ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕУ

   

👁 Прочитано: 877


ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕУ
Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

Со цел земјите од Западен Балкан полесно да ги идентификуваат и да ги развијат своите стратегиски сектори за инклузивен и одржлив раст во економиите на Европската унија, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во студијата која ја изготви направи пресек и анализа на напредокот на трговијата и инвестициите во економиите на Западен Балкан. Основната цел на анализата е креирање препораки и давање насоки за унапредување на извозните потенцијали на земјите од Западен Балкан и приближување на регионот на Западен Балкан кон Европската унија со цел стимулирање на економскиот напредок и поттикнување инклузивен и одржлив раст во корист на сите граѓани на Западен Балкан.

Според последните анализи, економиите од Западен Балкан активно спроведуваат реформи за подобрување на нивната конкурентност уште од почетокот на 2000 година. Овие реформи, преку отстранување на бариерите за трговија и инвестиции и олеснување на интеграцијата на регионот на глобалните пазари, низ годините значително придонесоа за економски развој на целиот регион што пак доведе до двојно зголемување на шесте економии и на обемот на извозот.

Иако регионот значително ја зајакна својата интеграција во глобалните синџири на вредности, преостанатите нетарифни трговски бариери и регулаторните ограничувања сепак продолжуваат да го отежнуваат целосниот пристап до странските пазари. Многу индустрии во земјите од Западен Балкан се` уште се кревки - нивната технологија во голема мера е застарена и нивните производи не се доволно конкурентни надвор од регионот. Нивните подобрени макроекономски перформанси само делумно ја забрзаа структурната трансформација на домашните производители и нивната интеграција во глобалните синџири на вредности. Ограничените деловни можности се причина за висока невработеност, принудувајќи ги младите и талентирани луѓе да бараат подобри можности во странство. Во исто време, Западен Балкан се соочува со проблем што е вообичаен за сите економии со среден стандард на живот - притисок од земји со пониски трошоци за производство. Затоа, потребна е промена кон повисоки технолошки стандарди за поголема конкурентност на меѓународните пазари.

ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕУИзгледите за пристапување во Европската унија (ЕУ) и усогласувањето со законодавството на ЕУ претставуваат одлични можности за Западен Балкан целосно да ги вгради своите економии во европски синџири на вредности, да има корист од зголемените инвестициски текови и да се надополни нивната производна инфраструктура. Наспроти ова, Берлинскиот процес претставува единствена прилика за земјите-членки на ЕУ да го поддржат Западен Балкан во нивните тековни реформски напори и за економиите од Западен Балкан, преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ) да ја интензивираат меѓусебната соработка и да добијат признание за нивните напори.

Европската унија ги поддржува владите во регионот да промовираат одржлив раст, инвестиции и вработување преку реформи за промовирање на конкурентноста и развој на приватниот сектор.

Според анализата на ОЕЦД, во насока на креирање индустриски напредок, зголемена конкурентност и одржлив економски раст за подобрување на животните стандарди и услови во земјите од регионот, потребно е во наредниот период да се земат предвид следните препораки:

  • Странските директни инвестиции се камен темелник за технолошко надградување, овозможувајќи поголема база на производство со додадена вредност во регионот. Токму од тие причини, потребно е да се идентификуваат приоритетните сектори во секоја земја од регионот и можностите за инвестирање во тие сектори, соодветно насочувајќи ги и олеснувајќи ги условите за инвестирање.
  • Економскиот развој бара промена во структурата на домашното производство. Оттука, треба да се воспостави мрежа помеѓу странските инвеститори и домашните добавувачи за да ги охрабри локалните производители да ги модернизираат своите системи за производство со цел да ги исполнат меѓународните стандарди за квалитет и да влезат во глобални синџири на снабдување, коишто обично се водени од странски лидери во технологиите .
  • Потребна е квалификувана работна сила за да одговара на побарувачката и на стандардите во избраните сектори и целосно да профитира од користење на напредни странски технологии. Ова треба да се комбинира со стабилен иновативен екосистем како долгорочен фокус. Двете се од суштинско значење за подобрување на продуктивноста и одржливоста во сите економски сектори, како и за развој на нови ветувачки домашни производи.
  • ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕУПолитиките на земјоделскиот и прехранбениот сектор треба да ги охрабрат иновациите и технолошката дифузија за зголемена продуктивност . Производните системи треба да бидат во согласност со меѓународните стандарди за квалитет на храната за да ги намалат извозните бариери и да го зголемат извозот на пазарите во ЕУ.
  • Металната индустрија, како енергетски интензивен сектор, многу се потпира на државните субвенции и со тоа потенцијално ги обесхрабрува инвестициите во енергетски ефикасни и модерни технологии. Затоа, политиките треба да бидат насочени кон постепено усогласување на цените на енергијата на пазарот и исполнување на повисоки еколошки стандарди. Ова може да ги охрабри компаниите во метало-преработувачкиот сектор да спроведуваат системи за управување со енергијата со цел да ја подобрат енергетската ефикасност на секторот.
  • Бидејќи влегувањето во синџирот на снабдување со автомобили сè повеќе зависи од почитувањето на меѓународните стандарди за обезбедување на квалитет, политиките треба да ги поддржат домашните фирми да ги постигнат истите. Со оглед на тоа што технолошкиот развој брзо ја менува глобалната побарувачка, потребен е квалификувани кадар и имплементација на иновативни решенија со цел да се исполнат високите технички стандарди и стандарди за квалитет, диктирани од индустријата.
  • Машинскиот сектор е поврзан со стручно и техничко знаење, па затоа политиките приоритетно треба да бидат насочени кон напредните технички вештини во наставните програми. Исто така, ќе биде потребна посилна поддршка за истражување и развој за да се исполни глобалната побарувачка, вклучително и зајакнување на врските со високообразовните институции, обезбедување услуги за поддршка на технологијата и дигитализацијата во малите и средни претпријатија.

Токму во насока на креирање нови политики за усогласување со препораките дадени од страна на ОЕЦД, со цел овозможување на домашните компании подобро да се интегрираат во глобалните синџири на снабдување и подобрување на квалитетот, работата и перформансите на пазарот на трудот во земјите од Западен Балкан, Стопанската комора на Македонија како дел од Коморскиот инвестициски форум, во февруари 2020 година ќе организира панел-дискусија на тема: „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции“. На настанот е предвидено претставници од ОЕЦД да ја презентираат студијата, којашто низ панел-дискусија ќе биде детално анализирана од страна на еминентни претставници од бизнис-заедницата од Република С. Македонија.