ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ (*)



Целта на новиот Закон за енергетска ефикасност е да спроведат политиките и  мерките опишани во третиот Национален акциски план за енергетска ефикасност
(НАПЕЕ). Подготовката на третиот НАПЕЕ е обврска која произлегува од Директивата 2012/27/EU. Освен тоа, тој ја надополнува Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2030 година (Стратегија). Стратегијата ја нагласува високата зависност на Република Северна Македонија од увоз на енергија забележувајќи дека „потребно е да се намали зависноста од увоз на енергија преку подобрување на енергетската ефикасност во производството, преносот, дистрибуцијата и користењето на енергијата“. Понатаму, Стратегијата забележува дека „нагласената енергетска интензивност во Република Северна Македонија налага енергетската ефикасност да биде поставена како национален приоритет“. Енергетската интензивност на Република Северна Македонија, воедно вообичаена и за регионот, се смета за висока според меѓународните стандарди. Голем дел од енергетската интензивност се должи на наследената застарена и неефикасна индустриска инфраструктура, што претставува значајна можност за подобрувања на енергетската ефикасност.

1. Политика на енергетска ефикасност

Со Предлог-законот се уредува обврската да се донесе уредба со која ќе се определат целите за енергетска ефикасност што треба да се постигнат за период од најмалку десет години. Целите за енергетска ефикасност се однесуваат на енергетска заштеда во потрошувачката на примарна или финална енергија, или енергетскиот интензитет. При одредување на целите се земаат во предвид целите за енергетска ефикасност утврдени од страна на Енергетската заедница.

2. Енергетска ефикасност во јавниот сектор

Во Предлог-законот е внесена обврска за реконструирање на најмалку 1% од вкупната површината на зградите (со корисна подна површина од најмалку 250 м2 и кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики) на годишно ниво, кои ги користат и се во сопственост на органите на централната власт.  За да се овозможи исполнувањето на оваа обврска Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката во соработка со Службата за општи и заеднички работи треба да подготви и објави список (инвентар) на зградите кои се користат од страна на органите на државно ниво кои ќе бидат предмет на реконструкција во следните три години.
Со законот се задржува обврската за лицата од јавниот сектор во врска со следењето и управувањето со потрошувачката на енергија во зградите или градежните единици во коишто ја вршат дејноста на начин на кој се остварува заштеда на енергија, како и да ги спроведуваат пропишаните мерки за подобрување на енергетската ефикасност за кои се одговорни согласно НАПEE, програмите и годишните планови.
Единиците на локалната самоуправа, покрај наведените обврските за лицата од јавниот сектор, се должни да ја следат и да управуваат со потрошувачката на енергија во јавното осветлување на начин на кој се остварува заштеда на енергија. Со цел исполнување на овие обврски, Агенцијата за енергетика (Агенцијата) воспоставува и одржува единствен информациски систем за следење и управување со потрошувачката на енергија кај лицата од јавниот сектор.
 За да се обезбеди ефикасно следење и потврдување на реализацијата на мерките за ЕЕ, предвидено е Агенцијата да управува, одржува и надградува интернет алатка (Monitoring and Verification Platform - МВП алатка). Министерот донесува Правилник за МВП алатката со кој ќе ги пропише постапките и техничките параметри за воспоставување, начинот на користење и надградување, методологии за пресметка на заштеди и постапки за потврдување (верификации) на постигнатите заштеди. При изготвување на извештаите за реализација на НАПЕЕ, како и програмите и плановите за енергетска ефикасност на единиците на локална самоуправа пропишани согласно законот и прописите донесени согласно овој закон, Агенцијата ги користи податоците од МВП алатката.

3. Обврзувачка шема за енергетска ефикасност

Според ДЕЕ, државата може да избира какви мерки ќе примени за да докаже дека се постигнати заштеди кај крајните потрошувачи во висина од 0,7% на годишно ниво од финалната потрошувачка на енергија споредено со периодот од 2013 до 2015. Директивата дава можност државата да примени „Обврзувачка шема за енергетска ефикасност“ која пропишува правила и обврски за операторите на дистрибутивните мрежи и/или снабдувачите на пазарите на енергија во Република Северна Македонија за постигнување на заштеди во крајната потрошувачка на енергија или истото да го докаже со примена на алтернативни мерки. Алтернативните мерки можат да бидат од најразличен вид како на пример: воведување на нови даноци за загадување, продажба на производи со енергетски карактеристики (освен оние за кои досега постои обврска), основање на Фонд за ЕЕ, доброволни договори со кои се воведуваат високоефикасни технологии, кампања, воведување на такси за купување неефикасни производи, односно користење на неефикасни услуги, реновирање на згради на општините и јавни трговци и др. Согласно Предлог-законот, Владата треба да донесе уредба со која ќе определи како ќе се исполнат целите за заштеди, дали само со обврзувачка шема или со алтернативните мерки. ДЕЕ дозволува и комбинација на примена на обврзувачка шема и алтернативни мерки.

