НАДМИНАТИ И ПОСЛЕДНИТЕ ДИЛЕМИ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ДРЖАВНАТА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА
👁 Прочитано: 2043



НАДМИНАТИ И ПОСЛЕДНИТЕ ДИЛЕМИ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ДРЖАВНАТА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА

Членки на Стопанската комора на Македонија на средба со министерката за финансии, Нина Ангеловска

Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија одржа работна средба на која беа разгледани забелешките доставени до Владата на РСМ и надлежните институции во врска со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка преку издавање на домашната платежна картичка. На истата учествуваа и министерката за финансии, Нина Ангеловска, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, со нивните работни тимови, како и претставници на Управата за јавни приходи.

Проектот претставува голем предизвик, за краток период требаше истиот да се осмисли и направи со цел да се подигне свеста за купување домашни производи во новонастанатите околности и 28 милиони евра од граѓаните да се слеат кај домашните компании. Притоа, особено се посвети внимание околу дефинирањето на тоа што е македонски производ. Досега се издадени 50.000 картички, а во наредните неколку дена се очекува да бидат издадени планираните 100.000 државни платежни картички.

Еден од проблемите со кој се соочија компаниите е начинот на поставување на домашните производи. Согласно насоките дадени и од ДПИ, како и од Министерството за финансии, ќе се прифати одбележувањето на домашните производи со посебни етикети, а  на тој начин купувачите ќе бидат информирани кој производ може да се купи со картичката. Околу 65% од потрошувачката се заснова на домашни производи и целта е тоа да се зголеми.

Во однос на „онлајн“-продажбата, компаниите посочија одредени можни проблеми за кои и самите надлежни институции се свесни и ќе мора веднаш да се најде решение. Како еден од предлозите што се слушна на седницата беше и при ваквата продажба, купувачот да потпише согласност и да се изјасни со каква картичка ќе плаќа, со цел да се избегнат неправилности при ваквиот начин на купување.

За дефинирање на тоа што е македонски производ, согласно укажувањето на д-р  Нина Ангеловска, министер за финансии, беа разгледани три предлози. Како решение беше прифатена дефиницијата: ПРОИЗВЕДЕНО ВО РСМ. На тој начин ќе се избегнат забуни во маркети при купувањето и ќе се поедностави целата акција која ќе трае до 15.8.2020 година. Решението, кое некои од компаниите го предложија - 531 ознаката на бар кодот да се смета за македонски производ, министерката смета дека не е решение, истото засега нема стандардизација и ќе се уредува понатаму.

Целта е да се стимулираат одредени групи граѓани кои се со пониски примања, но истовремено, преку издавање на картички кај студентите, со потрошувачката во ресторани и кафулиња да се надмите психолошката бариера и истовремено да се помогне и на овој сектор. По 15.8.2020 година, платежните картички ќе може да бидат употребени  за набавка на учебници и школски  материјали од страна на ученици од семејства со пониски примања.

 

Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија