Индустријата 4.0 во фокусот на дискусиите на „Копаоник бизнис форум 2020“

Индустријата 4.0 во фокусот на дискусиите на „Копаоник бизнис форум 2020“

Третиот ден од „Копаоник бизнис форум 2020“ е со исцрпна агенда. Поголемиот дел од панел-дискусиите се поврзани со т.н. четврта индустриска револуција (Индустрија 4.0) и нејзиното влијание на разновидните бизнис-сектори. На пример, ќе се дискутира за банкарската индустрија и Индустријата 4.0. Дискусијата покажа голема и незапирлива поврзаност на банкарскиот бизнис и процесот на дигитализација. Тука не се мисли само на можноста за плаќања преку интернет и мобилен телефон (и часовник, во најново време), туку и на „блокчеин“-технологијата, алгоритми и користење на „машини што учат и помнат“ во банкарските операции.

Во друга панел-дискусија се разговараше за случувањата во хотелскиот бизнис на Западен Балкан, за новоотворени сместувачки капацитети, за последиците од затворање на локални авиокомпании, за корона вирусот и сл.

Во текот на денот има и серија панел-дискусии што се примарно фокусирани на српските компании и нивните предизвици. Во кондиторската индустрија тие се соочуваат со долги периоди на чекање на граница за проверка на суровините што ги увезуваат и апелираат времето на чекање да се скрати.

Понатаму, во однос на потребата за реструктурирање на компании во државна сопственост на Србија, како, на пример, поштата, железницата, дистрибуцијата на земниот гас итн., се бараат начини како тоа да се направи на најдобар начин. Сé поинтензивно се разгледува опцијата за нивна приватизација.

Дел од агендата е посветен и на панел-дискусии поврзани со климатските промени, градежната индустрија, одржливото земјоделство, иднината на образованието, спречувањето на одливот на мозоци, итн. Еден од двата специјални настани во текот на денот е посветен на меѓународната арбитража и Индустријата 4.0., на кој ќе се обрати Илија Митрев Пенушлиски, Македонец кој живее и работи во Париз.

Останува заклучокот дека „Копаоник бизнис форум 2020“ успева да обезбеди присуство на висок калибар на учесници и гости и да одржи завидно високо ниво на квалитет на дискусиите.   

М-р Зоран Јовановски

Служба за информирање при Комората