УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ГРАЃАНИ И ВРАБОТЕНИ ЛИЦА СО НИЗОК ДОХОД, МЛАДИ ЛИЦА И ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ПРЕКУ ИЗДАВАЊЕ НА ДОМАШНА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА НАМЕНЕТА ЗА КУПУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 137 ОД 27.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на членот 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“, бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 27 мај 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ГРАЃАНИ И ВРАБОТЕНИ ЛИЦА СО НИЗОК ДОХОД, МЛАДИ ЛИЦА И ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ПРЕКУ ИЗДАВАЊЕ НА ДОМАШНА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА НАМЕНЕТА ЗА КУПУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

(1) Со оваа уредба со законска сила се уредуваат условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица на возраст од 16 до 29 години и здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19 со издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги.

(2) Финансиската поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица на возраст од 16 до 29 години и здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19, заради поттикнување на приватната потрошувачка и купувањето македонски производи и услуги во услови на намалена економска активност условена од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19 се врши од Буџетот на Република Северна Македонија преку Владината програма П1 - Мерки за справување со COVID-19 кризата.

Член 2

Одделни изрази употребени во оваа уредба со законска сила го имаат следното значење:

1) „Граѓани со низок доход“ се полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се приматели на социјална помош (лица од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош; лица од домаќинство кое користи право на детски додаток; лица од домаќинство кое користи право на додаток за образование; корисник на право на социјална сигурност за старите лица и негов брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница) или невработени лица кои активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 22.05.2020 година, кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 60.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „граѓани - корисници на финансиска поддршка“).

2) „Вработени лица со низок доход“ се државјани на Република Северна Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „работници - корисници на финансиска поддршка“).

3) „Млади лица“ се државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основни од Република Северна Македонија), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: „млади лица - корисници на финансиска поддршка“).

4) „Здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19“ се државјани на Република Северна Македонија вработени во јавните здравствени установи во Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за Итна медицинска помош, лица вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветната јавна здравствена установа респективно за времето на ангажирање согласно со евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување заради тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19 (во натамошниот текст: „здравствени работници - корисници на финансиска поддршка“).

5) „Македонски производи“ се производи и стоки за финална потрошувачка произведени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија, освен алкохолни пијалаци, тутун и преработки на тутун.

6) „Македонски услуги“ се услуги направени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија.

7) „Домашна платежна картичка“ е платежна картичка со видливо отпечатена ознака: „КУПУВАМ ДОМАШНО“ (“KUPUVAM DOMASHNO”) издадена од резидентна банка која потпишала Договор со Владата на Република Северна Македонија, на чија поврзана сметка се исплатува финансиската поддршка од членот 1 став (2) на оваа уредба со законска сила (во натамошниот текст: „ДПК“).

Член 3

(1) Листа на граѓани со низок доход-корисници на финансиска поддршка од членот 2 точка 1) и Листа на вработени лица со низок доход - корисници на финансиска поддршка од членот 2 точка 2) на оваа уредба со законска сила изготвува Управата за јавни приходи и ги доставува до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила. За целите на изготвување на Листа на граѓани - корисници на финансиска поддршка од членот 2 точка 1) на оваа уредба со законска сила, податоци до Управата за јавни приходи доставува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.

(2) Листа на млади лица - корисници на финансиска поддршка од членот 2 точка 3) на оваа уредба со законска сила изготвува Министерството за образование и наука и ја доставува до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во рок од еден ден од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила. За целите на изготвување на Листата на млади лица - корисници на финансиска поддршка Министерството за образование и наука доставува податоци од електронскиот систем за административна работа на училиштата и резидентните државни универзитети, во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.

(3) Листа на здравствени работници - корисници на финансиска поддршка од членот 2 точка 4) на оваа уредба со законска сила изготвува Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и ја доставува до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.

(4) Листите на корисници на финансиска поддршка од ставовите (1), (2) и (3) на овој член ги содржат следните податоци: име и презиме, ЕМБГ, адреса на живеење, и износ на финансиска поддршка, а може да содржи и податоци за емаил адреса, телефонски број за контакт, општина, регистарски број на лична карта, надлежен орган кој ја издал и датум на важење на личната карта, податоци за вработување вклучително и дејноста на работодавачот, односно статус на невработен/ученик/студент, за лицата за кои органот располага со овие податоци. Податоците од Листите на корисници на финансиска поддршка се енкриптирани согласно со прописите за заштита на личните податоци.

