ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
15.07.2019 👁 Прочитано: 790

ПОЕФИКАСНО РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ИЗВОЗНАТА ПРОМОЦИЈА И ДРЖАВНАТА ПОДДРШКА НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ


Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија иницира промена на моделот на поддршка на домашните компании за промовирање на извозот за учество на саеми и други промотивни настани (деловни средби, презентации и сл.).

-Ваквата иницијатива следува по активностите што ги имаа членките на Клубот во насока на преземање активности за зголемување на извозот преку освојување на нови пазари и координиран настап на македонските компании на странски пазари, а во услови на дефинирана државна поддршка, -информираше Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Имено, Клубот на извозници при Комората, по спроведена анкета меѓу членките утврди дека е неопходно да се промени постојниот модел, бидејќи сега поддршката се реализира преку 4 извори на средства и тоа:

1. Согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во делот на Финансиска поддршка за освојување нови пазари и пораст на продажбата преку кој право на поддршка имаат сите компании кои имаат инвестиционен проект за почетна инвестиција во производство, без оглед на доминантната дејност на компанијата, во Текстот на оваа одредба, која завршува без точка, е идентичен со текстот на член 31, став 1 од основниот Закон, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2018.износ од 20% од оправданите трошоци за освојување на нови пазари, но не повеќе од 30.000 евра.

2. Преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година Министерството за економија обезбедува финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за учество на домашни, регионални и меѓународни саеми, во износ од 60% од докажаните трошоци за закуп на штанд до максимум 2.000 евра за претпријатија со претежна дејност од преработувачката индустрија.

3. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој обезбедуваат поддршка на земјоделството и прехранбениот сектор.

4. Преку Годишната програма за работа и Финансискиот план Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Р.С. Македонија исто така обезбедува финансиска поддршка.

Вака фрагментираниот систем претпоставува и различни административни постапки за остварување на поддршката, како и неможност за подолгорочно планирање од страна на компаниите на активностите поврзани со нивните настапи на странските пазари.

-Имајќи ја предвид вака организираната поддршка за промоција и поттикнување на извозот на македонските компании, а со цел зголемување на ефектите, членките на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија констатираа дека поставениот систем треба да се реформира по неколку основи, - посочи Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници и тоа:

- определување на една надлежна институција за обезбедување финансиска и логистичка поддршка на претпријатијата кои настапуваат на саемите, со цел олеснување на процедурите за аплицирање за поддршка и намалување на административниот товар на фирмите изложувачи;

- потребно е подолгорочно (среднорочно, т.е. 3-годишно) планирање на саемите на кои ќе се настапува, бидејќи за учество на светски реномираните саеми и за квалитетна локација на штанд на овие манифестации потребно е да се резервира изложбен простор најрано една година однапред, што бара системско планирање за саемски настап и промоција;

- редефинирање на моделот на заедничко изложување на меѓународни саеми и на концептот „национален штанд“, како од аспект на дизајнот, атрактивноста и квалитетот на истиот, така и од аспект на локациската поставеност. Истото значи да се исклучи критериумот најниска цена. Истовремено, потребно е на одредени саеми на кои се промовираат производи од различни дејности под името на земјата да се овозможат посебни изложбени простори во различни хали, соодветно на дејноста на која припаѓа изложувачот и да се исклучи опцијата на заеднички национален штанд.

Иницијативата, вели Цветанов, се покренува со образложение дека ефектите од вложените средства на овој начин ќе резултираат со поизвесно зголемен интерес за настап на компаниите на странски пазари, што истовремено претставува основ за нови бизнис зделки и зголемен извоз доколку пазарите и саемите на кои се настапува се правилно таргетирани.

Заменик-претседателот на Клубот на извозници, Горан Антевски, информираше за резултатите од спроведената Анкета меѓу фирмите - членки за нивниот интерес за настап на светските саемски манифестации. Како што посочи Антевски, фирмите во 5 индустриски гранки - металната и електроиндустријата, прехранбениот сектор, текстилната, чевларската и индустријата за хартија иницираат учество на 35 саеми на коишто имаат интерес да настапат како изложувачи.

Саемското претставување е еден од клучните начини на промоција на производната програма и воспоставување нови партнерства и можност за пласман на производи на нови пазари и зголемување на присуството на постојните. Како што информираа првите луѓе на Клубот, од особено значење е континуираниот настап на саемите, бидејќи дури по неколку години традиционално присуство, потенцијалните купувачи изразуваат интерес за соработка. Прехранбениот сектор учествува со 4%, а металната и електроиндустријата со 32,3 % во извозот на македонски производи на странските пазари.

За периодот јануари - мај 2019 година, вкупниот обем на трговска размена на нашата земја со светот изнесува 6,87 милијарди САД долари. Во поглед на структурното учество, а и според економските групации на земјите, обемот на размена во најголем дел отпаѓа на размена со земјите-членки на Европската унија, во износ од 4,9 милијарди САД долари што е 71,32% во структурата на вкупниот обем во надворешно-трговската размена. Во делот на извозот само кон Германија биле реализирани 49,4% од сите наши извозни производи кон светот, односно 60% од целиот наш извоз кон ЕУ.

Со земјите од ЗБ-6 за петте месеци годинава вкупниот обем на размена е 317 милиони САД долари и учествуваат со 9,53% во структурата на надворешната размена. Во истиот период извезени се производи кон земјите од ЗБ во вредност од 281 милион евра, што претставува 10,7% учество на земјите од ЗБ во вкупниот извоз.

Иако се работи за компарација во надворешно-трговската размена само за првите пет месеци годинава, може да се заклучи дека структурното учество во поглед на вкупната размена и македонскиот извоз воопшто не се променило гледајќи и во пократок период наназад. При тоа не се забележуваат одредени нагорни зголемувања во трговијата, особено со ЗБ-6. Европската унија и натаму останува наш најзначаен трговски партнер каде се реализирани повеќе од 75% од нашиот извоз.

ПОЕФИКАСНО РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ИЗВОЗНАТА ПРОМОЦИЈА И ДРЖАВНАТА ПОДДРШКА НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ

На прашањето каква системска поддршка му е потребна на македонскиот извоз во услови кога одредени земји во светот поставуваат сериозна стратегија во делот на поддршка на домашното стопанство, Цветанов и Антевски констатираа дека е од особено значење јакнењето на Македонската банка за поддршка на извозот во делот на кредитирање на извозот.

Инаку, од денеска компаниите имаат можност да поднесуваат барање за поддршка преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите по новите изменети услови, кои според Владата се олеснети и можат да ги користат над 4.000 фирми.

Измените се во насока на поголема поддршка на индустријата и економијата, а се опфаќаат фирми што не беа опфатени првично со Законот. Барање за финансиска поддршка може да поднесат компании од ИKТ-секторот, компании од преработувачката индустрија што не се опфатени со ИПАРД, а сакаат да направат индустриско производство. За финансиска поддршка може да поднесат барање и компании од секторот трговија, но за да направат производствена дејност, како и од градежниот сектор, но не за изградба на станови, туку за делот на производната активност. Средствата ќе се доделуваат за веќе реализирана инвестиција.

Измените се донесени, а Правилникот за формата и содржината на барањето за доделување финансиска поддршка и потребната документација сe објавени во „Службен весник на РСМ“, бр. 142/2019, со што почнува можноста фирмите да аплицираат за средствата кои се во износ од 75 милиони евра.

Даниела Михајловска Василевска

ПОЕФИКАСНО РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ИЗВОЗНАТА ПРОМОЦИЈА И ДРЖАВНАТА ПОДДРШКА НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