ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
13.09.2019 👁 Прочитано: 639

БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ


Првиот Балкански претприемачки самит почна со јасни и конкретни пораки. Најуспешни во животот се оние кои се храбри. Постојат многу книги и факултети за претприемништво, преку кои се учи како се креира бизнис идеа, бизнис план, како се формира корпоративно претпријатие, но тие не не` учат на најважното - како се создава инстинкт. Потребно е на претприемништвото во иднина да му се даде поголем приоритет. Нема развој на претприемништво без квалификувани работнци.

Во организација на Стопанската комора на Македонија и центарот за неформално образование Creative Hub, а подржано од Владата на Република Северна Македонија и Амбасадата на Швајцарија во земјата, денеска (13.9.2019 година) се одржува Балканскиот претприемачки самит, во „DoubleTree by Hilton“ – Скопје.

Самитот кој има обемна целодневна агенда распоредена во 4 панел дискусии и презентирање на лични успешни претприемачки искуства, почна со поздравни обраќања на премиерот и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Зоран Заев и д-р Кочо Анѓушев.

Премиерот акцентот на своето излагање го стави на интегрирањето на земјата во евроатланските организации, интензивирање на регионалната соработка и подршка на владините политики за поттикнување на економскиот раст што крајно треба да услови подобар животен стандард на сите граѓани во земјата.

За да се успее во Бизнисот мора да се изградат партнерства, вели Заев, а економијата е сферата каде најлесно се гледаат ефектите од добрите политики кои се преземаат за подршка на претприемништвото. Во таа насока преку активните владини мерки Премиерот најави дека фокусот во оваа, но и следната година ќе биде во развивање и менаџирање на талентот, инвестиции во човечки капитал како основа за раст и порача дека секој што сака да успее во бизнисот треба да разговара со успешните претприемачи.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори д-р Кочо Анѓушев, цитирајќи ја позната мисла од Линколн дека ако сакате да може да ја предвидувате иднината постои еден начин, а тоа е да почнете да создавате, им порача на младите претприемачи - да го следат и да го развиваат инстиктот, но и да сонуваат, бидејќи само оној кој сонува може да стигне и до реализирање на сонот, односно визијата.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава Сибил Сутер Техада, упати порака дека еден од клучните фактори за развој на македонското претприемништво е земјата да има високо квалификувани работници, но и силна вклученост на приватниот сектор во образованието доколку сакаме професионално изградени работници. Не помалку важно вели амбасадорката е и вложувањето во истражување и развој, но и подршка од државата во целиот процес. Имајќи во предвид дека земјата исто како и Швајцарија е мала, претприемачите треба да бидат подготвени за регионално односно глобално интегрирање.

Ние, новата генерација на бизнисмени веруваме дека она што можеме  да го понудиме е еднакво добро како во Лондон или Њујорк иако сме свесни дек аусловите не се исти. Денес сме тука да запознаеме нови соработници, можеби и идни бизнис партнери, но и да слушнеме различни пристапи и да создадеме нови идеи за раст и развој на нашите компании – истакна Аријана Коскарова, извршен директор на Creative Hub.

Во име на Стопанската комора на Македонија в.д. Извршниот директор Билјана Пеева-Ѓуриќ, посочи дека претприемачките способности на двајца млади македонски претприемачи оваа година кои се  дел од елитното друштво на „Форбс под 30“ за Европа во категоријата „Социјални претприемачи“ беа препознаени од Стопанската комора на Македонија и токму затоа, и најстарата бизнис асоцијација Стопанската комора на Македонија на Аријана и Бојан Коскарови кои се основачи на моделот за иновативно неформално образование „Creative Hub“ им даде шанса и заедно со нас денес се организатори на овој Балкански претприемачки самит.

Оваа силна поддршка, укажува на фактот дека претприемништвото сите овие години има големо значење, но и дека во суштина, претприемачите се креатори на работни места, обучувачи, иноватори, креатори, преземачи на ризик, активни членови во заедницата и движечка сила во рамките на конкурентноста и растот на економија. Токму од тие причини, потребно е на претприемништвото во иднина да му се даде и поголем приоритет, потенцираше Пеева-Ѓуриќ.

Градењето стратегија за претприемништво има за цел да ја зголеми самодовербата за претприемачките потфати, при што ќе ги оспособи граѓаните да имаат целосна и ефективна улога во идниот развој на економијата на заедницата. Но од друга страна, претприемничкото образование не е насока за сите граѓани да отворат сопствени бизниси, туку да ги натера младите лица да размислуваат позитивно, да им даде можност за реализирање на идеите, да стекнат самодоверба за постигнување на своите цели и да ги искористат своите таленти за изградба на подобро општество од економска, но и од социјална гледна точка.

Она што сакам да го нагласам тука, а е најголемиот предизвик со кој се соочуваат компаниите на Балканот е неспорно предизвикот од недостаток на квалитетна работна сила, што е тема и на еден од панелите.

Стопанската комора на Македонија активно работи и кон креирање подобри бизнис услови за сите бизниси, за сите компании во Македонија, без разлика дали се големи или мали, домашни или странски.

Најголем дел од активностите на Стопанската комора на Македонија се во корелација со состојбите во македонското стопанство и се насочени кон подготовка на мерки кои Стопанската комора на Македонија активно ги промовира до креаторите на економските политики. Пред се` како најактуелни во моментот, тука се мисли на условите за создавање квалификуван кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на труд; градење на конкурентноста преку намалување на бариерите во трговијата; креирање на извозно ориентиран модел на раст; финансиската поддршка на индустријата; воведување на иновациите и унапредување на технолошкиот развој; дигитализацијата и поголема интернационализација на бизнисите, констатира Извршниот директор на Комората.

Инаку, во рамки на првиот панел насловен како „Градење Синергии“, модериран од Игор Босилковски, уредник на листата на Форбс под 30 (Forbes under 30), говореа млади претприемачи од регионот, кои ги пренесоа своите искуства, како успеале да се изградат како успешни претприемачи растејќи во балкански амбиент. Александар Најделов, Бојан Костов, Фатмир Хусенбелиу и Евангелос Андрикопулос, во своите излагања подвлекоа дека Балканот е место каде сеуште мораш да знаеш истовремено многу работи, да си снаодлив  и да бидеш подготвен на промени за да успееш, но сепак клучно е да имаш визија.

Идеата за организирање на Балканскиот претприемачки самит доаѓа од потребата за обединување на претприемачите во насока на интензивирање на регионалната соработката, преку користење на искуствата од светските брендови од една страна, но и успешните приказни од соседството, за кои допрва ќе се говори во светот.

Самитот продолжува.....

Даниела Михајловска Василевска
Михајло Донев

БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ
БАЛКАНСКИ ПРЕТПРИЕМАЧКИ САМИТ