ОДРЖАНА ДВОДНЕВНА ОНЛАЈН ОБУКА ЗА ИТ-КАТАСТРОФИ И КОНТИНУИТЕТ ВО РАБОТЕЊЕТО
➢ Актуелно (23.09.2020)
👁 Прочитано: 804



ОДРЖАНА ДВОДНЕВНА ОНЛАЈН ОБУКА ЗА ИТ-КАТАСТРОФИ И КОНТИНУИТЕТ ВО РАБОТЕЊЕТО

Во услови на се поголема употреба на дигитални технологии во работењето, особено за време на светската пандемија кога голем дел од организациите се одлучија да овозможат работа од дома, се појавува потребата за зголемена безбедност на мрежите и податоците со кои располага организацијата. Застојот на работењето е непожелно решение, па затоа од особена важност за една организација e да реагира соодветно, брзо и ефикасно, во согласност со претходно утврден план за санирање на секој проблем и избегнување на непожелните ситуации, обезбедувајќи професионализам и безбедност на компанијата и континуитет во работењето со клиентите. Без разлика дали станува збор за природна катастрофа или последица на човечки фактор, секоја организација потребно е да поведе сметка и да ги заштити податоците како не би се довеле во ситуација која го нарушува имиџот, ја намалува кредибилноста на организацијата и влијае врз довербата на корисниците. Хакирањето на сајтови стана честа појава, па добрата заштита и бекап на податоци е од есенцијално значење за брзо надминување на кризните ситуации.

За таа цел Стопанската комора на Македонија организираше дводневен онлајн семинар на тема: „ИТ-КАТАСТРОФИ И КОНТИНУИТЕТ ВО РАБОТЕЊЕТО“ чија цел беше воведување на менаџерите на информациони технологии во креирањето на планови, тестирање и навремена заштита од отежнатно функционирање или целосно прекинување на работењето.

Предавач на семинарот беше Лука Милинковиќ, ИТ-ревизор во НЛБ Банка - Белград, одговорен за информациона и апликативна контрола. Милинковиќ има повеќегодишно искуство во контрола и управување со ИТ-ризици со специјализација во областа на дефинирање на ИТ-процеси (ITIL-процеси) и имплементација на самата контрола. 

Овој двовневен онлајн семинар беше од практичен карактер каде учесниците имаа можност да научат како да спроведат анализа на влијанието на работењето (BIA) и како да креираат планови и тестирања кои би довеле до полесно опоравување од катастрофите. 

Стопанската комора на Македонија, преку Центарот за едукација и развој на човечки ресурси активно ги следи барањата и потребите на компаниите, како и трендовите поврзани со новите технологии, се во насока на навремено презентирање на новините пред претставниците од јавниот и приватен сектор и континуирано унапредување на работењето.

 

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија