Коморскиот инвестициски форум повикува на поддршка за економиите на Западен Балкан
👁 Прочитано: 13587



Коморскиот инвестициски форум повикува на поддршка за економиите на Западен Балкан

Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ги повика Владите од регионот, Европската Унија и сите меѓународни организации вклучени во процесот на воспоставување на функционална регионална економска област (РЕО) да се забрза создавањето на заедничкиот пазар на подрачјето на Западен Балкан, со цел да се поддржи деловната заедница во овие тешки времиња и да им се олесни работењето на компаниите.

„Денес повеќе од кога било, потребна ни е регионална соработка, отстранување на меѓусебните бариери за бизнисот и воспоставување регионален заеднички пазар, и поради овие причини важно е во континуирана комуникација и со активно учество на деловната заедница да се работи побрзо и поефикасно за креирање мерки и спроведување на повеќегодишниот акциски план за следниот период“, посочи Марко Чадеж, претседател на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, на on-line состанокот посветен на активностите за подготвување на новата Регионална економска агенда за периодот од 2021 до 2024 година, на која присуствуваа претставници на Европската комисија, националните координатори на Владите од регионот на Западен Балкан, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, Секретаријатот на ЦЕФТА и Советот за регионална соработка.

Чадеж посочи дека Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација на стопанските комори од регионот, во кој е вклучена и Стопанската комора на Македонија, веќе ја вклучи деловната заедница од регионот во процесот на подготвување на новиот Повеќегодишен акциски план, а бизнисмени од регионот активно ќе учествуваат и ќе помогнат во реализацијата на новата регионална економска агенда.

Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан подготви и достави предлог за конкретни мерки за кои деловната заедница смета дека треба да бидат вклучени во новиот Акциски план за имплементирање на функционална Регионална економска област, со цел брзо отстранување на бариерите за водење бизнис во регионот, обезбедување на слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, и олеснување на создавањето на регионални синџири на вредности.

„Мерките што ги предложивме се насочени кон намалување на трошоците и отстранување на бариерите за водење бизнис ширум регионот што е можно поскоро, што треба да придонесе да бизнисмените чувствуваат придобивки од овој процес во најкус можен рок, што делумно би ги ублажило тешките последици од здравствената криза врз работењето на одделните компании и економскиот развој на регионот како целина“, истакна Чадеж на состанокот. 

Мерките предложени од деловната заедница од регионот на Западен Балкан преку Коморскиот инвестициски форум вклучуваат, меѓу другото, усогласување и взаемно признавање на санитарни, фитосанитарни и ветеринарни сертификати, обезбедување побрз проток на стока преку граничните премини, взаемно признавање на професионални квалификации, квалификувани електронски сертификати, подобрување на финансискиот пазар заснован на правилата на ЕУ и заедничка промоција на регионот на Западен Балкан како единствена инвестициска дестинација, но и креирање на заеднички мерки и политики за секторите кои се клучни за економиите од регионот на Западен Балкан.

Во изминатиот период Коморскиот инвестициски форум организираше серија на on-line панел дискусии со стопанственици од регионот на Западен Балкан.pdf, на кои се дискутираше за главните пречки за интензивирање на регионалната економска соработка, и предлозите за надминување на констатираните бариери и проблеми.

 

д-р Татјана Штерјова Душковска
Директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори