утре. Овој проект е инспирација од другите постојни и успешни модели на отворени региони како што се Бенелукс или Нордискиот регион. Крајната цел на овој потфат е да се пресликаат некои од најдобрите практики што конечно ќе стават крај на обичајните бариери на нашите граници и ќе обезбедат слободно движење на лица, добра и услуги на Западен Балкан.

Како прв чекор се обврзуваме да ги отстраниме граничните проверки и другите пречки за слободно движење во регионот, што е можно поскоро, не подоцна од 2021 година.

Според Светската банка, камионите поминуваат приближно 26 милиони часови годишно на граничните премини на Западен Балкан. Ова покажува простор за значително подобрување на тековните пристапи, што ги прави економиите на ЗБ 6 побавни и поскапи од потребното за да се натпреваруваат во глобалната економија.

Луѓето ќе можат да патуваат низ регионот со валидна лична карта. Потребно е да се овозможи да бидат во состојба да работат каде било во регионот, откако ќе бидат квалификувани на едно место, односно во една од земјите на ЗБ 6. Дипломите треба да бидат признаени низ целиот регион. Ние ќе ја интензивираме соработката против транснационалниот организиран криминал и ќе се заложиме да си помогнеме едни на други во одговор на итни случаи како што се, на пример, природните катастрофи.

Ова е смела иницијатива и ние ќе продолжиме да работиме за да постигнеме практични резултати и солидарност, така што нашите граѓани ќе видат придобивки.

За таа цел, ќе имаме повторна средба во Охрид, на 10 ноември 2019 година .“