“One stop shop” - олеснување на трговските и царинските бариери меѓу Северна Македонија и Србија

   

👁 Прочитано: 938


“One stop shop” - олеснување на трговските и царинските бариери меѓу Северна Македонија и Србија
Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

По поминати точно 27 години од поставувањето на границата кај Табановце, на 26.08.2019 година, по долгогодишните напори и како едно од позначајните барања на бизнис-заедницата на Балканот, се воспостави заедничко гранично управување на македонско-српската граница по принципот „One stop shop“.

Истото се воведе на барање на бизнис-заедницата од Србија и Македонија и на Коморскиот инвестициски форум- КИФ и не е прашање од интерес само за Македонија и Србија, туку за обезбедување побрз проток на стоки и услуги во рамките на Коридорот 10, како главна трансферзала која ги поврзува Централна со Јужна Европа и со Блискиот Исток. За значајноста на овој граничен премин говорат и бројките. Имено во просек увозно-извозни постапки спроведуваат околу 200.000 товарни возила годишно, а над 60.000 товарни возила транзитираат преку овој премин.

Со воспоставувањето на заедничко гранично управување на македонско-српската, граница, како и со неодамна реализираните инфраструктурни инвестиции на самиот патен правец кој е дел од Коридорот 10, истиот станува дополнително атрактивен, што значи зголемување на конкурентските предности на регионот.

Воспоставувањето на заедничко гранично управување на Табановце-Прешево е одличен прв чекор за олеснување на протокот на стоки за компаниите.  Сепак за дополнително олеснување на условите за бизнисот, потребно е  и понатаму да се работи на препораките произлезени од шесте комори на Западен Балкан во рамки на КИФ, односно да се работи на укинување на нецаринските бариери, сведување на царинските мерки на минимум во регионот, елиминирање на сите барања на податоци кои не се во согласност со меѓународните препораки и договори, како и на намалување на трошоците за обезбедување на истите и усогласување на работно време на органите во двете земји кои се надлежни за спроведување на увозно-извозните постапки.

Потпишувањето на трите спогодби меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Србија, коешто се случи по отворањето на заедничкиот интегриран граничен премин Табановце-Прешево, е токму во насока на овозможување полесен промет на патници, стоки и услуги и олеснување на трговските и царинските бариери меѓу двете земји.

Една од потпишаните спогодби е и Спогодбата за заедничко признавање на доверливите услуги кои се користат во двете земји, а истата  ја потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и потпретседателот на српската Влада и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ.

Министрите за земјоделство Трајан Димковски и Бранислав Надимовиќ, пак, потпишаа Спогодба за соработка во фитосанитарната областа и областа на  безбедност на храната и ветеринарството, а директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и заменик директорот на Српската царина, Веселин Милоевиќ  потпишаа Спогодба за заемно признавање на издадените одобрувања за овластен економски оператор.

Меѓусебното признавање на овластените економски оператори значи дека за овие компании при извоз и увоз од Македонија и Србија значително ќе се олеснат царинските контроли поврзани со безбедноста и сигурноста и истите ќе имаат приоритетен третман при царинење.

Стопанските комори како претставници на деловните заедници од двете земји, ценат дека со заемното признавање на овластенте економски оператори значително ќе се олеснат царинските контроли поврзани со безбедноста кои имаат приоритетен третман при царинењето, а со тоа и значително ќе се зголеми трговската размена меѓу двете земји.

Потпишувањето на овие спогодби како дел од активностите коишто ги превзема Коморскиот инвестициски форум- КИФ, се дел од агендата за креирање на единствена Регионална Економска Област (РЕО). Одредени истражувања говорат дека со отворањето на заедничкиот интегриран граничен премин и  имплементација на спогодбите, значително ќе се намали потребното време за завршување на пограничните процедури во регионот од 10%, што ќе доведе до зголемување на извозот за 5,5%.

Тоа говори дека забрзаниот проток на стоки е императив за создавање на конкурентен регион, што за деловните заедници од регионот претставува врвен приоритет. Раководството на Коморскиот инвестициски форум се надева дека ваквото искуство ќе биде препознаено и од другите држави во регионот на Западен Балкан, и дека во најскоро време ќе биде соодветно имплементирано во целиот регион.