Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ВО ПОСЕТА НА КОМПАНИИТЕ
08.11.2019 👁 Прочитано: 666

НАД ОСУМ ДЕЦЕНИИ ДЕЛУВАЊЕ ВО ФУНКЦИЈА НА МОТОТО „ЗДРАВЈЕТО Е ПРЕД СÈ“


Алкалоид АД Скопје, македонски бренд, препознатлив по квалитетот на своите прозводи во светски рамки, има значаен придонес во работата на Комората, преку учеството во органите и облиците на организирање и работење на Комората.

Во работна посета на компанијата, потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска и Љупка. И. Самарџиска, одговорна за Здружението на хемиската индустрија, остварија средба со генералниот директор, м-р Живко Мукаетов и потпретседател на Стопанската комора на Македонија.

На средбата заеднички беше ставот дека во наредниот период фокусот на активностите треба да биде, во соработка и со ангажман на сите засегнатите страни, наоѓање на соодветни решенија за создавање на кадри со квалификации и вештини потребни на бизнисот и реализирање на проектните активности на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), создаден во рамки на Берлинскиот процес, кои се во насока на унапредување на конкурентноста на економиите од регионот со поврзување на бизнис заедниците од 6-те земји. Особен акцент, смета м-р Живко Мукаетов треба да се стави на поддршка во процесот на дигитална трансформација на компаниите, која го олеснува глобалното поврзување на деловниот свет.

Алкалоид АД е компанија која повеќе од осум децении работи на производство на лекови, козметички и хемиски производи, како и на преработка на билни суровини. Со две подружници во земјата, како и 16 подружници и 3 претставништва надвор од Македонија (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација и САД),  компанијата брои околу 1.650 вработени во земјата и околу 550 вработени во подружниците и претставништвата надвор од Македонија.

Посветеноста на перманентниот раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата, се главните причини поради кои во изминативе дваесет години „Алкалоид АД Скопје“ се задржа на курсот за континуирано инвестирање вложувајќи преку 200 милиони евра, алоцирани воглавно во сегментот Фармација. Инвестициските потфати во производствени капацитети и опрема, лаборатории, институт за истражување и развој, центар за контрола на квалитетот, модерен SAP софтвер, технологија и добро обучен персонал – менаџментот на „Алкалоид“ ги смета за неопходни предуслови за зголемување на пласманите и интензивирано глобално позиционирање на производите на брендот „Алкалоид“. Во таа насока, се инвестициите во новите производни одделенија чиј износ ќе достигне 11 милиони евра и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP).

Во сегментот билкарство, поради зголемениот обем на извозните пласмани за американскиот пазар, во 2016 година набавена е нова машина за полнење филтер чаеви со годишен капацитет од 5 милиони пакувања. Програмата билкарство, покрај ISO 9001, ISO 14001 и HACCP стандардите, го добива и сертификатот за органско производство, со кој производите на сега веќе редизајнираниот бренд „Good Nature“, стануваат првите сертифицирани органски производи во Република Македонија.

Брендот „Бекутан“ (40 години постоење), суверено ја држи позицијата на лидер за детска козметика во Македонија и регионот. Портфолиото на „Бекутан“, кое доби нов и модерен дизајн задржувајќи го препознатливиот изглед, на крајот од оваа декада брои над 40 типа на производи кои се пласираат на 13 пазари во Југоисточна Европа.

„Алкалоид“е шесткратен добитник на наградата „Кристално ѕвоно“. Општествената одговорност, како дел од традицијата на „Алкалоид“ и одлика на секој вработен, продолжи со нагласено темпо во текот на оваа декада. Како проверен и сигурен партнер на македонското здравство и фармација „Алкалоид“активно партиципира и помага во реализацијата на домашни и меѓународни стручни манифестации, учествува со донации во опрема и инфраструктурни проекти за амбулантите и болниците низ Македонија. Логото на „Алкалоид“ и неговото мото „Здравјето пред сè“ се често присутни и на дресовите на македонските спортски репрезентации. Шаховскиот клуб „Алкалоид“ со години е на врвот во Македонија а во 2009 и2015 година се најде меѓу најдобрите 10 во Европа.

Во чест на големиот стратег и визионер, во 2007 година „Алкалоид“ ја формираше Фондацијата „Трајче Мукаетов”. Фондацијата стипендира млади, амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на македонското здравство и фармација.

Во 2016 година „Алкалоид го пушти во употреба новиот капитален објект, „Центарот за контрола на квалитет“, инвестиција вредна над 5 милиони евра. Во овој современ технолошко-аналитички капацитет кој се простира на површина од 3.000 m², се изведуваат активности од типот на: Контрола на суровини, контактна и секундарна амбалажа; Контрола на фазно производство и готови производи; Микробиолошка контрола и стабилност на фармацевтски производи; Валидациони активности и мониторинг и Изработка на аналитичка документација за регистрационите активности за фармацевтските производи. Строго контролираните услови за фармацевтско производство се предуслов за обезбедување високо квалитетни лекови, па оттука, развојно истражувачките активности и фармацевтската контрола на квалитет, се есенцијален дел во секојдневните производни операции на „Алкалоид“ и сегмент во кој компанијата во последната деценија од своето постоење инвестира над 3% од своите приходи на годишно ниво. Во 2013 и 2014 година „Алкалоид“ во својата историја испиша две високи научно-истражувачки достигнувања. Првото е решавањето на кристалната структура на соединението фолкодин монохидрат за прв пат во светски рамки, од страна на истражувачкиот тим на компанијата во соработка со уште две светски лаборатории. Добиените резултати од ова значајно откритие се објавени во реномираното научно списание „Kристален раст“ (“Journal of Crystal Growth“). Веднаш потоа, истражувачкиот тим на компанијата во директна соработка со престижниот „Макс Планк“ Институт од Штутгарт и Институтот за хемија при Природноматематичкиот факултет од Скопје, исто така за прв пат во светски рамки ја решија кристалната структура на соединението кодеин фосфат сесквихидрат.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
Љупка Илиевска-Самарџиска

НАД ОСУМ ДЕЦЕНИИ ДЕЛУВАЊЕ ВО ФУНКЦИЈА НА МОТОТО „ЗДРАВЈЕТО Е ПРЕД СÈ“