4. Обврски на големите трговци за задолжителна енергетска контрола

Големите трговци (согласно дефиницијата од Законот за трговските друштва) се должни да спроведуваат енергетска контрола со што се обезбедува процена и исплатливост на можностите за намалување на потрошувачката на енергија во зградите, придружните (помошните) постројки, опремата и индустриските процеси, утврдување на остварените заштеди како резултат од примената на мерките за подобрување на енергетската ефикасност и заштедата на енергија и намалување на емисиите на штетни материи во околината. Големите трговци имаат обврска да спроведуваат редовни енергетски контроли на секои четири години. Енергетската контрола ја вршат независни и овластени контролори на големи трговци (категорија која за прв пат се воведува во РСМ), а врз основа на договори со правни лица или трговци поединци кои поседуваат лиценца за вршење на енергетска контрола на големите трговци. За добивање на лиценца е потребно вработување на најмалку еден енергетски контролор, што претпоставува претходно положен испит и исполнување на услови пропишани со Предлог-законот. Испитите ќе ги спроведуваат правни лица што ќе ги избере Агенцијата, на оглас според поблиските барања што ќе бидат утврдени во правилник.
Големите трговци нема да имаат обврска да спроведуваат енергетска контрола доколку: имаат спроведено систем за управување со енергија или управување со животната средина сертифициран од независно овластено тело, кој е во согласност со соодветните европски или меѓународни (ISO) стандарди, под услов системот на управување да вклучува енергетска контрола која ги исполнува барањата пропишани согласно со правилникот за енергетска контрола на големите трговци; или енергетската контрола се спроведува како дел од поширок систем за управување со животната средина во рамките на интегрирана еколошка дозвола издадена во согласност со прописите од областа на заштитата на животната средина, под услов системот на управување со ризиците да вклучува енергетска контрола која ги исполнува условите пропишани согласно со правилникот за енергетска контрола на големите трговци.

5. Енергетска ефикасност при пренос, дистрибуција и снабдување со енергија

Предлог-законот предвидува обврски во врска со мерење, наплата и информации за операторите на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас, како и операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија. Конкретно, во согласност со обврските од Законот за енергетика, истите се должни да направат техничка и економска проценка за сите трошоци и придобивки за пазарот, како и зголемување на енергетската ефикасност од воведување на напредни системи за мерење и паметни мрежи. Понатаму, Регулаторната комисија за енергетика, преку тарифите за пренос и дистрибуција, доколку е технички возможно и економски исплатливо во однос на потенцијалните заштеди на енергија, обезбедува поставување на повеќе-функционални броила и паметни системи за мерење кај потрошувачите, како и други мерки и обврски спрема операторите на системите за дистрибуција и снабдувачите со енергија во врска со енергетска ефикасност при мерењето, наплатата и информациите спрема  потрошувачите.

6. Промовирање на енергетска ефикасност при греење и климатизација

Со цел промоција на енергетската ефикасност и искористување на системите за греење и климатизација, со членот 23 од Предлог-законот се предвидува дека Програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката која се донесува согласно Законот за енергетика, покрај другото, содржи и сеопфатна проценка на потенцијалот за примена на високоефикасно комбинирано производство на енергија и ефикасни системи за централно греење и климатизација.  Проценката содржи и идентификување на економски најисплатливите решенија, анализа на трошоците и придобивките, врз основа на климатските услови, економската спроведливост и техничката соодветност и Министерството ја доставува проценката до Секретаријатот на Енергетската заедница.

7. Анализа на трошоци и придобивки при барања за издавање овластување за изградба на нови објекти за производство на електрична и/или топлинска енергија
Новина е обврската да се направи анализа на трошоци и придобивки при барања за издавање на овластување за изградба на нови објекти или проширување на постојни објекти за производство на електрична и/или топлинска енергија или реновирање, како и нови дистрибутивни мрежи за централно греење,  при определени специфични услови, подетално дефинирани во законот (член 24). Министерот донесува упатство со кое се уредува содржината, како и минималните и посебните барања, за изработка на анализата на трошоците и придобивките.