(5) Собирањето, обработката и чувањето на личните податоци содржани во Листите на корисници на финансиска поддршка согласно со оваа уредба со законска сила се врши согласно со прописите за заштита на личните податоци, при што листите од ставот (4) на овој член се доставуваат и преземаат во криптирана форма.

Член 4

(1) Домашна платежна картичка од членот 2 точка 7) на оваа уредба со законска сила издава банка резидент на Република Северна Македонија која се согласила со условите и критериумите утврдени во член 5 став (2) од оваа уредба со законска сила и која во рок од три дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила потпишала договор со Владата на Република Северна Македонија за издавање на домашна платежна картичка.

(2) Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија до Клириншката куќа КИБС АД Скопје доставува единствена Листа на корисници на финансиска поддршка со податок за ЕМБГ од членот 3 став (4) на оваа уредба со законска сила.

(3) Во рок од еден ден од денот на добивањето на Листата од ставот (2) на овој член Клириншката куќа КИБС АД Скопје ќе достави информација до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија за корисниците на финансиска поддршка кои поседуваат трансакциски сметки според ЕМБГ.

(4) Управата за јавни приходи до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе достави податоци за трансакциската сметка во банка од ставот (1) на овој член на која корисниците на финансиска поддршка од членот 2 точка 2) и точка 4) од оваа уредба со законска сила примаат плата, односно социјална помош или надомест за невработеност за корисниците на финансиска поддршка од членот 2 точка 1) од оваа уредба со законска сила.

(5) По добивање на податоците од ставовите (3) и (4) на овој член, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе изврши распределба на лицата корисници на финансиска поддршка по банки од ставот (1) на овој член заради издавање на ДПК.

(6) Корисниците на финансиска поддршка кои имаат трансакциска сметка само кај една банка од ставот (1) на овој член ќе бидат распределени за добивање на ДПК во банката во која имаат трансакциска сметка.

(7) Корисниците на финансиска поддршка кои имаат трансакциска сметка кај две или повеќе банки од ставот (1) на овој член или имаат сметка кај банка која не потпишала договор согласно став (1) на овој член, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ги распределува за издавање на ДПК кај една од банките од банките од ставот (1) на овој член според принципот на фер рамномерна распределба, а во согласност со расположливите капацитети на секоја од банките од ставот (1) на овој член давајќи предност на распоредување на лица со трансакциските сметки на кои примаат плата или социјална помош во банка од ставот (1) на овој член.

(8) Корисниците на финансиска поддршка кои немаат отворено трансакциска сметка кај ниту една банка од ставот (1) на овој член, се распределуваат за издавање на ДПК кај една од банките според принципот на фер рамномерна распределба, а во согласност со расположливите капацитети на секоја од банките од ставот (1) на овој член.

(9) По извршена проверка и распределба на корисници на финансиска поддршка од ставовите (6), (7) и (8) на овој член, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија до банките од ставот (1) на овој член во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила доставува конечна Листа на корисници на финансиска поддршка која ги содржи лицата корисници на финансиска поддршка на кои банката издавач на ДПК од ставот (1) на овој член ќе им издаде ДПК.

(10) Конечната листа на корисници на финансиска поддршка со податок за името и презимето на корисникот и банката издавач на ДПК, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ја објавува на www.kupuvamdomasno.gov.mk во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила. Корисник на финансиска поддршка од членот 2 точки 1), 2), 3) и 4) од оваа уредба со законска сила има право да ја одбие финансиската поддршка во рок пет дена од денот на објавувањето на Конечната листа од овој став. Одбивањето на финансиската поддршка се врши преку www.kupuvamdomasno.gov.mk, односно преку банка издавач на ДПК, во писмена форма или преку е-маил, во спротивно се смета дека финансиската поддршка уредена со ова уредба со законска сила се прифаќа.

(11) Банката издавач на ДПК склучува договор за издавање на ДПК и отвора трансакциска сметка на корисник на финансиска поддршка во согласност со закон и општите акти на банката издавач. Согласно со оваа уредба со законска сила за уредно се смета склучувањето договор за издавање на ДПК преку објавување на формуларен (типски) договор на интернет страната на банката издавач на ДПК или во простории на банката издавач на ДПК и приемот на изјава во е-форма од корисникот на финансиска поддршка дека е запознаен и ги прифаќа условите од објавениот договор. Малолетен граѓанин корисник на ДПК кој има валиден документ за идентификација (лична карта или пасош), согласно оваа уредба со законска сила ќе може самостојно да даде согласност и да склучи Договор за издавање на ДПК и отворање на трансакциска сметка, без присуство на родител/старател и без нивно евидентирање во својство на законски застапник во банката и истото ќе се смета дека е во согласност со Законот за облигациони односи и другите прописи кои се однесуваат на работењето на банките.

(12) Сите мерки и дејствија на анализа, идентификување, потврдување на идентитет, редовна проверка и ажурирање на клиенти - корисници на финансиска поддршка во согласност со прописите што го уредуваат спречувањето на перење пари и финансирање на тероризам од страна на банката издавач на ДПК при склучување на договорите од ставот (11) на овој член, ќе се преземаат врз основа на податоците добиени согласно ставот (10) на овој член и со задржување на копија од важечки документ за идентификација издаден од надлежен орган во хартиена и/или електронска форма, а без обврска за пополнување на други документи за регистрација/ажурирање на клиентите. Банката може да побара од корисникот на ДПК електронски да достави други документи потребни за регистрација/ажурирање на клиентите. Прибирањето на податоци на овој начин и нивниот пренос банките ќе се вршат во криптирана форма што ќе се смета дека е во согласност со важечките законски прописи што го регулираат спречувањето на перење пари и финансирање на тероризам и прописите за заштита на личните податоци.

(13) Доколку корисникот на финансиска поддршка се смета за клиент - носител на јавна функција според важечките прописи што го регулираат спречувањето на перење пари и финансирање на тероризам, истиот е должен при склучување на договор од ставот (11) на овој член да ја извести банката издавач на ДПК за таквата околност. Во спротивно, ќе се смета дека корисникот на финансиска поддршка не е носител на јавна функција.

(14) Корисник на финансиска поддршка од членот 2 точки 1), 2), 3) и 4) на оваа уредба со законска сила, со внесување на својот ЕМБГ на интернет страната www.kupuvamdomasno.gov.mk со безбедносен (HTTPS) протокол проверува во која банка издавач ќе му биде издадена ДПК и висината на финансиската поддршка

(15) Во рок од три дена од денот на извршената достава на Конечната листа на корисници на финансиска поддршка од ставот (10) на овој член, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија врши исплата на средствата за финансиска поддршка на банките од ставот (1) на овој член во висина утврдена за секоја банка одделно.

(16) Банката издавач на ДПК од ставот (1) на овој член, домашна платежна картичка издава на корисниците на финансиска поддршка од Конечната листа на корисници на финансиска поддршка од ставот (10) на овој член во најкус можен рок согласно со расположливите капацитети на банката, а најдоцна до 3.7.2020 година.

(17) Банката издавач на ДПК на својата интернет страна го објавува начинот на уредна достава и прием на ДПК до корисниците на финансиската поддршка на кои им издала ДПК. Банката издавач на ДПК, издадената платежна картичка ја доставува на адресата на живеење на лицето корисник на финансиска поддршка од Листата на корисници на финансиска поддршка од ставот (9) на овој член и обезбедува доказ за приемот на ДПК од лицето корисник на финансиска поддршка. За извршен прием и уредна достава се смета доставата со препорачана пратка преку пошта, доставата од страна на банката, како и приемот на ДПК во просториите на банката од ставот (1) на овој член.

Член 5

(1) Финансиската поддршка од членот 1 став (2) на оваа уредба со законска сила е еднократен износ кој се исплатува на ДПК издадена од банка издавач на ДПК, резидент на Република Северна Македонија, на лице корисник на финансиска поддршка согласно со оваа уредба со законска сила.

(2) Договорот за издавање на домашна платежна картичка од членот 4 став (1) од оваа уредба со законска сила и договорот меѓу банката издавач на ДПК и корисник на финансиска поддршка содржи задолжителни елементи според кои банката издавач на ДПК на лице - корисник на финансиска поддршка:

- не пресметува и наплатува надоместоци за издавање на ДПК,

- не пресметува и наплатува членарина за првата година на важност на ДПК,
- не пресметува и наплатува надоместоци за отворање, водење, управување, одржување и слични надоместоци за сметката поврзана со ДПК, до крајот на 2020 година,
- овозможува продолжување на користење на ДПК и по истекот на календарска 2020 година, во согласност со општите правила и услови за користење на платежната картичка што банката издавач ги објавила на својата интернет страна и
- не наплатува надоместоци за затворање на сметката и за затворање и/или одјавување на ДПК на барање на лицето корисник на финансиска поддршка.

(3) Граѓаните - корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 9.000 денари по лице. Работниците - корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Младите лица корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Здравствените работници - корисници на финансиска поддршка кои учествувале во тестирање и дијагностицирање на граѓани заболени од COVID-19 и нивно лекување ќе добијат еднократна финансиска поддршка во висина на 40% од износот на последната пресметана основна нето плата на секој работник одделно до денот на влeгување во сила на оваа уредба со законска сила.

(4) Примената финансиска поддршка на ДПК од членот 2 точка 7) на оваа уредба со законска сила, корисниците на финансиска поддршка ја користат исклучиво за купување на македонски производи и услуги кај правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија во периодот од денот на приемот на ДПК до 31.07.2020 година. Оn-line набавката од интернет страници во сопственост на македонски правни и физички лица вршители на стопанска дејност за целите на финансиска поддршка се однесува на македонски производи и услуги согласно членот 2 точки 5) и 6) на оваа уредба со законска сила.

(5) По истекот на рокот од ставот (4) на овој член, престанува можноста за користење на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила.

(6) По истекот на рокот од ставот (4) на овој член, збирниот износ на неискористени парични средства од добиената финансиска поддршка, банката издавач на домашната платежна картичка е должна да го врати на буџетската сметка во рок од три дена од рокот во ставот (4) на овој член, без наплата на трошоци за извршената трансакција. Банката издавач на домашната платежна картичка заедно со враќањето на неискористените парични средства до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе достави Информација за искористените (потрошени) парични средства и за неискористените (непотрошени) парични средства што ги враќа поединечно по лице корисник на финансиска поддршка и збирно.

(7) ДПК од членот 2 точка 7) на оваа уредба со законска сила може да се користи за плаќање на македонски производи и услуги на ПОС терминал и виртуелен ПОС терминал на правно и физичко лице вршител на стопанска дејност согласно со Националната класификација на дејности, односно Меѓународната категоризација на трговец по ИСО стандардизација (Merchant Category Code, скратено MCC) дадена во Прилог број 1 кој е составен дел на оваа уредба со законска сила. За дејностите од Прилогот број 1 кои респективно не се поврзани со Меѓународната категоризација на трговец по ИСО стандардизација поврзувањето ќе го направи секоја банка од членот 4 став (1) на оваа уредба со законска сила.

(8) Примената финансиска поддршка од ставот (1) на овој член не може да се користи со употреба на било кој друг платен инструмент, освен со ДПК од оваа уредба со законска сила. Со ДПК финансиската поддршка не може да се користи за:

- подигнување на готовина од банкомати, од ПОС терминали или со налог за исплата на готовина на шалтерите на банките, конверзија во странска валута или како замена за готовина,

- плаќања производи и услуги на физички и/или интернет (виртуелни) пос терминали, за подигнување на готовина на банкомати и други терминали, опслужувани од нерезиденти и/или резиденти, вршители на дејност надвор од територијата на Република Северна Македонија;

- пренос на парични средства кон други сметки во банката издавач на ДПК и/или кон други сметки кај друг носител на платен промет, независно дали е тоа сметка на лицето корисник на финансиската поддршка или е сметка на друго физичко и/или правно лице;

- плаќање за македонски производи и услуги кои не ги исполнуваат дефинициите од членот 2 точки 5) и 6) на оваа уредба со законска сила,

- плаќање на правни и физички лица кои не го исполнуваат условот за вршење на дејност од ставот (7) на овој член.

(9) Примената финансиска поддршка е изземена од извршување спрема корисник на финансиска поддршка по било која основа. За лицата корисници на финансиска поддршка кои имаат блокирани сметки, банката издавач на ДПК ќе отвори посебна сметка за намените од оваа уредба со законска сила.

(10) Во периодот од издавањето на ДПК до истекот на рокот за користење на финансиската помош од ставот (4) на овој член, банката издавач на ДПК нема да врши уплати на средства на сметката поврзана со издадената ДПК.

(11) Собраните и обработени лични податоци се чуваат во рокови утврдени со Законот за банките.

Член 6

(1) Правните и физички лица вршители на стопанска дејност, во објектите за трговија на мало утврдени во Прилогот број 1 од оваа уредба со законска сила ќе обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и сл. со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата - корисници на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила. Правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници имаат обврска јасно да ги истакнат и посебно да ги издвојат македонските производи и услуги согласно членот 2 точки 5) и 6) на оваа уредба со законска сила.

(2) За прометот на производи од ставот (1) на овој член, правните и физички лица вршители на стопанска дејност издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија во фискалната сметка за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.

(3) За прометот на македонски услуги, правните и физички лица вршители на стопанска дејност издаваат фискална сметка со содржината уредена во ставот (2) на овој член.

(4) Фискални сметки кои содржат производи и услуги кои не се опфатени согласно членот 2 точки 5) и 6) на оваа уредба со законска сила не може да се плаќаат со домашната платежна картичка.

Член 7

Примената финансиска поддршка не се оданочува со данок на доход согласно со Законот за данокот на личен доход.

Член 8

Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите на оваа уредба со законска сила врши Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи согласно нивните надлежности утврдени со закон.

Член 9

(1) Глоба во износ од 100 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на правно лице (микротрговец), од 300 до 1.000 евра во денарска противвредност на правно лице (мал трговец), од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност на правно лице (среден трговец) и од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност на правно лице (голем трговец) ако постапува спротивно на одредбите од членот 6 на оваа уредба со законска сила.

(2) Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на трговец поединец или физичко лице кое врши стопанска дејност ако постапува спротивно на одредбите од членот 6 на оваа уредба со законска сила.

(3) Глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорно лице во правно лице (микротрговец), од 100 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (мал трговец), од 150 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (среден трговец) и од 200 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (голем трговец) за сторениот прекршок од ставот (1) на овој член.

(4) Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице, трговец поединец и физичко лице кое врши стопанска дејност и одговорно лице во правно лице се врши согласно со Законот за прекршоците.

Член 10

Злоупотребата и фалсификувањето на домашната платежна картичка од страна на физички и правни лица подлежат на казна согласно со Кривичниот законик.

Член 11

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4548/1

Претседател на Владата

27 мај 2020 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Оливер Спасовски, с.р.

Прилог 1: Дејности за кои може да се плаќа со домашна платежна картичка

55 Објекти за сместување

55.10 Хотели и слични објекти за сместување (МСС код: 7011; 3509)

55.20 Одморалишта и останати објекти за пократок престој (МСС код: 7011; 6513)

55.30 Кампови, автокампови и простори за кампирање (МСС код: 7011; 6513)
55.90 Друг вид на сместување (МСС код: 7011; 6513)

56 Дејности за подготовка на оброци и служење на xрана
56.10 Ресторани и останати објекти за подготовка и послужување на xрана (МСС код: 5812; 5814)

56.21 Услуги на доставување на xрана и пијалаци за посебни прилики (кетеринг) (МСС код: 5811; 5812)

56.29 Останати услуги за подготвување и служење на xрана (МСС код: 5811; 5812)
56.30 Подготовка и послужување на пијалаци (МСС код: 5813)

79 Туристички агенции, организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив
79.11 Дејности на туристичките агенции (МСС код: 4722)

79.12 Дејности на организаторите на патувања (туроператори) (МСС код: 4722)
79.90 Останати резервациски услуги и дејности поврзани со нив (МСС код: 4722)

47 Трговија на мало, освен трговија со моторни возила и мотоцикли

47.11 Трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со xрана, пијалаци и тутун (МСС код: 5411; 5310; 5993; 5499)

47.19 Друга трговија на мало во неспецијализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5993; 5499)

47.21 Трговија на мало со овошје и зеленчук во специјализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5311; 5993; 5499)

47.22 Трговија на мало со месо и производи од месо во специјализирани продавници (МСС код: 5422)

47.23 Трговија на мало со риби, лушпари и мекотели во специјализирани продавници (МСС код: 5422)

47.24 Трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки во специјализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5441; 5462)

47.25 Трговија на мало со пијалаци во специјализирани продавници (МСС код: 5921)

47.29 Друга трговија на мало со xрана во специјализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5499)

47.73 Аптеки (МСС код: 5912)

47.75 Трговија на мало со козметички и тоалетни препарати во специјализирани продавници
47.81 Трговија на мало со xрана, пијалаци и тутунски производи на тезги и пазари

47.82 Трговија на мало на тезги и пазари со текстил, облека и обувки

47.89 Трговија на мало со други стоки на тезги и пазари

47.91 Трговија на мало преку пошта и интернет
47.99 Друга трговија на мало вон продавници, тезги и пазари

96.02 - Фризерски салони и салони за разубавување (МСС код: 7230)

96.09 Останати лични услужни дејности, неспомнати на друго место (МСС код: 8999)

- Граѓани запишани во регистарот за угостителска дејност од мал обем за вршење услуги за издавање легла за гости - туристи во домашно сместување (МСС код: 7011; 6513).


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје