КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ НА ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ЕУ

   

👁 Прочитано: 1776


КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ НА ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ЕУ

Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија
Покрај силните политички пораки коишто беа испратени во изминатите два дена од Самитот на Западен Балкан во Познањ, коморите - основачи на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), меѓу кои е и Стопанската комора на Македонија, на вчерашната панел-дискусија на тема: „Регионална економска област - што очекува бизнисот?“, успешно го претставија стопанството од регионот и препораките за креирање на поконкурентен регион. Токму во насока на подигање на конкурентноста на стопанството од регионот, претседателот на Коморскиот инвестициски форум, Марко Чадеж, со претставниците од Европската комисија, официјално го претставија и го најавија започнувањето на ЕУ-Проектот за поконкурентен регион.

Целта на Проектот е Европската унија да помогне во зајакнувањето на капацитетите на коморите - основачи на Коморскиот инвестициски форум, со тоа што ќе можат на компаниите да им понудат подобрени услуги и полесен пристап до пазарите на Европската унија. Во рамките на овој проект, околу 200 компании од регионот ќе можат да се поврзат и да склучат договори за билатерална соработка на деловните средби организирани од КИФ, повеќе од 60 компании ќе добијат поддршка да влезат во меѓународните синџири за добавување, а исто толку компании заеднички ќе настапат на три големи меѓународни саеми. Планирани се и три големи инвестициски конференции за промоција на регионот и на успешните бизнис приказни од регионот пред странските инвеститори. Дополнително, околу 20 компании ќе можат да добијат техничка помош во подготовката на проектите при аплицирањето за средства од програмите и фондовите на ЕУ, како што се „Хоризонт 2020“, „КОСМЕ“ или „Креативна Европа“. Стопанствениците на располагање ќе имаат „онлајн“ бази на податоци со квалитетни информации за одделни странски пазари, како и специјално креирани информации за нивните потреби, а ќе се организираат и инфо-денови, семинари и работилници на коишто стопанствениците ќе се едуцираат за придобивките кои ги носи регионалната економска област и ќе добијат совети како да ја зајакнат меѓусебната регионална соработка и да го интернационализираат своето работење. 

Проектот којшто е во времетраење од три години, ќе биде потпишан во септември, со тоа што почетокот на реализацијата на проектните активности е планиран за октомври, а за компаниите коморските услуги ќе бидат достапни до крајот на годината.

КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ НА ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ЕУ