ПРОМОВИРАНА КАМПАЊА ЗА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

   

АКТУЕЛНО / 28.10.2019
👁 Прочитано: 361


ПРОМОВИРАНА КАМПАЊА ЗА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Во Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ - Скопје, беше промовирана кампањата за промоција на стручното образование која ќе опфати различни комуникациски алатки, вклучувајќи видео пораки кои ќе се споделуваат на традиционалните медиуми и на социјалните мрежи, а предвидено е истата да се одвива до мај 2020 година.

За таа цел, во рамки на кампањата беше промовирана веб-страницата zanimanja.mk; како средство за информирање, создадена со помош на Меѓународната организација на трудот, во соработка со МТСП и надградена за потребите на кампањата.

Подобрување на имиџот и репутацијата на стручното образование и занимања во јавноста, а истовремено да ги мотивира граѓаните, особено младите, да градат кариера во стручните занимања, е целта на новата информативно-едукативна кампања финансирана од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите нации, со поддршка од Меѓународната организација на трудот, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Владата на Република Северна Македонија.

Кампањата треба да влијае мотивирачки и на образовните, државните институции, бизнисот и граѓанскиот сектор, за да работат уште поинтензивно во поддршката на ваквиот вид едукација и во создавање поголеми можности за усовршување и кариерен развој на оние кои ќе ги изберат стручните занимања.

„Нашата интервенција во Северна Македонија е поврзана со еден од клучните елементи на швајцарскиот систем – силниот ангажман и големата вклученост на приватниот сектор во стручното образование и обука. Само на овој начин младите лица кои завршуваат стручно образование во Северна Македонија може да стекнат вештини кои се барани од страна на компаниите“, - истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер.

Објаснувајќи го главниот мотив за вклучувањето на УСАИД во оваа кампања, нивниот претставник во земјава, Ерик Јановски, нагласи дека УСАИД посветено работи и ја поддржува земјата во напорите за зголемување на вработувањето, не само преку отворање нови работни места, туку и преку обезбедување директна помош со цел луѓето да стекнат вештини кои им се неопходни за да се вработат на работни места кои веќе се достапни.

„Ја поддржуваме оваа кампања за да овозможиме на граѓаните, особено младите, да ги добијат одговорите кои треба да им помогнат да ја донесат вистинската одлука за нивната едукација и кариера“, - додаде Ерик Јановски.

„Да ги подготвиме младите за пазарот на труд, преку нивно насочување и овозможување за надградување во вештини кои се побарувани на пазарот на труд е обврска на секој од нас“, - изјави министерската за труд и социјална политика, Мила Царовска. За таа цел, беше донесен и новиот Закон за практикантство кој помага во премостување на периодот од образование кон вработување, обезбедувајќи взаемна корист и за младите и за компаниите. Министерката Царовска додаде дека ова законско решение дава можност на младите да се стекнат со практична работа во компаниите во траење од шест месеци и за истата да бидат платени, а работодавачите да препознаат квалитети кадри кои што ќе ги вработат трајно. Во првите три месеци им следува надоместок од 5.000 денари, а во вторите во висина на минимална плата.

Стопанската комора на Македонија, како стратешки партнер во Проектот: „Образование за вработување во Северна Македонија“, активно е вклучена и ги поддржува сите активности кои водат до промоција на стручното образование, како креатор на кадар кој со своите знаења и вештини одговара на барањата и потребите на пазарот на труд.

Михајло Донев