8. Енергетски услуги и фонд за енергетска ефикасност

За да се поттикне извршувањето на мерките предвидени со Акциските планови за ЕЕ, се поттикнува работата на трговските друштва кои даваат енергетски услуги - ЕСКО, кои треба да го финансираат проектот и да гарантираат дека ќе ги остварат заштедите со примената на мерки за ЕЕ. Енергетските услуги можат да вклучуваат изградба, реконструкција, енергетско реновирање, одржување, инсталација на ефикасно греење, ладење, осветлување, опрема за вентилација или услуги во врска со управување и следење на потрошувачката на енергија. Предлог-законот воведува новини во врска со уредувањето на пазарот на енергетски услуги, пропишување на модели на договори за енергетски услуги и постапките кои се спроведуваат кога како корисници на овие услуги се јавуваат лица од јавниот сектор.
Со цел да овозможи остварување на целите и поддршка на политиките за енергетска ефикасност пропишани согласно овој Предлог-закон предвидено е основање на Фонд за енергетска ефикасност како независно и самостојно правно лице. Условите и начинот на основање и работење на Фондот ќе се уредат со посебен закон.

9. Енергетска ефикасност на згради

Со членот 31 од Законот, се предвидува да се приготви долгорочна Стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради за период од најмалку десет години, за да се обезбеди ефикасно, економски оправдано смалување на потрошувачката на енергија, со примена на мерки за енергетска ефикасност и истовремено смалување на загадувањето на околината.
Дополнети се одредбите за енергетските карактеристики и минималните барања за енергетска ефикасност на зградите. Министерот донесува правилник за енергетски карактеристики на зградите со кој особено се пропишуваат барањата и условите во оваа област. Новина е воведувањето на критериумите за категоризација на зградите во две категории, како згради со едноставен технички систем и згради со сложен технички систем.
Сертификат за енергетски карактеристики на зграда ќе се издава и пред ставање во употреба на новоизградени згради или градежни единици, за згради и градежни единици предмет на значителна реконструкција, како и за згради или градежни единици кои се предмет на продажба или закуп. Исто така, важни новини во Предлог-законот се и обврската за инвеститорот да приложи потврда за усогласеност како составен дел на основниот проект, со што одобрение за градење не може да се издаде без поднесена потврда за усогласеност. Понатаму, по завршување на изградбата на новоизградени згради или по значителна реконструкција на постојните згради или градежни едници, инвеститорот е должен да прибави сертификат за енергетски карактеристики и истиот да го поднесе во постапката за ставање во употреба согласно Законот за градење. Предлог-законот пропишува дека одобрение за употреба не може да се издаде без поднесен сертификат за енергетски карактеристики.

10. Проверки на системи за греење и климатизација

Надоградени се условите за проверка на системите за греење и климатизација: Сопствениците или управителите на згради кои користат системи за греење или комбинирани системи за греење со вентилација со ефективна моќност поголема од 70kW (досега важеше до 12 kW)  се должни да вршат редовни проверки на таквите системи, најмалку еднаш во 4 години. Проверката ќе ја вршат овластени енергетски контролори на големите трговци и вклучуваат процена на ефикасноста на инсталираните системи за греење и климатизација и одмерување на системот за климатизација со потребите за ладење на зградата, како и одмерување на можностите за оптимизација на системот земајќи ги предвид просечните или вообичаените услови за функционирање на системот за климатизација или греење.
Сите носители на лиценци за енергетска контрола ќе имаат обврска да доставуваат податоци за извршените контроли до Агенцијата, која по случаен избор ќе врши контрола над извршените енергетски контроли на годишно ниво.

При проектирањето на нова зграда или значителна реконструкција на постојна градба, задолжително е спроведување на анализа на можната употреба на високоефикасни алтернативни системи, како нова обврска која е составен дел на потврдата за усогласеност. Ова ќе се рефлектира на градежниот сектор и треба да биде подетално разработено во подзаконските акти од градежниот сектор.

Нова обврска за Министерството е да подготвува и да достави до енергетска заедница План за зголемување на бројот на згради со приближно нулта потрошувачка на енергија во Република Северна Македонија, со определување на таквите згради, рокови во кои зградите кои се градат по донесување на планот треба да се усогласат со таквите барања, посебни цели и мерки потребни за достигнување на таквите цели.

Со Предлог-законот се разграничуваат обврските на енергетските контролори на начин што се предвидува да се донесат посебни правилници за минимални барања за енергетска ефикасност за згради, посебен правилник за енергетска контрола на згради и посебен правилник за енергетска контрола на големите трговци. Дефинирани се условите и обврските за посебните контроли на згради од една, и големи трговци од друга страна. Проверката на системите за греење и климатизација се уредува со правилникот за енергетска контрола на големите трговци, имајќи предвид потребните квалификации на контролорите за овие проверки.

11. Означување на потрошувачката на енергија и еко дизајн на производи

Означување на потрошувачката на енергија од страна на продавачите и дистрибутерите на производите беше обврска и до сега, но во пракса одредбите не се применуваа и не се спроведуваше контрола од пазарната инспекција. Со Предлог-законот, се воведуваат новини и оваа област се доуредува согласно најновата ЕУ Регулатива од 2018 година. Имено, се пропишуваат обврски за трговците и снабдувачите на производи што користат енергија, меѓу другото во однос на информации и етикета со која се означува класата на енергетска ефикасност на производот. Министерот донесува правилник за означување на потрошувачката на енергија и другите ресурси за производите што користат енергија во кој детално се пропишуваат производите кои треба да бидат означени, начинот на означување и определување на класите на производите, формата и содржината на етикетата, начинот на вршење на контрола и надзорот од страна на Државниот пазарен инспекторат, како и обврските во врска со извештаите кои се доставуваат до Агенцијата.
Со Предлог-законот исто така се пропишуваат и правила за еко-дизајн на производите што користат енергија или имаат влијание на потрошувачката на енергија. Согласно членот 44 од Предлог-законот, овие производи можат да се стават во промет и/или ставаат во употреба само доколку ги исполнуваат утврдените технички барања во врска со еко дизајнот на производите и ако се означени во согласност со прописот кој ги пропишува барањата за еко дизајн на соодветната група на производи. Владата донесува уредба со која се пропишуваат постапките, генеричките и специфичните барања за еко дизајнот, внатрешната контрола и системите на управување со оцената на сообразност, обврските на трговците, снабдувачите и увозниците на производи што користат енергија, динамиката и роковите за примената на барањата за еко дизајн, начинот на вршење на инспекцискиот надзор, како и другите правила во врска со еко дизајнот на производите кои користат или имаат влијание на енергијата. Инспекцискиот надзор за исполнувањето на барањата за еко дизајн и надзорот на пазарите во врска со еко дизајнот на производите ги врши Државниот пазарен инспекторат.

12. Надзор

Надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на Законот врши Министерството. Исто така, Министерството врши надзор над работењето на Агенцијата и законитоста на работата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон и прописите донесени согласно овој закон. Регулаторната комисија за енергетика врши надзор над спроведувањето на обврските на вршителите на регулирани дејности пропишани во согласност со Законот, a согласно овластувањата пропишани со Законот за енергетика. Инспекциски надзор врз спроведувањето на Закон и прописите донесени врз основа на овој закон во однос на означувањето на потрошувачката на енергија и другите ресурси и еко-дизајнот за производите што користат енергија ги врши Државниот пазарен инспекторат.

Лицата од јавниот сектор се должни согласно член 11 став (5) да определат одговорни лица од редот на своите вработени или да ангажираат надворешно стручно лице, најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето на сила на овој закон. Лицата од јавниот сектор за просториите и зградите кои се изнајмени во моментот на стапување на сила на овој закон, се должни да прибават соодветен сертификат за енергетски карактеристики на згради од сопствениците на зградите во рок од една година од денот на влегувањето на сила на овој закон.

Големите трговци имаат обврска да ја спроведат првата енергетска контрола согласно обврските пропишани со членот 15 овој закон или да го достават соодветниот сертификат или интегрираната еколошка дозвола и друга документација со која се потврдува дека воспоставениот систем ги исполнува барањата за енергетска контрола пропишани со Правилникот за енергетска контрола на големите трговци, најдоцна до 31 декември 2020 година.

Операторите на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас, како и операторите на системите за дистрибуција на топлинска енергија согласно членот 21 од овој закон, се должни да направат проценка на намалување на загубите и потенцијалот за подобрување на енергетската ефикасност и да ги достават таквите проценки до Регулаторната комисија за енергетика најдоцна до 30 јуни 2020 година.

Обврската од членот 35 став (3) од овој закон (доказ за спроведената анализа за можната употреба на високоефикасни алтернативни системи), ќе се применува за барањата за одобрение на градба кои се поднесуваат по 1 јули 2020.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје